Почитувани!
Пред некој ден изгубив многу блиска и сакана личност, мојот вујко. Болката е неиздржлива, особено што сум далеку од дома.
Се прашувам, зошто така требало да биде? Зошто да замине толку добар човек?
Може ли за утреха да ме упатите како со Божја помош да продолжам да го живеам мојот живот, после оваа навистина огромна загуба и што да правам?
Благодарам
Одговор од отец Горан:
Коренот на христијанската вера е Воскресението Христово, кој верува во Христа и Неговото Воскресение се надева и на општото воскресение преку кое како што вели св.апостол Павле сите ќе се сретнеме во Господа.
Затоа, никогаш не треба да престанат молитвите за нашите покојни бидејќи преку Литургијата на Цркава ние повторно сме во единство преку Христа со сите кои ги споменуваме на Литургијата, живи и покојни, а во Бога сите се живи.
Што се однесува на прашањето зошто умираат добри луѓе, тоа е тајна како што и самиот живот, тајна откринена само за Бога и со наш живот во Бога.
Има една јапонска поговорка која нека ви биде утеха, и вели, кога ќе влезеш во градина кој цвеќиња ги береш?
Најубавите!
Како да живеете со Бога, тоа ќе го дознаете штом ќе дојдете на исповед, а свештеникот кој ќе ве исповеда ќе ви даде начин на пост, молитва, читање на Светото Писмо: Евангелието и Апостолот, присуство на Литургија и благослов за причестување.