Меѓу првите Христови јавувања што се случиле во денот на Воскресението се и Неговото јавување на учениците, и тоа првиот пат кога се наоѓале во куќата, кога отсуствувал Тома, и следната недела, пo осум дена, во присуство на Тома (Јн. 20,19 – 29).

При Своите јавувања Христос им дава дарови. Првиот дар е мирот, а вториот дар е Светиот Дух, Кој им бил даден за да простуваат гревови. Никој не може да даде нешто што нема.

Тоа значи дека Христос како Бог е мир, бидејќи мирот е енергија на Триедниот Бог, и co Своето вочовечување и co Својата жртва ги измири небесните co земните, ангелите co луѓето, луѓето co Бога, луѓето co целокупното создание и секако, ги измири сите сили на душата.

Исто така, Го дава Светиот Дух, бидејќи Светиот Дух почива во Синот. Личностите на Светата Троица имаат заедница и единство, според суштината и енергијата, бидејќи се еднославни, единосуштни и едносилни. Светиот Дух исходи од Отецот и се испраќа преку Синот.

Прашањето е: која е разликата помеѓу дарот на Светиот Дух веднаш по Воскресението и слегувањето на Светиот Дух врз  учениците на денот на Педесетницата?

Знаеме дека учениците Го примиле Светиот Дух на денот на Педесетницата. Според тоа, како се вели дека Христос им дал Свети Дух веднаш по Своето воскресение?

Свети Григориј Богослов учи дека јасно станува збор за различен степен на дејство на Светиот Дух. Светиот Дух бил постојано соединет co Синот, бидејќи и вочовечувањето на Синот се случи co содејството на Светиот Дух, а, исто така, и целото дело на Синот се случуваше co содејството на Третата личност на Светата Троица.

Според тоа, Светиот Дух дејствувал во учениците, колку што можеле да примат, во три степени и времиња, т.е. бледо, појасно и посовршено.

Светиот Дух дејствувал во учениците бледо пред Христовото страдање преку силата што ja имале примено за да ги изгонуваат духовите и да ги исцелуваат болестите. Исто така, во времето кога учениците Го следеле Христа, се очистувале co дејството на Светиот Дух.

Потоа, Светиот Дух дејствувал повеќе по Воскресението, и тоа како побожествено вдахновение. Христос, веднаш по Своето воскресение, им Го дал на учениците светиот Дух поради две причини.

Прво, за да ги подготви за големото примање на Светиот Дух на денот на  педесетницата. Никој не може да го прими највисокиот степен на дејство на Светиот Дух, ако не се подготви соодветно.

Второ, затоа што овој дар на светиот Дух се однесувал на отпуштањето на гревовите, а не на учеството во Светиот Дух.

Според учењето на светиот Григориј Палама, едно е учеството во Светиот Дух, a друго е отпуштањето на гревовите преку дејството на Светиот Дух.

Меѓутоа, на денот на Педесетницата духовно подготвени го примиле големиот дар и станале членови на воскреснатото тело Христово. На денот на Христовото Воскресение, Христос се’ уште бил надвор од учениците, a на денот на Педесетницата учениците станале членови на Христовото тело.

Старец Порфириј

 

 

Претходна статијаХРИСТОС И НЕГОВИТЕ ДВЕ ПРИРОДИ…
Следна статијаВОСКРЕСЕНИЕ – АПОСТОЛ ТОМА (Вера по слушање или вера по созерцание)