Старче, некогаш лошо им се обраќам на постарите. Сфаќам дека грешам, и тоа често го исповедам.

– Бидејќи го сфаќаш тоа и се каеш поради тоа, малку по малку ќе се замразиш себеси на вистински начин, ќе се смириш. Тогаш ќе дојде Божјата благодат, а лошата навика ќе исчезне.

Старче, понекогаш од љубов се шегувам и им дофрлувам на сестрите, но се плашам од дрскоста.

Ти си млада; не оди! Обично, во едно семејство постарите си играат и се шегуваат со младите, а не младите со старите. Така се радуваат и младите, а се радуваат и старите. Не личи некое детенце да се шегува /мајтапи/ со дедото или со бабата.

Можеш ли да замислиш едно дете, без никаква потреба, да почне да го чешка својот татко по вратот? Друго е кога некој постар чепка некое детенце, па детето е весело и опуштено. Така возрасниот човек станува како дете и заедно се радуваат.

Старче, кога на некој постар ќе му го кажам своето мислење во врска со нешто за што помислата ми говори дека не е во ред, а тој тоа не го прифати, треба ли да се согласам со тоа?

Не, не согласувај се со злото. Кажи го она што е правилно, но на добар начин. „Можеме ли тоа да го направиме? Тоа ти го кажувам како мислење”.

Или речи му:

„Имам таква и таква помисла”.

Тогаш стануваш како магнет и ја привлекуваш Божјата благодат. Има некои кои од навика, а не со цел да го кажат своето мислење, зборуваат дрско. Во секој случај, како и да е, постарите треба да се почитуваат. И старите, на некој начин, очекуваат почитување.

Ако има некои недостатоци, сепак има и добро во себе; има искуство и спично на тоа. Ти, кога ќе те прашаат, кажи ја својата помисла смирено и со почит, не верувајќи дека тоа е така како што велиш ти, зашто другиот, можеби знае нешто што не знаеш ти или има предвид нешто за што ти не си размислувал.

Кога некој е млад, и ако, на пример, слушнал разговор за некој проблем и помисли нешто што мисли дека е правилно, ако пред него се наоѓа негов врсник, треба да рече:

„Имав помисла. Ако другиот е постар, треба да му рече: „Имав хулна помисла”. Се’ што кажува, и да е правилно, тоа е дрскост, доколку не е одговорен /за тој проблем/.

Кога велите „постар”, мислите ли на години или на духовниот живот?

Главно на години. Зашто, и самиот гледаш, оној што напреднал во духовниот живот, ги почитува постарите.

Дали е разумно, старче, некој повеќе да почитува некој помлад, кој повеќе напредувал во духовниот живот, од некој постар, кој помалку напредувал?

Не, тоа не е правилна поставеност. Каков и да е постариот, треба да го почитуваш поради неговите години. Постариот ке го почитуваш поради годините, а младиот поради духовноста. Кога постои почит, младиот го почитува постариот и постариот го почитува младиот. Во почитувањето е љубовта. Апостол Павле вели:

Кому данок – нека му се даде данок; кому царина – царина /Рим. 13, 7/.

Дали е зло кога младите им забележуваат на старите?

Тоа е типично за новата генерација. Но, во Светото писмо пишува: Ако згреши против тебе братот твој, оди и искарај го насамо /Мт. 18,15/, а не: ако ти згреши твојот татко.

Денешната младина секогаш мисли дека е повикана да каже нешто, бунтовнички е настроена, а не го сфаќа тоа. И уште ваквото однесување го сметаат за нормално. Зборуваат бесрамно, а ти велат:

„Па, само бев отворен”.

Под влијание се на светскиот, мангупски дух, кој ништо не почитува. Во односот на младите кон старите нема почит, а младите не сфаќаат дека тоа е големо зло. Кога млад човек ти вели дека почитта кон постарите е нешто заостанато, за, божем, да се искаже како личност, што можеш да очекуваш? Треба многу да се внимава.

Современиот дух на овој свет говори:

„Не слушајте ги родителите, учителите…” Затоа денес најмладите деца – се најлоши. Најголема штета трпат особено оние деца, чии родители не сфаќаат колку зло им нанесуваат воодушевувајки им се и сметајќи ги за важни додека зборуваат бесрамно.

Во ќелијата ми дојдоа две дечиња од осум-девет години заедно со својот татко. Едниот го зедов од десната, а другиот од левата страна. Тука беше и еден мој познаник, иконописец, многу добро момче и уметник; за час, так-так, го наслика едното дете.

-Дионисие, му реков, нацртај ги децата вака како што седиме заедно.

– Ке видиме дали ќе успеам, затоа што мрдаат.

Извади еден лист хартија и почна да црта. Тогаш едно од децата скокна и рече:

-Ајде бре, будало, баш да видиме што ќе направиш! – а беа присутни повеќе луѓе!

Момчето воопшто не се вознемири.

– Такви се денешните деца, оче – рече, и продолжи да црта.

Мене ми зовре крвта. А таткото на детето се однесуваше како ништо да не се спучило! Да му зборуваат такво нешто на човек од триесет години, а тој уште да ги црта! Каква дрскост, непочитување и што уште не!…

Страшно! Ајде сега, на пример, некое од овие деца да изрази желба да стане монах. Колку труд е потребно за едно такво дете да стане вистински монах!

Кога не внимаваат мајките, пропаѓаат децата.

Мајките се во основата на се’. Во Русија, ако нешто се сменило, тоа е затоа што мајките скришно ја одржувале верата и побожноста, помагајќи им со тоа на своите деца. За среќа, се’ уште постои малку квасец во христијанските семејства, инаку ќе бевме изгубени.

Старче, може ли таквите деца да се сменат или да станат монаси кога ќе пораснат, ако го сакаат тоа.

Ако сфатат дека не е добро она што го правеле, Христос ќе им помогне. Значи, ако влезе добар немир во човекот, готово е. Но, ако сметаат дека се во право и зборуваат за игуменот или за игуменијата:

„Што, зар ние овде имаме диктатор? Каде си слушнал за такво нешто во наше време?”, како да се поправат? Верувајте, има монаси кои ми зборуваат и такви глупости.

Малку по малку, почитувањето целосно се изгуби. Во ќелијата ми доаѓаат млади, и повеќето од нив седат со скрстени нозе, а постарите нема каде да седнат. Други, иако гледаат дека труповите се малку подалеку од нив, ги мрзи да направат два чекори и да ги земат за да седнат. Треба јас да им ги донесам.

И ме гледаат како ги носам, но не приоѓаат да ми помогнат. Сакаат да се напијат вода, но не одат сами да земат. Треба јас да им донесам и друга чаша.

Не, навистина, имам силен впечаток; така стројни јунаци; ми дојдоа заедно околу триесеттина; ме гледаа дека носам кутија локум и бокал со вода и носам чаши за да ги послужам, гледаа дека се мачам и никој не мрда.

Стана да ми помогне еден офицер, кој ги имаше преживеано сите војни. Мислеа дека и во ќелијата, како во некој ресторан или хотел, доаѓа келнер. Пет-шест пати морав да се измачам да донесам вода и да ја ставам пред нив.

„Ќе ви донесам вода, момци, но тоа нема да ви биде од корист!”, им реков на крајот.

Во градскиот превоз гледаш дека младите седат, а старите стојат. Младите седат со скрстени нозе, а возрасните стануваат за да му отстапат место на некој старец. Младите не ги отстапуваат своите места. „Платив за седиштето”, велат, и продолжуваат да седат не водејќи грижа за никого. А каков дух владееше некогаш! Жените кои седеа од десната и од левата страна на патот, стануваа кога ќе поминеше свештеник или некој старец; на тоа ги учеа и своите деца.

Колку пати сум бил огорчен! Постари, сериозни луѓе, можеби и со некој висок чин, разговараат, а деца дрско им упаѓаат во разговорот за да зборуваат глупости и уште тоа го сметаат за успех. Им даваш до знаење да престанат, но ништо.

Треба добро да ги искараш за да престанат; поинаку не може! Ниту во еден Отечник не пишува младите така да зборуваат.

Старечникот вели:

Старецот рече, а не: рече младиот. Некогаш младите не зборуваа пред постарите и се радуваа на тоа. Не ни седеа во присуство на постари. Беа срамежливи, одмерени, се црвенееја кога ќе зборуваа со некој постар. И ако некое дете им зборуваше лошо на своите родители, од срам не смееше да излезе надвор.

И на Света Гора не можеше да пееш на певница, ако немаше бела брада. А сега можеш да видиш како пеат и искушеници и оние кои се’ уште не се ни искушеници!… Ајде, нека им биде, но барем да се учат на почитување и одмереност.

Денес можеш да видиш како ученик од Атонијадата му зборува на ректорот, кој, покрај тоа, е и владика:

„Свети ректоре, ќе разговараме како еднакви”. Ете, до каде дојдовме! За злото да биде уште поголемо, уште ти вели:

„Зошто, што ти реков? Не разбирам”.

Не вели:

„Простете, дали имам благослов да изнесам една своја помисла? Можеби тоа е бесмислено”, туку – збор по збор, како ништо да не се случило. „Твое мислење и мое мислење”. Разбираш? Овој дух, за жал, влезе и во духовниот живот и во монаштвото. Слушаш како искушениците велат:

– Му го кажав тоа на старецот, но тој не ме разбира! Повторно ќе му кажам.

– Добро, како смееш да речеш „повторно”? Тоа е исто како да си рекол: „Старецот не се поправи”.

– Зошто? – вели. – Зар не можам да го кажам своето мислење?

Ти доаѓа да пукнеш од таквите работи. И на крајот уште ти вели:

– Се насекира? Прости ми.

Бара прошка, но не за она што го рече, туку затоа што ми го крена притисокот!

Пренесено од книгата “Со болка и љубов кон современиот човек” од Старец Пајсиј Светогорец

Претходна статијаДАЛИ НЕКОЈ САКА ДА ГО ВИДАТ ТОГАШ КОГА ГРЕШИ? (Што Свети Антониј подучува?)
Следна статијаДАЛИ СЕ МОЛИМЕ ПРЕД СВЕТАТА ПРИЧЕСТ? (Со оган се причестувам)