Исцеление на фатениот (03.03.2018 12:07)

Еднаш веќе ви зборував дека и верата или верувањето многу зависи и се разликува од тоа на кој степен од духовниот развој се наоѓа човек. Она во што уште верува и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на чистење на срцето од страстите, веќе е знаење и опит за оној кој е на вториот степен, а не прашање на вера.

Она во што уште верува и кон што се стреми оној кој се наоѓа на степенот на просветлување на умот, веќе е знаење и опит за оној кој е обожен, а не прашање на вера.

Но, за да премине верата во знаење и опит, потребни се голем подвиг (благодарност) и смирение. Таков подвиг и смирение гледаме и во напорот, пред сè, на фатениот да дојде до Христос Богочовекот (види: Марко 2, 1–12).

Внесувањето преку покривот на куќата со надеж за исцеление, а наместо тоа јавно да ја слушне само причината за својата болест (гревот) и без помисла да го прифати сето тоа, зарем ова не покажува смирение и благодарност?

Да, однесувањето на фатениот покажува дека тој ја освестил причината за својата болест, а тоа е гревот, како што потврди и Христос, и со смирение и благодарност ја прифаќа Господовата одлука, сметајќи се себеси недостоен и за толку – да му ги прости „само“ гревовите.

Прифаќањето на Божјото слово за нас, прифаќањето на Божјата волја за нас и прифаќањето на Божјата промисла за нас, со смирение и благодарност, истовремено значи и наше отворање и наше прифаќање на Божјата благодат.

Следствено, тоа значи и наше исцеление, и душевно и телесно. Второ нешто што истакнува денешното евангелие е и гревот и отпаѓањето од Бог како причина за нашите болести, и душевни и телесни.

Трето нешто што е истакнато во денешното евангелие е и вистината дека Господ Бог е единствениот Кој има власт да ги простува гревовите.

Вистинското покајание е неповторување на гревот. Дека гревот вистински е простен, исто така, се препознава од неповторувањето на гревот.

Оној што има вистинско покајание ќе добие и вистинско простување на гревот од Самиот Господ, што значи и исцелување од последиците на гревот, и чистење на срцето од страстите, и неговото отворање за умно-срдечната молитва. Вистинското простување на гревот и исцелувањето на неговите последици не е ништо друго туку возобновување на нашата заедница со Бог, во Богочовекот Исус Христос, во Црквата.

Токму овој момент, простувањето на гревот, е причина за помислите на книжниците. Тие знаат од Книгите на Законот дека единствено Бог има власт да простува гревови.

Затоа немаше можеби и ништо да помислат ако Христос само го исцелеше фатениот, зашто тоа ќе беше само уште едно исцеление од многуте кои во тоа време Он ги правеше; но, објавата на простувањето ги соблазнува.

Заради нивно обраќање и спасение, Христос постапува по редот по кој следуваат настаните: прво јавно простува, па потоа и јавно исцелува. И на крај, ем љубовно – без да ги кара, како што Он знае кога ќе види непокајание – им ги открива помислите на нивните срца, ем им ја пројавува Божјата сила и власт од Себе со исцеление на фатениот.

Ова го потврдува и самото евангелие: така што сите [без исклучок] се дивеа и Го славеа Бог, велејќи: „Никогаш вакво чудо не сме виделе!“

Пресвета Богородице, по молитвите на свети Григориј Палама, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

 

Претходна статијаНЕКА ДОЈДАТ ВАМУ, ДА ИМ ГИ ЦЕЛИВАМ НОЗЕТЕ! (Свети Нифонт)
Следна статијаШТО ПОДРАЗБИРАМЕ ПОД – БЛУД…? (Јеромонах Атанасиј Арсоски)