Почитувани од `Покајание`!
Маката е помала кога ќе се сподели, па замолувам за сугестија.
Со мажот ми сме во брак 23 години. Но, овој брак е многу тежок. Тој има проблем со алкохолот и има лошо пијанство. Кога ќе се напие станува друг човек, полн со недоверба, љубомора кон мене, ме презира, омаловажува, трпам неправди и не се чувствувам добро, страдам.
Но, не само јас, туку и децата и мајка ми. Јас сум воцрковена, постам, се исповедам и причестувам, а тој не сака да оди во црква и го измачува тоа што одам во црква, што постам и барам кога е потребно да се воздржуваме од телесни односи.
Порано повеќе се лутеше, а сега стана поладен, не ме гушка, едноставно како да престана љубовта меѓу нас. Не е послушен за добри совети да го остави пиењето. Пуши по две кутии дневно и се гледа дека е разочаран, потиштен. Со мене не сака да дели кога му е тешко, оти немал доверба во мене.
Постариот син неможејќи да ги слуша нашите кавги се симна на долниот спрат да ја дели собата со бабаму, мојата мајка. Тој има 22 години,повлечен е, не излегува, не работи, пие лекови против депресија.
А татко му не го повикува да разговараат и да го решат проблемот, туку вели дека детето треба да се покори на родителот, дека синот е тврдоглав, мрзлив, а кога ќе му спомнам дека не е добар со здравјето и психички (веројатно заради проблемите во домот), а и физички (има комплекс поради проблеми со кожата: акни и себореа), сопругот вели дека јас и баба му сме го направиле таков.
Гледајќи колку е ладен кон своето чедо, многу се разочарувам и си велам:
Тој спрема своето чедо (најмилото) не попушта, а не мене да ме сака и почитува. Затоа се` повеќе ми се наметнува желбата за развод како најдобро решение и здобивање на мир.
Кога бев кај Преподобниот игумен за совет, тој ми рече на извесен период да се разделиме, а не да се раведеме. Проблемот е што живееме во мојот дом и што сум предлагала да се разделиме, но брзо попуштав, не одев на сила, ми стануваше жал, а тој не сака да замине. Само молчи, некое време не пие, не се извинува и потоа пак по старо.
Сакам да се разделиме, но во исто време оваа мисла ме измачува. Незнам како да ја спроведам и дали ќе згрешам пред Бога ако јас инсистирам на тоа, а животот со него ми е се` потежок, нема никаков напредок и се чувствувам како да сме двајца странци.
Очајна сум хронично, молам за совет и од отецот Горан.
ОДГОВОР ОД ОТЕЦ ГОРАН СТОЈЧЕВСКИ
Споменавте дека веќе сте воврковена и во послушание кон отецот кој беше спомнат. Најдобро ќе биде да се видите уште еднаш со него, пак да поразговарате и тој да ви даде даде поука, да ве усмери, доколку е ваш духовен раководител.
Сепак и во краен случај одлуката за развод треба да ја донесете сама, а опцијата како до разводот и што по него ќе си поразговарате со вашиот духовен отец.
Би додал од досегашно искуство на оваа тема и ќе констатирам дека довербата во денешно време има предност над љубовта и тие `две` стануваат и две крила во брачниот живот без кои не се може, како постот и молитвата без кои не се лета кон вечноста.
Затоа, денес треба да се внимава да не се наруши довербата, оти има големо влијание на љубовта како емоција, оти тешко да очекуваме дека некој ќе ја разбере Љубовта Божја која стои над сите наши гревови, не само како прошка, туку како на повторно прифаќање како негови деца.
Но, ете, луѓе сме, слаби сме и штом се наруши довербата, љубовта оладува и ако не се трудиме нешто да се поправи само се зголемува оттуѓувањето.
Жално е, но тоа е, сепак сето ова е привремено. Бог треба да го ставиме на прво место, Он ќе не научи што е тоа љубов.
Посакувам од сѐ срце, секое добро во Бога!