При првото Христово јавување на учениците отсуствувал апостолот Тома.

Меѓутоа, по осум дена, т.е. следната недела, и тој се удостоил со Христовото јавување и откровение (Јн. 20, 24-29).

Според светиот Григориј Палама, Христос секогаш се јавува на соборот на учениците, а Тома не можел да Го види затоа што отсуствувал. Меѓутоа, кога следната недела се нашол помеѓу учениците, и тој се удостоил co тој голем опит.

Затоа тој советува (свети Григориј) да не отсуствуваме од Неделните собранија (Литургии), затоа што ќе ни се случи тоа што му се случи на Тома.

Меѓутоа, постои и една подлабока причина поради која Тома не се удостоил првиот ден да Го види Христа. Тома, како што толкува блажени Теофилакт, бил колеблив и го сметал за невозможно Христовото Воскресение.

Значи, немал достигнато соодветна внатрешна духовна состојба за да Го види Воскреснатиот Христос. Претходно веќе нагласивме дека Христос им се јавувал на оние кои се наоѓале во таква состојба, при која тоа јавување дејствува спасително, а не пеколно.

Тома изгледа немал достигнато духовна зрелост каква што барал овој настан.

Впрочем, Христовото чекање цела седмица за да се јави, ја имало за цел неговата душевна подготовка. Христос одлагал толкав временски период да го посети, затоа што требало да биде катихумен кај неговите соученици, да биде поучуван во тајните на јавувањето, за да се развие голем стремеж, но и да изрази покајание за своето неверие, за да дејствува спасително Христовото јавување.

Откако Тома соодветно се подготвил, и тој станал богослов при Христовото јавување и исповедал: Господ мој и Бог мој (Јн. 20, 29).

Овие зборови ја покажуваат неговата сигурност за двете Христови природи и за едната Личност, бидејќи Господ ја означува човечката природа, Бог ја означува Божјата природа, а тие две се соединети во Воскреснатиот Христос (блажени Теофилакт).

Така, значи, Тома не бил неверен во смисла на атеист, туку неверен во смисла дека не бил во состојба да ја прими верата од созерцание.

Прво, голем временски период минал во верата no слушање, а потоа достигнал во верата по созерцание.

Постои јасна разлика помегу атеистот, кој е и антитеист, и неверниот или колебливиот во смисла дека има вера по слушање, но не вера по созерцание.

Пренесено од книгата “Господовите празници” (Воскресение Христово) од Митрополит Јеротеј Влахос

 

 

Претходна статијаПедесетница – ПРВИТЕ ХРИСТОВИ ЈАВУВАЊА ПО ВОСКРЕСЕНИЕТО (Дарот на Светиот Дух)
Следна статијаХРИСТОС ВОСКРЕСНА! (Да не празнуваме панаѓурски и световно, туку божествено и натсветски)