Свети Јован Лествичник
ЛЕСТВИЦА
Слово четвртоː ЗА БЛАЖЕНОТО И НЕЗАБОРАВНО ПОСЛУШАНИЕ
„Душата којашто постојано мисли на исповед, исповедта како со узда ја спречува да не греши, зашто гревовите што не ги исповедаме веќе ги вршиме без никаков страв.“
О, послушен сине Господов, нека не те прелести духот на гордоста и не кажувај му ги твоите гревови на својот учител во трето лице, како да ги извршил друг.
Бидејќи од срамот не можеш да се ослободиш без срам. Не плаши се, речиː
„Моја рана е тоа, отец. Мој белег. Никој не ми го направи, само мојата лекоумност. Никој друг не е виновен – ни човек, ниту дух, ниту тело – туку само мојата небрежност.“
На исповед биди како осуденик и по надворешниот изглед и во длабочината на душатаː падни ничкум и ако е возможно ороси ги со солзи нозете на својот судија и лекар како да се Христови.
Демоните често имаат обичај да ни советуваат или воопшто да не се исповедуваме или да го правиме тоа во трето лице или својата вина да ја префрламе врз други.
Ако сѐ зависи од навиката и по неа се поведува, дотолку повеќе тоа важи за добродетелите, коишто Го имаат Бога за свој голем соработник.
Ако од самиот почеток со сета своја душа се предадеш на секакво понижување, нема, синко, долго време да се трудиш и ќе почувствуваш блажен мир во себе.
Сум видел како осудениците со држење што предизвикува сожалување, со одлучно признание и молејќи на колена ја ублажуват строгоста на судијата и неговиот гнев го преобразуваат во милосрдност.
Затоа и Јован Предвесник од оние што му доаѓале барал да се исповедаат пред крштението (Мат. 3, 6 Марко 1, 5), не затоа што нему самиот тоа му било потребно, туку затоа што се грижел за спасението на тие луѓе.
Не треба да нѐ чуди ако и по исповедта се најдеме во борбаː подобро е да се бориме со нечистотиите одошто со гордоста.
Изворː ЛЕСТВИЦА, ТАБЕРНАКУЛ 2003.
Подготви: Светланка Трајчева