ДАЛИ БОГ КАЗНУВА?
Св. Григориј Богослов, зборувајќи за Второто Христово доаѓање, учи дека Истиот Бог ќе биде „светлина за оние кои го очистиле умот”, „соодветно на чистотата”, а тоа е она што го нарекуваме Царство Небесно, и Истиот Бог ќе биде „темнина за оние кои го ослепиле умот”, а таа темнина ја нарекува оттуѓување од Бога, пекол, „соодветно на нивната слепост”.
Така, рајот и пеколот не постојат од аспект на Бога, туку од аспект на човекот.
Исто така, светите Отци учат дека Бог не казнува, туку ние се самоказнуваме, бидејќи не ја примаме просветлувачката енергија на Божјата благодат.
А бидејќи животот во Христа, како што вели св. Григориј Ниски, е „слободен труд”, затоа секој човек е причинител на својата состојба.
Оној кој што се оддалечува од Бога или, за да се изразам подобро, оној кој што ги движи силите на својата душа противприродно, тој ги вкусува плодовите од своите дела.
Секако, постојат места од Светото Писмо во кои се зборува за Божјиот гнев.
На пример, апостолот Павле пишува во едно свое послание:
„Поради тие пороци доаѓа гневот Божји врз синовите на непослушноста” (Кол. 3, 6).
Меѓутоа, тие изрази се повеќе антропоморфни и сакаат да го прикажат тоа што пред малку го наведов.
Св. Василиј Велики, толкувајќи го овој цитат, за гневот Божји вели:
„Чедо на гневот е оној, кој што себеси се направил достоен за гневот”.
Тоа покажува дека човекот, бивајќи непослушен на волјата Божја и слободно оддалечувајќи се од Неговата благодат, се самоказнува!“