НАХРАНИ ГО ГЛАДНИОТ…

„И така, боледуваш ли телесно, боледуваш ли душевно, ако сакаш да се исцелиш од несреќите – самиот излези во пресрет на Божјата благодат што те повикува.

Не само да просиш во молитва, туку барај и чукај на вратата на Божјото милосрдие преку своите добри дела, а најмногу – преку делата на милосрдието, пројавено кон твојот ближен, и верувај дека тие врати ќе се отворат за тебе и ти ќе го добиеш саканото исцеление…

Светата Црква ти ги нуди своите благодатни лековити средства, а ти погрижи се да ги искористиш како што треба; таа ќе те ослободи во таинството Покајание со власта, која и` е дадена, од твоите гревови, а ти избави се од непријателот, простувајќи и помирувајќи се со него, и измиј ја душа со солзите на покајанието; таа ќе те нахрани во таинството Причест со бесмртната храна – со Христовото Тело и Крв, а ти претходно очисти се себеси за таа небесна трпеза со пост и молитва, сам во името Христово

нахрани го гладниот,

напој го жедниот, облечи го голиот,

утеши го болниот, посети го затворениот во темница!

Светата Црква за исцелување на телесните немоќи ќе ти го понуди таинството Елеосвештение, а ти самиот најди момент да ја излекуваш оскрбената душа на беспомошното сираче, стани за него татко и мајка, направи што можеш за него.

Та нели и додека лежиш на постела во болест, можеш – навистина можеш – да вршиш дела на милосрдие кон својот ближен, ако Господ те благословил со земни блага!

Само прави го тоа смирено, во името на Божјата заповед; прави го, ако тоа е можно, тајно; ти самиот бараш милост кај Бога – тогаш стори му милост на твојот ближен и Бог нема да ти ја откаже Својата милост.

Ете што значи да излезеш во пресрет на сè исцелителната Божја благодат.

И така, принудувај се, брате, да вршиш добро колку што можеш.

Господ ќе види твојот труд, ќе погледне милостиво на смерниот напор, со кој ти се самопринудуваш да вршиш добри дела во Неговото име, ќе погледне милостиво на твојата духовна ништожност и ако твоето тело боледува или пак душата страда, Тој ќе те исцели со Својата благодат.

 

 

 

ИЗВОРМаран Ата
Претходна статијаTи благодарам… (Молитва на Свети Симеон Нов Богослов)
Следна статијаЗапамтете, Бог никогаш не ја пали светлината за таа потоа да згасне!