„….Така што, биди убеден брате, дека само Бог е вистинскиот лекар на душите и на телата, а маѓесниците и демоните не лекуваат вистински туку – навидум.

Да претпоставиме дека по Божјо допуштение го лекуваат телото, но, знај дека го лекуваат со цел да ти ја умртват душата.

Како?

Со тоа што ќе те одделат од верата во Христа, привлекувајќи те да им веруваш и да им служиш. Следствено, каква полза ке добиеш брате,
дури и при услов да ти се излекува телото кое денес е живо а утре – мртво, за времето во коешто се умртвува твојата бесмртна душа?

Каква печалба ќе спечалиш, ако тука добиеш малку здравје, а таму си измачуван вечно?

Плукам на таквото здравје!

Плукам на таквиот живот!

Десет илјади пати попретпочитана од таквиот живот и здравје е смртта, како што кажува Златоустиот Јован:

„Дури ако дејствително лекуваат, подобро е да умреш отколку да се соединиш кон Божјите непријатели и на тој начин да се излекуваш.

Зашто, каква полза има да се излекува телото, откако душата погинала. И каква печалба ќе имаат оние коишто ќе бидат испратени во неизгасливиот оган, ако тука добијат некакво излекување?“

И повторно вели:

„Иако излекувал, демонот повеќе наштетил отколку што помогнал, зашто му помогнал на телото кое бездруго целосно ќе умре малку подоцна и ќе изгние, а ја повредил бесмртната душа“!

Ѓаволот, браќа, е најлукав!

Ќе ви даде малку здравје, само за да ве лиши од рајот, ќе ви го продолжи малку животот, за да ве мачи вечно.

„Не гледаш ли“ – вели Светиот Златоуст, „дека хромиот беше триесет и осум години на одар полумртов, а храбро ја трпеше болеста, очекувајќи ја Божјата помош, без да побара да му баат или да му дадат амајлии.

А, ти христијанину, откако си боледувал малку дни, зошто си толку нетрпелив и трчаш при бајачи и гатачи?

Не гледаш ли дека Лазар преку целиот свој живот лежеше пред вратата на богатиот, со толку многу рани, така што од големата немоќ не можеше дури да ги изгони ниту кучињата кои му ги лижеа раните; и при сето тоа претпочиташе да умре во таква немоќ, отколку да побара амајлии и баења?

А ти, каква прошка ќе добиеш штом за мала температура трчаш при пијани и зли старици?

Зарем не го гледаш оној храбар Јов, којшто подоцна, откако ги загуби децата и имотот, толку многу рани имаше, та од секаде му излегуваа црви и леб не можеше да јаде од смрдеата? И при сето тоа, можеше да се избави со тоа што ќе похули и умре, како што му велеше жена му:

„Кажи некој збор против Бога и умри“.

Но, тој истрпи мажествено и ниту еден хулен збор не изрече од својата уста, а ти зошто имаш толку големо нетрпение и за една сосема мала рана го презираш Христа Бога и верата и светителите, та трчаш при непријателите на Бога – бајачите, гатачите, сновидејците, демоните, за да се излекуваш?

„И каква прошка ќе добиеш за тоа?“ – прашува Свети Јован Златоуст:

Навистина, каква прошка ќе добиеме ние, откако оние поднесоа такви нешта покажувајќи мажественост, а ние трчаме при демонските слуги, бајачите, гатачите и ги каниме во нашите куќи!?

Превод: Мина Даниловска

Претходна статијаГоспод сѐ ќе среди!
Следна статијаДедо Наум – „А кога ќе почне тоа да станува, подигнете ги главите свои…“