СВЕТЛИНА НА УМОТ (16.06.2018 11:48)

„Светило за телото е окото. И така, ако твоето око биде чисто, и целото твое тело ќе биде светло; ако, пак, твоето око биде лошо, целото тело ќе ти биде темно. И така, ако светлината, што е во тебе, е темнина, тогаш каква ли ќе е темнината?“ (Матеј 6, 22–23).

Знаете од Светите Отци дека умот се нарекува и око на душата. Ако суштината на умот, во срцето, е чиста, што значи просветлена, тогаш и нашата душа и нашето тело ќе бидат светли; а, ако пак, суштината на умот е извалкана и затемнета, од прифатените и на дело спроведени гревовни помисли, тогаш и нашата душа и нашето тело ќе бидат темни. И телото е учесник во несоздадената светлина на преображението, ако сакаме – зависи од нас самите.

Ако направиме споредба помеѓу денешното евангелско четиво (види: Матеј 6, 22–33) и она со запалената свеќа (види: Матеј 5, 14–16), би можеле кажаното да го објасниме и вака:

Оној што запалил свеќа, на првиот степен од својот духовен развој – очистување, е тој што доволно ја очистил енергијата на својот ум. Ова очистување се нарекува и прво гледање на несоздадената божествена светлина и се достигнува со послушание.

Кога запалената свеќа не се поклопува со сад, тоа значи дека оној што доволно ја има очистено енергијата на умот, првото гледање на несоздадената светлина, кое се случува во умот и разумот, не го употребува за судење и за осудување на ближниот.

Судењето и осудувањето е грев, а гревот ја задушува светлината, која е очистувачката благодат.

А кога свеќата не се става под одар, тоа значи дека првата светлина не се употребува само за интелектуално надградување, туку за севкупно преобразување на сите душевни и телесни сили.

Користењето на првата светлина само за интелектуалното надградување, прво, го ограничува нејзиното дејствување („ставање под одар“), а потоа и наполно ја задушува.

Знаењето гордее и создава поделби, а љубовта смирува и соединува во заедница.

Со континуирано продолжување на правилниот подвиг започнува да се чисти поконкретно и суштината на умот, која е во срцето.

Кога суштината на умот доволно ќе се очисти, се случува отворање на срцето, појавување на несоздадената благодат и молитвено симнување на умот во него.

Очистувањето и просветлувањето на суштината на умот се нарекува и второ гледање на несоздадената божествена светлина, и се случува на вториот степен од нашиот духовен развој – просветлување.

Сега светлината, поставена на свеќникот, а тоа е нашето срце, може слободно да дејствува. Во оваа светлина лесно се забележува секој гревовен двиг на срцето и душата, како и помислите што сакаат да влезат однадвор.

Веќе, ваквата светлина тешко може да се поклопи под сад и да се задуши, за тоа е потребно пад во голем грев; а уште помала е можноста под одар да се стави, затоа што потребата од интелектуално знаење на тој степен е безначајна.

И запамтете, Бог никогаш не ја пали оваа светлина за таа потоа да згасне, туку „ја наместува на свеќник, за да ја гледаат светлината оние што влегуваат!“

Ако светлината се разгорува и засилува преку постојан напор да се пребива во умно-срдечната молитва и преку подвигот на љубовта кон непријателите, тогаш таа го одведува својот „сопственик“ до третиот степен на духовниот развој, наречен обожение.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

Претходна статијаНЕ, БОГ НЕ НЕ` ОСУДУВА…!
Следна статијаЧУДОТВОРНИ ИСЦЕЛЕНИЈА – СВЕТИ НИФОНТ