“БОГОРОДИЧКЕ МОЈА, НАПРАВИ ОВОЈ ДА ГО СЛАВИ ТВОЕТО ИМЕ!”

 

Слушнете да ви кажам што мене ми се случи.

Еднаш одев кон моето село преку Халкида. Кај железничката станица во Халкида видов едно дете качено на коњска кола и се обидуваше да ги помине шините. Коњот не го слушаше и тој почна да хули на Богородица.

Јас во тој момент многу се натажив и автоматски реков:

„Богородичке моја, направи овој да го слави твоето име, те молам!”

За пет минути колата на детето се преврте и го потисна. Бурето што беше во колата се отвори и матеницата што беше внатре се изли врз него.

Детето, фаќајќи се за глава и тресејќи се, почна да вика:

„Богородичке мојааа, Богородичке мојааа, Богородичке мојааа!!!”

Јас стоев погоре и, гледајќи го, плачев и и’ велев на Богородица:

„Богородичке моја, зошто ова вака го направи? Јас реков тој да го слави твоето име, но не на ваков начин. Ми беше жал за детето. Се покајав поради тоа што јас бев причина за она што му се случи. Јас мислев дека молитвата кон Богородица сум ја кажал co добрина, кога го слушнав како хули на нејзиното име. Меѓутоа, во мојата душа веројатно, таинствено, се создал некој револт.

Ќе ви раскажам уште една случка и ќе се восхитите. Ништо не измислувам. Се што ви кажувам е вистинито. Слушнете.

Едно попладне некоја госпоѓа ја посетила својата пријателка. Во дневната соба забележала убава и скапоцена јапонска вазна, полна со цвеќиња.

– Колку убава вазна! Кога си ја купила?

– Ми ја донесе маж ми, рекла таа.

Следниот ден, утрото во осум часот, истата таа госпоѓа, додека пиела кафе co мажот, се сетила на вазната, која и’ оставила голем впечаток. Таа co восхит му рекла на мажот:

– Што да ти кажам за мојата пријателка! Мажот и’ донел многу убава јапонска вазна, разнобојна co убави претстави, и таа е украс на целата дневна соба.

Истиот ден отишла пак кај пријателката по некоја работа. Погледнала и забележала дека вазната ја нема, па и’ рекла:

– Што и’ направи на вазната?

– Што да ти кажам? Денес рано наутро, во осум часот, додека си седев во собата во тишина, слушнав еден силен звук: „трес!” и вазната се искрши на парчиња.

И тоа така сама од себе, без никој да ја допре, без да дувне ветер, без никој да ја бутне!

Госпоѓата на почеток воопшто не прозборела, а потоа и’ рекла:

– Што да ти кажам… Во осум часот пиевме кафе co маж ми и јас co восхит и co радост му ја опишав твојата вазна. Co големо восхитување му ја опишав. Што да кажам, велиш некоја сила продејствувала? Но тоа би се случило само доколку не те сакав.

Меѓутоа, токму тоа се случило. Таа не сфатила дека внатре во себе имала злоба, односно завист и клетва. Злата сила се пренесува, без разлика на колкава оддалеченост се наоѓаме. Тоа е тајна. He постојат растојанија и поради тоа вазната се скршила. Се сеќавам и на нешто друго што, исто така, се случи поради завист.

Една свекрва и’ завидувала на снаата. He сакала да гледа ништо добро кај неа. Еден ден снаата купила убаво шарено платно за фустан. Свекрвата го видела и и позавидела.

Снаата го заклучила платното во некој ковчег, во долниот дел, под сите алишта, додека да дојде шивачката да го сошие. Дошол денот за шивачката, па снаата отишла да го извади платното, и што да види! Целото платно било исечено на ситни парчиња, и сето веќе неупотребливо. Меѓутоа, ковчежето било заклучено!

Злата сила нема бариери, не може да биде попречена од брави или од оддалеченост. Таа може и автомобил да турне без да постои некаков дефект.

Пренесено од книгата “Животот и словата на старец Порфириј Кавсокаливит”

Претходна статијаКАКО И КОГА НАШИТЕ МИСЛИ И ЗБОРОВИ СЕ ПРИЧИНА ЗА НЕСРЕЌАТА НА ДРУГИОТ?
Следна статијаЗА ОДГОВОРНОСТА ЗА НАШИТЕ ПОМИСЛИ…Свети Ефрем Сирин