„…Првата мудрост е живот добродетелен и пофален, живот очистен или очистување за пречистиот и пресветол Бог, Кој од нас сака една жртва:
да се очистиме со дух и тело – жртва, што Светото Писмо ја нарекува „смирен дух“ (Псал. 50, 17);
„жртва благородна“ (Псал. 49, 23); „нова твар“ (Гал. 6, 15); „новиот човек“(Ефес. 4, 24); и на тоа подобно.
Првата мудрост е – да ја презираш онаа мудрост, што се состои во едни зборови и пресврти на речта, и во излишни и измамливи говорни спротивности.
За мене е подобро да кажам во црквата пет разбирливи зборови (1. Кор. 14,19) отколку илјада само на јазик, кои прилегаат на непознат звук од труба, што не го возбудува мојот воин кон духовна одбрана.
Јас ја фалам и целивам таа мудрост, со која се прославиле малите, за која се претпочитани понижените, со која рибарите ја уловиле во мрежата на Евангелието целата вселена, откако ја победиле шупливата мудрост со кусо и совршено слово!
За мене не е мудар оној, кој е мудар на зборови, кој има превртлив јазик, кој има недобродетелна душа, кој приличи на гроб, однадвор благообразен и убав, а внатре полн со мртви коски и крие страшна смрдеа, а оној, кој, макар и малку да говори за добродетелта, меѓутоа, многу покажува на дело и со својот живот го потврдува своето слово.
За мене е подобра видливата убавина, отколку убавината изразена во зборови, претпочитам богатство, што е во рацете, отколку богатство вообразено на сон;
сакам мудрост, која не сјае на зборови, а да се посведочува на дела, зашто е речено:
„Почеток на мудроста е стравот од Господа; здрав разум имаат сите, кои според неа постапуваат“ (Псал. 110, 10), а не кои само ја проповедаат.
Најверното испитување на таа мудрост е времето, а вистинскиот „венец на слава“ е -„староста е венец на славата, таа води по патот на правдата“
(Изрек. 16, 31).