Поради што, кои и какви категории на луѓе одат кај бајачите?

Најчеста причина за одење кај богоборните бајачи и гатачи е незнаењето на православната вера, а особено болестите, маките, животниот неуспех и разните лични проблеми.

Луѓето имаат прифатено една теорија, според која не треба да имаме никаков проблем, никаква болест, несреќа, туку се’ треба да ни врви подмачкано, како во холивудски филм.

Во Божествениот Домострој на спасението Христос беше затворен, плукан, тепан, распнат, страдаше и умре на крст, заради нас и нашето спасение, но и воскресна по сите тие страдања кои ги претрпе.

Co тоа ни остави пример дека до воскресенска радост се стигнува само преку страдање, преку доброволно носење на крстот т.е. страдањата и болестите во животот, а не преку уживање и комфорен живот.

Трнлив е патот и тесни се вратите кои водат кон рајот, а широки се оние кои водат кон пеколот и вечната погибел. Бегајќи од телесните страдања, самите паѓаме во прегратките на пеколот.

Многу светители страдале од разни болести или биле навредувани, измачувани, но сето тоа го претрпеле co благодарност кон Бога и затоа Бог ги наградил co светителски и маченички венци.

Некои луѓе одат кај бајачите затоа што нивните деца или самите тие имаат проблеми co стапување во брак или пак имаат лоши бракови. И самите тие инсистираат нивните деца да стапат во брак co личноста, за Koja родителите сметаат дека треба да им биде идна снаа/зет.

Но, од каде таква сигурност, дека баш таа личност ќе биде од Бога благословена за брак co нивното чедо?

Што ако Бог промислил и благословил поинаку? Што ако таквиот брак заврши трагично по некоку години? Кој ќе ја сноси одговорноста?

Некои одат поради болести на нивните деца. Имено, често пати од незнаење и некористење на стручна литература, младите парови не знаат како да се справат co своите бебиња. Па така; единствени советници им се нивните баби и сосетки, кои од нивно време знаат да ги решаваат сите проблеми само co баење, гатање и разни амајлии.

Па така, обично пo две недели од раѓањето, бебињата кои цицаат добиваат грчеви во стомакот поради насобраните гасови и почнуваат силно и често да плачат, стискајќи ги нозете кон стомакот.

Младите родители, не знаејќи што да прават одат кај разни „баби” – бајачки, кои ги лажат дека децата имаат шилци и им даваат да посеат некое семе во некоја земја и кога ќе никнело семето, ќе поминеле и болките на детето.

Нормално, грчевите поминуваат за неколку месеци, во исто време ќе никне и семето, а родителите ќе се ослободат од една мака, но несвесно ќе станат вечни робови на бајачите.

Потоа за секоја болест, плачење, немир, повраќање за кои има стручно медицинско објаснување и лек, тие ќе се обраќаат кај бабите-бајачки.

Децата може да плачат кога им е жешко или ладно или им се јаде или им се спие, или имаат грчеви во стомакот (во првите месеци) или кога има кавги пoмeѓy родителите, немир во куќата и нивните нежни души така реагираат на сите овие ситуации. А родителите, наместо да се преиспитаат, да прашаат педијатар или детски психолог, веднаш итаат кај бајачките.

Има случаи кога навистина децата може да бидат урочени од злобни и завидливи луѓе, но затоа постојат молитви кои се читаат во црква против уроци и таму треба да се оди, a не кај бајачи и гатачи.

Оние кои одат по бајачи и гатачи и земаат од нив разни амајлии и заштитници, самите си го внесуваат ѓаволот во својот дом.

Најбитно за децата е да бидат крстени и да се носат во црква на света Причест. За децата не треба никој да пости, туку може да се причестуваат секогаш, на секоја Литургија, но најдобро е кога и родителите ќе се научат да живеат побожен живот co пост, молитва, исповед и причест и во таквите семејства никакви уроци или зли влијанија немаат никаков ефект.

Исто така, кај бајачите одат и родителите кои имаат веќе големи деца и кои се плашат за своите деца да не им останат немажени/ неженети. Грижата на родителите е разбирлива, секој родител посакува добро за своето чедо, но начинот на кој тоа го прават не е благословен и нормален.

Бог не’ љуби и се грижи за сите нас, како за свои деца, и промислува за секого од нас. Некогаш, според Неговата промисла и волја, ни дава и искушенија и болести и страдања, но сето тоа е за наше добро, иако тоа во тој момент не можеме да го увидиме.

Некогаш може да се случи распад на бракот на нашето дете, но тоа не значи дека дошол крајот на неговата среќа. Вториот брак може да биде дури и далеку подобар од првиот.

Некогаш се случува многу брачни парови да немаат деца и сето тоа ги погодува и самите сопружници, но и нивните родители. Бездетноста може да биде од многу причини, но може и Бог намерно да им даде на некои парови бездетност, за тие да посвојат некое од многуте напуштени деца од детските домови.

Исто така, може тоа да им биде како поука да почнаат да Го бараат Господ, да се молат, да се воцрковат, да го насочат правилно својот живот и тогаш Бог ќе им подари дете.

Некогаш поради грешен живот, пред бракот или пак во бракот (заради изневерување), Бог не им дава на сопружниците деца или пак се случува дури и смрт на некое од децата, се’ co цел да се покајат, да се вразумат и да се откажат од страшниот грев на прељубата.

Постојат многу други причини за бездетност, но не треба да заборавиме дека бракот се склопува не само заради раѓање деца, туку заради спасение на сопружниците. А тоа е можно и без деца.

Речиси секоја болест, мака и страдање Бог ни ги дава за наша полза, за да се покаеме и да се откажеме од гревовите или за да си ја засилиме нашата вера, за да научиме нешто во животот и не треба по секоја цена да се обидуваме да ги избегнеме овие страдања од нашиот живот, особено не преку одење кај разни бајачи и гатачи.

Најчести клиенти кај бајачите се обично просечно образованите луѓе, но често има и луѓе co високо образование, угледни, co високи општествени функции, прељубници и прељубнички, неморални, алкохоличари, луѓе co двоен морал, кои не сакаат да се покајат, да го променат на подобро својот живот, туку сакаат ем да им врви се на добро, ем да си грешат колку и како што сакаат.

Заедничко кај сите овие e – незнаењето и неживеењето според нашата Света Православна вера и желбата за инстант, магиско решавање на сите проблеми.

Преземено од брошурата “ПРОТИВ БОГОБОРНОТО И ЦРКВОБОРНО БАЕЊЕ, ГАТАЊЕ, ЈАСНОВИДСТВО” на Повардарската епархија, 2012 година

Ќе продолжи…

Претходна статијаСекој што прави грев, роб му е на гревот. (Јн. 8, 34) – Свети Ефрем
Следна статијаШТО НЕ Е ЈАСНО ? (Сѐ она што сакате да ви прават луѓето, правете им го и вие. (Матеј 7, 12)