Ние не се подготвуваме за Причест и затоа не ја чувствуваме.
Ние не се подготвуваме за Причест и затоа не ја чувствуваме, ние не сме подготвени во тој час да го преживееме сето тоа.
Кога некој вечерта седи и гледа телевизија и потоа утредента оди да се причести, тој ништо не може да разбере.
И наместо тоа да си рече – „Јас сум недостоен, а се причестив“, тој вели:
„А сега кога јас се причестив, зошто ништо не се случува“.
А што треба да се случи?
И како може да се случи ако ти не си подготвен? Ти едноставно не си подготвен да почувствуваш.
Некои велат: „Светата Литургија ме оптоварува“.
Но за нешто тебе да те оптоварува, најпрво треба да го преживееш тоа на себеси, па потоа да се чувствуваш оптоварен. А ти што преживеа?
Можеш ли да преживееш некогаш нешто апсолутно во апсолутен степен?
А бидејќи Светата Литургија е Христос, тебе те оптоварува Христос?
Тогаш ти не знаеш што твориш, не знаеш што говориш, и никогаш не си го почувствувал Христос.
Но доколку ти го почувствуваш Него, тебе Он нема да те оптоварува.
Ангелите никогаш нема да престанат да го воспеваат Бога, тоа е нивното дело.
И рајот ќе биде континуитет на бескрајната Света Литургија. Светата Литургија ја разбудува нашата душа кон славословие на Бога, ја буди да се осврне кон небесните дела и да ги подражува ангелите за кои се вели дека непрестајно славословат, Го воспеваат Бога и ним никогаш не им здосадува.
Ангелите Го слават Бога со неизменета желба, бодрост, живост, восхит, како во најпрвиот момент и нивниот восхит постојано расте.
Зошто?
Затоа што тие секогаш гледаат нешто ново во Бога. Бог им открива нова страна на Својата светост, нова страна на своето величие, светлина, додава мир на нивниот мир, љубов на нивната љубов, ликување на нивното ликување.
Ангелите постојано се восхитуваат и кога сакаат да го изразат својот восхит и да се израдуваат на Бога, Бог уште пред да се израдуваат им покажува нешто ново, уште повосхитувачки, и тие уште повеќе се радуваат и тоа никогаш не завршува.
Тоа ќе происходи во вечниот живот за којшто некогашпрашуваат:
„А каква ќе биде Светата Литургија во рајот, како ние ќе живееме во рајот, какви ќе бидеме ние таму?“
Ние таму постојано ќе го прославуваме Бога, затоа што таму ќе гледаме нешто што нема никогаш да нѐ засити, затоа што таму нема презаситеност и крај.
Ние таму ќе го видиме самиот Господ и Неговата љубов. Тоа се случува на Светата Литургија, и секоја Света Литургија
се разликува една од друга.
Различно ја восприемаш кога твојот сопруг лежи во болница.
Тогаш ти вознесуваш друга молитва и тебе поинаку те трогнува Евангелието.
Поинаку го восприема Евангелието мајката која неодамна го изгубила своето чедо.
Кога ќе го слушне Евангелското четиво како Господ го воскресна синот на Наинската вдовица (Лука 6,11-16).
Во тој момент евангелскиот текст ја трогнува различно затоа што таа го преживеала тоа, и знае што значи да го изгубиш сопственото дете.
Словото Божјо е живо, и тука се случува дијалог на Бога со нашата душа.
Поразлично се чувствува тој кој неодамна создал семејство и го започнал својот семеен живот со Светата Литургија, поинаку се чувствува ученикот кој оди на испит, така што сѐ зависи од нашата состојба.
Сето ова ни говори дека Словото Божјо е живо, и тука се случува дијалог на Бога со нашата душа.
Но тоа силно зависи од нашата подготовка. Еден светител се молеше вака:
„Господи, да оживеат срцата наши за да те славословиме Тебе, да се разбудат!“
Еднаш кај старец Пајсиј дојде човек и старецот му рече:
„Дете мое, твојата душа се наоѓа во летаргија, таа е должна да се разбуди. За да можам јас да говорам со тебе и ти мене да ме разбереш, најпрво треба да се разбудиш.
Треба да имаш духовно правило, треба да одиш во црква редовно, колку можеш повеќе, ако можеш три пати во месецот, а ако можеш секоја недела, уште подобро.
И малку по малку твојот ум ќе се отвори, твоето срце ќе се смири, а потоа јас што ќе говорам, ќе можеш да ме разбереш.
А ако сега јас говорам, ти мене нема да ме разбереш, затоа што твојата душа пребива во мрзливост и е во состојба на бесчувствие и рамнодушност, и ти не можеш да ги почувствуваш Божјите дела дури и јас да ги кажам“.
Друг човек, кој имал многу проблеми пристигнал кај старец Пајсиј, и му кажал:
„Отче, имам такви и такви проблеми. Кажете ми што да правам?“
Старецот го прашал: „А ти одиш ли на Светата Литургија?“
„Не одам“.
„Отсега ќе одиш секоја недела“.
„Добро, а за моите проблеми што ќе кажете?“ – тој посакал да ја смени темата.
„Ти ќе го направиш тоа што ти го кажав и ќе видиш. Ќе одиш на Светата Литургија“.
„Да, но јас имам проблеми за коишто јас ви раскажав“.
„Направи го тоа, и ќе видиш!“
Тргнал за дома од Света Гора, малку вознемирен говорејќи:
„Јас толкав пат поминав, а старец Пајсиј ми го кажа и тоа што јас го знам!
Но, што е тоа? Беше потребно да патувам до старец Пајсиј за тој да ми го каже ова? Но нека биде така, и јас ќе сторам како што тој ми кажа“.
Почнал да оди во црква, и проблемите во неговото семејство и на работа постепено почнале да се решаваат. Тоа него го изненадило.
А по година и пол тој видел дека многу работи се поправиле, и тој повторно отпатувал за Света Гора. Тогаш старец Пајсиј го прашал:
„Одиш ли во црква како што ти реков?“
„Одам, отче, и сѐ се устрои. Јас сакам да ми кажете како тоа се случи“.
(Беседа со старец Пајсиј Светогорец)
– Ако се помириш со Бога, сѐ останато малку по малку ќе се реши –
Старецот му кажал:
„Дете мое, ти кога одиш во црква се помируваш со Бога, а кога ќе се помириш со Него, ти не разбираш дека Он ќе ти ги даде тебе сите блага?
Пред да дојдеш кај мене, ти немаше добар однос со Бога, ти Нему му се противеше, беше далеку од Него. А јас ти го кажав коренот на сето тоа:
Ако се помириш со Бога, сѐ останато малку по малку ќе се реши. Затоа твоите проблеми се решија.
Нашето спасение е многу просто. Тоа е блиску, покрај нашите домови, и не треба никаде да се патува, за да се случи тоа, доволно е едно чудо:
Господ да се допре до нашите души, да нѐ разбуди нас, и ние Него да Го возљубиме и посакаме.
Кога на Светата Литургија чувствуваме радост поголема од секоја друга радост, тоа означува дека нашата душа зазорува во другиот живот – ние почнуваме да го претчувствуваме тоа што ќе го чувствуваме во вечноста.
Го молам Бога Он, на нас плотските луѓе заглавени во суетата и во лажливиот свет, да нѐ направи способни да го возљубиме вечното, неизменетото и бескрајното.
На тој начин, недоумиците околу Светата Литургија се решаваат на самата Света Литургија.
Превод од руски јазик:
ВО НАШИТЕ ВЕНИ ТЕЧЕ КРВТА ХРИСТОВА Беседа за Божествената литургија и Светата Причест
Архимандрит Андреј (Конанос)
м-р Момчило Куфојанакис
Извор: Списание „Православна Светлина“