(Вољата Божја да се исполни во нашите животи, да се молиме – старец
Нашите молитви не се услишени затоа што не сме достојни. Човекот треба да е достоен за да се моли. Ние не сме достојни бидејќи не го љубиме нашиот ближен како самите себе.
Што говори Христос?
И така, ако принесуваш дар ма жртвеникот и таму се сетиш дека брат ти има нешто против тебе, тогаш остави го дарот таму, пред жртвеникот па отиди и најнапред помири се со брата си, а потоа дојди и пренеси го дарот. (Мат. 5, 23-24).
Пред да пристапиш на молитва, отиди и помири се со братот свој, замоли за прошка за да станеш достоен. Ако тоа не се случи нема да можеш да се молиш. Ако си недостоен, не можеш ништо да направиш.
Кога се ќе доведеш во ред и ќе се подготвиш, тогаш отиди и принеси го својот дар.
Достојни стануваат оние кои сакаат и жеднеат да станат Христови, кои се предаваат на Божјата волја. Да немаш своја волја е нешто многу драгоцено, тоа е се`.
Слугата нема своја волја. Одрекувањето на својата волја може да се добие на еден едноставен начин – да ја предадеш својата љубов кон Христа и да ги исполнуваш Неговите заповеди.
Кој ги има заповедите мои и ги пази, тој е оној што ме љуби; а кој Ме љуби Мене, возљубен ќе биде од мојот Отец; и Јас ќе возљубам, и ќе му се јавам Сам. (Јов. 14, 21).
Подвигот е неопходен. Нам ни претстои битка против господарот на темниот свет (Ефес. 6, 12). Ние мораме да стапиме во битка со лавот кој рика (1 Пет. 5, 8). Не смееме да допуштиме во борбата да победи лукавиот.
Поради тоа неопходни се солзите, покајанието, молитвата, милостињата, молитви следени со верата во Христа, а не маловерието.
Само Христос може да не спаси од мачната осаменост. Молитва, покајание и милостиња. Ако немате пари дајте макар чаша вода. И знајте, што повеќе се осветувате, толку повеќе ќе бидат услишани вашите молитви.
Да не го присилуваме Бога со молитвите. Да не Го молиме да не избави од се и сешто, од болести или нешто слично, или пак да ги реши нашите проблеми.
Туку да просиме од Него цврстина за да поднесеме се`. Како што Он со добрина тропа на вратата од нашата душа, така и ние добродушно Го молиме за она што го сакаме. Ако Господ не ни одговори, треба да престанеме да се молиме за тоа.
Ако Бог не ни го дава она за што ние упорно се молиме, тогаш за тоа има некоја причина. Бог исто така има Свои „тајни“.
Ако веруваме во Неговата промисла, ако веруваме дека Нему Му е познато апсолутно се во нашите животи и секогаш Го сака доброто за нас, зошто да не се надеваме на Него?
Да се молиме едноставно и мирно, без страсти и на сила. Знаеме дека минатото, сегашноста и иднината се познати и откриени пред Бога. Како што кажува апостолот Павле:
И нема создание сокриено за Него, туку се е голо и откриено за очите на Оној, пред Кого ние ќе одговараме (Евр. 4, 13). Да не изнудуваме ништо.
Таквиот напор носи штета, а не добро. Да не тежнееме да го добиеме она што го сакаме, туку да го препуштиме на Божјата волја. Бидејќи што повеќе жеднееме за нешто, тоа се повеќе се оддалечува од нас.
Значи неопходни се трпението, верата и мирот. Дури и ако заборавиме на тоа, Господ никогаш не заборава, и ако ни е тоа од корист, Он ќе ни го даде она што ни е потребно.
Во молитвата да бараме спасение на нашата душа. Зарем Бог не рече барајте го најнапред царството на Бога… и сето тоа ќе ви се придаде (Мат. 6, 33; Лука 12, 31)?
Лесно, навистина лесно може Христос да ни го даде она што го бараме. Погледнете на тајната. Тајната воопшто не се состои во тоа непрестано да се има на ум барање на нешто конкретно.
Тајната е во тоа човекот некористољубиво да се моли за соединување со Христос, не говорејќи „дај ми го ова или она..“.
Доволно е да се каже: „Господе Исусе Христе помилуј ме“. Бог нема потреба да дознае од нас што ни е потребно. Он сето тоа го знае неспоредливо подобро од нас самите и ни ја дава Својата љубов.
Задачата се состои во тоа на таа љубов да се одговори со молитва и чување на Неговите заповеди. Да се молиме да се исполни волјата Божја. Тоа е најкорисно и најбезбедно за нас и за оние за кои се молиме.
Христос ќе ни даде се` во изобилие. Кога постои макар и најмал егоизам, од сето тоа нема ништо.
За да се открие Христос самиот Себе внатре во нас нашето срце треба да биде чисто.
† † †
Овие денови сите православни христијани беа израдувани од веста дека великиот старец и Христов човек, старецот Порфириј Кавсокаливит е вброен во хорот на Светите. Во очи денот на неговото прославување сакаме да поделиме со вас некои од неговите мисли кои се однесуваат на мисијата и односот со ближните.
Позната и света е неговата мисла:
„Работете непрестано и неуморно, брзајте да стигнете секаде, на сите проповедајте го Христа, паѓајте од умор трудејќи се за Христа и за Неговата Црква, не жалете ја својата младост…
Се` давајте за Христа и за Неговата Црква! Таа треба да расте, а ние да се смалуваме со смиреност…“
† † †
„Во беседите не зборувајте многу за религиите – тогаш ќе победите.
Дозволете човекот кој има друго мислење да го излие, да зборува и зборува… Тој нека почувствува дека се сретнал со спокоен човек.
Делувајте на него со добронамерност и молитва, а потоа кажете неколку зборови. Нема да направите ништо ако зборувате остро, на пример му речете: „Ти лажеш!“ Што ќе биде од сето тоа?
Вие сте како овца помеѓу волци (Мат. 10, 16). Што да правите? Бидете мирни и молете се во себе. Бидете подготвени, бидете образовани, бидете храбри но со светост, кроткост и молитва. За да постапувате вака треба да сте свети.“
† † †
Еднаш старецот ми рече:
„Ти си побожен човек. И сакаш да ги натераш своите блиски луѓе исто така длабоко да веруваат и да се побожни како тебе. Мислиш дека така ќе успееш нешто? Само ќе има штета.
Принудувањето поттикнува отпор кај луѓето. Ти му велиш на човекот „направи го тоа“, а тој не сака бидејќи ти си му рекол. Во него се крева бран на отпор и тој ќе ги игнорира твоите зборови.
Меѓутоа ако ближниот согледа дека и ти правиш нешто можеби ќе почне и тој да прави нешто. Човекот ќе те гледа и ќе размилсува: „ако тој прави можам и јас“.
† † †
„Оние што молчат се молат за сите. За целата Црква, за свештенството, за монасите. Нашата Црква во денешно време поминува низ криза“.
† † †
„Фанатизмот нема врска со Христос. Биди вистински христијанин! Тогаш нема никого погрешно да разбереш и со твојата љубов се ќе покриеш. И кон иноверниот биди христијанин.
Тоа значи: да ги почитуваш на учтив и племенит начин не обрнувајќи внимание на нивната религија. Можеш да му се најдеш на муслиман во неволја, да разговараш, да се дружиш со него.
Треба да ја почитуваш туѓата слобода. Како што Христос стои пред вратата и тропа и не отвора со сила, туку чека човековата душа слободно да го прими, така и ние треба да се однесуваме кон секоја човечка душа.
Во мисионерското делување треба да се применуваат методи како другите души би го примиле она што го нудиме – зборови или книги – без немили реакции.
Уште нешто: што помалку зборови. Зборовите често и ги нервираат луѓето.
Одзивот, напротив, пронаоѓа молитва и живот. Животот восхитува, препородува и преобразува, додека зборовите остануваат бесплодни. Најдобрата мисионерска работа се остварува со нашиот пример, љубов и благост.
† † †
„Мојот пријател и јас тргнавме да завршиме една работа во манастирот; со нас во автомобилот беше и старецот Порфириј: во еден миг сватив дека поминуваме покрај имот кој го поседуваа Јеховини сведоци.
Почувствував како ме обзема потиштеност и одвратност поради душегубното делување на тие секташи, кои наместо да се покајат за својот грев, настојуваат да ја поколебаат верата во Христа кај оние „за кои Христос умре и воскресна“.
Старецот само молчеше.
Во еден миг се запрашав што старецот мисли за ова. Зарем не се гуши гледајќи ги тие луѓе и нивните дела? Но веднаш го слушнав старецот како ми рече:
„Бог нека се смилува и на тие јадни и лажни Јеховини сведоци. Некои христијани се гушат, некои се препираат со нив и ги укоруваат, а некои ги гонат на суд.
На тој начин секташтвото не може да биде сузбиено. Знаете ли како може да биде сузбиено?
Така, што ние треба да станеме свети.“
Старец Порфириј
Превод: ѓакон Димитар Арсовски објавено во „Троичник“