Во Евангелието според Јован најопширно се опишани поединостите во врска со тоа, како Господ Исус Христос пред апостолите укажувал дека Јуда ќе биде Неговиот предавник.
Ова може да го објасниме со фактот што светиот апостол и евангелист Јован бил најблиску до Господа Исуса Христа на Тајната вечера, та дури и главата си ја навалил на Него и затоа тој можел да ги чуе сите зборови Христови.
Тој, како што забележал во Своето евангелие, откако се навалил на градите Исусови и му рекол:
„Кој е Господи“, Исус одговорил: „ ,Оној е, на кого Јас ќе му натопам залак и подадам.‘ И кога натопи залак му го подаде на Јуда Симонов Искариот“ (Јован 13,25-26).
Тропар:
Кога славните ученици на миењето пред вечерата се просветуваа,
тогаш Јуда злочестивиот од среброљубие боледувајќи – се помрачуваше,
и на беззаконни судии Тебе праведниот Судија те предава.
Види ги, љубителу на имотност, оние што заради тоа се самоубија!
Бегај од ненаситност, душо, против Учителот со тоа дрзнувајќи:
Ти кој за сите си Добар, Господи, слава Ти!