Дома Празници ВОСКРЕСЕНИЕ ПРЕКУ СВОЈОТ ИСИХАСТИЧКИ НАЧИН НА ЖИВОТ!

ВОСКРЕСЕНИЕ ПРЕКУ СВОЈОТ ИСИХАСТИЧКИ НАЧИН НА ЖИВОТ!

0
695

Велика Сабота, денот кога Христовата душа co Божјата природа се наоѓаше во Адот, а телото заедно co Божјата природа се наоѓаше во гробот, при што беше победена и моќта на ѓаволот и на смртта, Православната црква го смета за голем ден, бидејќи е поврзан co неделата.

Bo литургиските текстови, седмиот ден на создавањето, во кој Бог по создавањето на светот и на човекот „одмори од сите Свои дела”, се поврзува co Велика Сабота, ден во кој одмори и Христос од сето она што го направи за спасението на човекот. Затоа, како што пееме, ова е благословената Сабота.

Поради таа причина, Мојсеј определил во седмиот ден, сабота, што значи одмор, Јудејците да се одмораат и тој ден да се посветува на богослужението и на молитвата. Заповедта била јасна:

„Првиот ден да се нарече свет собор, а и седмиот ден да ви биде особено свет.

Никаква работа да не вршите во тие денови. Освен за јадењето, за кого колку што треба, само тоа можете да го правите” (2 Мојс. 12,16).

Постои толкување според кое заповедта за неработење во сабота била дадена од Бога главно и пред се’ поради повторното создавање и обновувањето на човекот, што требало да се случи преку жртвата и смртта Христова на Крстот, co Христовото слегување во Адот и co поништувањето на гревот и на смртта (Јосиф Калотетис).

Секако, треба да се нагласи дека почетокот на пресоздавањето и на обновувањето се случи на Велика Сабота, но видливиот и чувствен почеток на повторното создавање се случи во неделата, кога Христос воскресна видно од гробот (свети Никодим Светогорец).

 

Затоа и ние, иако ја почитуваме саботата, сепак, повеќе ја почитуваме неделата, која ја сметаме за ден на повторно создавање. Во секој случај, ја почитуваме и саботата, според зборовите на светиот Герман, патријарх Константинополски: Да се почитува оваа сабота, како ден на нашето пресоздавање.

Саботата во Православното предание има и едно друго значење. Всушност, го претставува починокот на човекот, исихазмот, односно т.н. свештено тихување, co сета негова содржина.

Апостолот Павле, откако наведува дека празнувањето на саботата е неопходно за народот Божји, советува: да се потрудиме да влеземе во таа починка (Евр. 4, 11).

Светиот Григориј Палама ќе рече дека кога човекот ја оддалечува секоја помисла од умот и кога co постојана и непрестана молитва умот ќе се врати во срцето, тогаш влегува во Божествената починка, т.е. во боговидението, во созерцанието на Бога.

Таа починка, тој исихазам, не е недејствителност, туку е големо движење. Како што Бог, иако одмори во седмиот ден, но, сепак, продолжи да го управува светот co Својата несоздадена енергија, така и човекот кога се наоѓа во состојба на духовно созерцание, го врши најголемото дело, се соединува co Бога и потоа го љуби сето она што го љуби и Бог.

Затоа можеме да кажеме дека е можно човек да го живее Христовото Воскресение преку својата починка, т.е. преку својот исихастички начин на живот. Колку што некој влегува во Божественото саботување, односно во Божествената починка, толку и го доживува Воскресението.

Пренесено од книгата “Господовите празници” од Митрополит Јеротеј Влахос