МОЛИТВА ЗА ПОКАЈАНИЕ КОН ГОСПОД ИСУС ХРИСТОС

Помилуј ме, Боже, помилуј ме!

Душо моја, душо моја, стани, зошто спиеш?

Крајот се наближува и ќе се сматиш.

Освести се за да те сожали Христос Бог, Којшто е насекаде и се` исполнува.

О, тешко на мене грешниот!

Повеќе од сите други сум за оплакување, нема во мене покајание, но подари ми,

осподи, солзи за горко да ги оплакувам своите дела.

 

Безумен, непокајан човеку, го губиш времето во мрзливост. Помисли на животот, сврти се кон Господа Бога и оплакувај ги горко своите дела.

Кога ќе бидат поставени престолите на страшниот суд, тогаш делата на сите луѓе ќе бидат разобличени.

Горко ќе им биде на грешниците, зашто ќе бидат испратени во мака. Кога тоа го  наеш, душо моја, покај се за твоите лоши дела.

Праведниците ќе се зарадуваат, а грешниците ќе се расплачат. Тогаш никој не ќе може да ни помогне, нашите дела ќе бидат осудени.

Заради тоа пред крајот покај се од своите лоши дела.

Овде патот е широк и пријатен за сладострастија, но ќе биде горко во последниот ден кога душата ќе се разделува заради царството Божјо.

Зошто го одминуваш бедниот, зошто му ја ускратуваш платата на работникот, зошто не го љубиш својот брат и одиш по блудот и гордоста?

Остави ги таквите работи, душо моја, и покај се заради царството Божјо.

О, безумен човеку, до кога ќе се измачуваш како пчелата и ќе собираш богатство?

Скоро тоа ќе се изгуби како прав и пепел. Барај го повеќе царството Божјо.

Спомни си, човеку, како поради гревовите си заробен од лаги, од клевети, од грабежи, од слабости и од лути ѕверови. Грешна душо моја, тоа ли го посакуваш?

Ми трепери телото, зашто со сите делови сторив грев:

преку очите со поглед, преку ушите со слушање,

преку јазикот со злоречие и целиот се предадов на геената.

Грешна душо моја, тоа ли го посакуваш?

Кој прави такви нешта како мене?

Како свињата што лежи во калта, така јас лежам на гревот, но Ти, Господи, избави ме од тие гнасотии и дај ми срце да ги исполнувам Твоите заповеди.

Освести се, непокајан човеку, и побрзај при Бога, спомни си на прегрешенијата, падни пред Создателот, заплачи и офкај, а Тој како милосрден ќе ти даде ум да ја запознаеш неговата воља.

Душо моја, зошто се збогатуваш со гревови?

Зошто ја вршиш волјата на ѓаволот? На што се надеваш?

Престани со тие работи и сврти се кон Бога со плач и викај:

Милосрден Господи, помилуј ме мене грешниот.

Помисли си , душо моја, на горкиот час на смртта и страшниот суд, на Твојот Создател и Бог, зашто ќе те земат ангелите и ќе те поведат во вечниот оган.

Затоа покај се пред смртта и викај:

Господи, помилуј ме мене грешниот!

Не надевај се, душо моја, на минливото богатство и на неправедно собраното, зашто не знаеш на кого сето тоа ќе му го оставиш, но викај:

Христе Боже, помилуј ме мене недостојниот!

Спомни си, душо моја, на вечниот живот, на небеското царство приготвено за светиите, на постојаната темнина и Божјиот гнев кон лошите и викај:

Христе Боже, помилуј ме мене недостојниот!

Падни, душо моја, пред Божјата Мајка и помоли се, зашто Таа е брза помошница на оние кои се кајат, ќе го помоли Својот Син и ќе ме помилува мене недостојниот.

Како да не плачам кога ќе си помислам на смртта; зашто го видов братот како лежи в гроб обеславен, што понатака чекам и на што да се надевам, освен:

Господи, дај ми покајание пред крајот!

Покаен канон кон Господ Исус Христос и од Великиот канон на преподобниот Андреј Критски)

Претходна статијаТИШИНАТА НА ДУШАТА – СТОЕЊЕ ПРЕД БОГА! (“Пронајди ја вратата на внатрешната одаја од својата душа и ќе откриеш дека тоа се вратите од Царството Небесно”.
Следна статијаШТО Е ХУЛА НА СВЕТИОТ ДУХ, ГРЕВ КОЈ НЕ СЕ ПРОСТУВА? (На ваши прашања одговара отец Горан Стојчевски)