АКО ЖИВЕЕМЕ ЛИ, УМИРАМЕ ЛИ – ГОСПОДОВИ СМЕ…

 

„Божествената волја се разликува во зависност не само од времето туку и од местото, луѓето, предметите, исто како и од квантитетот, начинот на дејството и околностите.

И само ли од тоа?

Самиот човек, менувајќи ја својата внатрешна настроеност, многу ја менува и Божјата одлука. И така не е доволно да се знае општото изразување на Божјата волја, туку треба да се знае конкретната пресуда за даденото прашање – да или не – само тогаш е загарантиран успехот.

Главна цел на божествената волја е изразувањето и пројавувањето на љубовта Божја, зашто движечка сила на сите наши дела е токму полнотата на Неговата љубов.

Ако живееме ли, умираме ли – Господови сме (Рим. 14, 8), како што вели светиот апостол Павле, тогаш истото се однесува и на волјата по која трагаме.

Колку и да ни се чини дека таа е наша сопствена волја или волја на некој од луѓето околу нас, центар на нејзината гравитација е Божествената Личност, со Чија сила ние живееме, се движиме и постоиме (сп. Дела 17, 28).

Се сеќавате ли на Господовата молитва во Гетсиманската градина: „Ако е можно нека Ме одмине… но, не како Јас што сакам, туку како Ти“ (Мат. 26, 39)?

Секоја пројава на послушание кон волјата Божја во чија основа не е љубовта кон Него ризикува да остане обично човечко дело, или, поточно, човечко промашување!

Доколку, според зборовите на апостол Павле, сме должни да потчинуваме секаква мисла во послушание на Христа (2 Кор. 10, 5), зашто не припаѓаме само на себеси (1 Кор. 6, 19), тогаш каков одговор ќе се јави во совеста на човекот што сака да биде послушен ако во секој одделен случај не е позната Божјата волја?

Па дури и последувателниот божествен благослов и благодатта кон која се стремиме се јавуваат само при совршено послушание.

„Значи, ако сакате да ја откриете Божјата волја, откажете се сосема од својата сопствена волја заедно со секоја друга мисла или план, и со големо смирение испросете го бараното знаење во молитва.

Тогаш сѐ што ќе ви се обликува во срцето или она што ќе ви легне на срце правете го, и ова ќе биде по Бога. А оние што имаат поголема смелост и навика да се молат за ова, уште појасно го слушаат во својата душа божествениот одговор и стануваат повнимателни во својот живот, трудејќи се ништо да не прават без божествено известување.“

Старец Јосиф Ватопедски

Претходна статијаКратка поука!
Следна статијаГосподи, дај ми трпение , великодушност и кроткост…(молитва)