ПOСТАРИОТ СИН (07.02.2018 )

 

„А постариот негов син беше в поле; и на враќање, кога се приближи до куќата, чу песни и извици. Па како повика еден од слугите го праша: ’Што е ова?‘ А тој му рече: ’Брат ти си дојде, и татко ти го закла угоеното теле, оти го виде здрав‘. Тој се налути и нејќеше да влезе“ (Лука 15, 25–28).

Еве како реагираат оние што се од ’Стариот Завет‘; оние што мислат дека се на првиот степен – чистење на срцето од страстите, а што не внимаваат на своите страсти (на страста на умот, гордоста); оние што имаат високо мислење за самите себе; оние што неправилно се подвизуваат; оние што ја злоупотребуваат првата благодат, т.е. плодовите од гледањето на првата светлина; оние што другите ги осудуваат, а самите себе се оправдуваат; оние што мразат и завидуваат.

„Тогаш излезе татко му и го молеше“ (Лука 15, 28).

Што гледаме? Непроменет и константен татковски однос и кон постариот син, поточно, кон сите Свои деца кои ги создал, без оглед на нивниот однос кон Него.

Еве ја најпрвин бедната слика на самооправдувањето:

„А тој му одговори на татко си и му рече: ’Еве, ти служам толку години и никогаш не прекршив твоја заповед‘“ (Лука 15, 29). А еве ја и целата слика на демонската опседнатост откако ќе се доврши со осудувањето: „И мене не си ми дал ни едно јаре за да се провеселам со моите пријатели, а кога дојде овој твој син, кој го упропасти твојот имот со блудници, за него ти го закла угоеното теле“ (Лука 15, 29–30).

Да, најпрвин Бог Го осудуваме во самите себе, пред да го осудиме конкретниот човек! Односно, за да го осудиме конкретниот човек, најпрвин ги злоупотребуваме плодовите од гледањето на првата светлина (голото знаење).

И додека се самооправдуваме и сакаме да се прикажеме праведни – „никогаш не прекршив твоја заповед“ – веќе исто толку грешиме и ги прекршуваме сите „исполнети“ заповеди дотогаш.

Очигледно, постариот син само формално ги исполнувал Татковите заповеди, додека така одговарало на неговиот наемнички интерес и однос. Да ги исполнувал навистина сите негови заповеди, сигурно би се восовршил духовно во личниот однос со својот Татко.

Но, тука нема ни трага од личен однос. Ако забележувате, постариот син во ниту едно обраќање не го ословува својот родител со зборот „Татко“, како што и во ниту еден момент не го осудува својот помлад брат поради нарушување на односот Татко – син, туку поради упропастување на имотот.

„А тој му рече: ’Синко, ти си секогаш со мене и сè мое е твое; но требаше да се зарадуваме и развеселиме, оти овој твој брат беше мртов и оживеа, изгубен беше и се најде‘“ (Лука 15, 31–32).

Навистина, човек самиот себе, со своето однесување, се осудува и се одделува од заедницата со Бог, грешејќи кон својот ближен. Наместо да се радуваме со својот ближен, ние му завидуваме и го мразиме поради неговите успеси. Да не зборувам и за обидите да му попречиме и да му наштетиме.

И тоа му го правиме на нашиот ближен, со кого Богочовекот Христос се поистоветува. Како што читаме во Светото Евангелие:

„Доколку не сте го направиле тоа на еден од овие [Мои] најмали браќа, и Мене не сте Ми го направиле!“ (Матеј 25, 45). Забораваме дека на тој начин стануваме богоборци. А Бог, смирено и трпеливо, на сите ни вели: „Синко… сè Мое е твое…“

И уште нешто: Духовниот отец никогаш не смее да го остави своето духовно чедо без благослов, па макар и во случај кога тоа сака да си замине од него.

Тој благослов може да биде даден и усно, и премолчно, и на дело. Тој благослов може да биде даден и со опомена и без опомена. Но, тој благослов мора да биде даден, ако духовниот отец е вистински татко.

Со тој благослов, духовниот отец ќе сострадува со своето духовно чедо и ќе го покрива и штити со својата љубов и со молитвата каде и да е тоа и колку и да греши. Со тој благослов никогаш нема да се прекине заемната врска, за духовното чедо да има, ако му затреба еден ден, каде да се врати…

Значи, при непослушанието и предвременото заминување на духовното чедо од својот духовен отец, проблемот не се состои во убедување и одвраќање од намерата, туку во тоа да се овозможат услови за враќање.

Митрополит Струмички Наум

Претходна статијаПОЛНЕТИ СУВИ ПИПЕРКИ – посен рецепт
Следна статијаШТО Е ПОСТ? (Св. Јован Златоуст)