Христијани во светот, но не од светот
Христијаните живеат на земјата, но над сè земно; меѓу луѓето, но над сè човечко;
ограничени, но слободни; притеснети, но од ништо поробени;
во светот немаат ништо, но сите богатсва се нивни; живеат двоен живот – едниот презирачки, а другиот грижлив; преку смртта се бесмртни;
со откажување од нештата се соединети со Бога; не знаат за страсна љубов, туку горат од Божествена и бестрасна љубов; нивното наследство е Изворот на светлината..
Но, ако според Павловото учење и зборовите на Христос, како прва и најголема заповед треба да се почитува љубовта, на која висат целиот закон и пророците (Мат. 22, 37-40; 1 Кор. 13, 13), тогаш треба да се држиме до неа, како што јас мислам – љубов кон сиромашните, сожалување и сострадање кон оние кои се од нашиот род.
Зашто ниту едно служење не Му е толку угодно на Бога како милосрдието, бидејќи тоа Му е Нему најсродно, пред Тоа лице одат милоста и вистината (Пс. 88, 14) и Нему Му приличи дарот на милосрдие, над секој суд. Праведниот Дарител, Кој ја постави на кантар Својата милост, со Своето човекољубие нема ништо така да награди како нашето човекољубие.
Затоа, според заповедта која нè учи да се радуваме со радосните и да плачеме со оние кои плачат (Рим. 12, 15), должни сме да ги отвориме дверите на милосрдието за сите сиромашни, сите кои страдаат, од било која причина; должни сме, како луѓе, на луѓето да им принесуваме жртви на добри дела, без разлика поради која причина бараат помош:
вдовство или сираци, или прогонство од родниот крај, или суровост и годрост од владетелот, или нечовечко собирање данок, или од убиствената рака на разбојникот, или алчноста на крадецот, или заплена на имотот, или бродолом.
Зашто сите тие имаат исто право на сожалување, и еднакво гледаат на нашите раце, како што и ние своите очи ги насочуваме кон Божјата десница, барајќи добра од Бога.
Свети Григориј Богослов