Коментар на денешното евангелско четиво:

„Во она време, се вратија пастирите, славејќи Го и фалејќи Го Бог за сè што чуја и видоа, како што им беше речено.

А кога се навршија осум дена, за да биде обрезан Младенецот, Му ставија име Исус, известено од ангелот уште пред да биде зачнат во утробата.“

За полесно да го сфатиме значењето на обрезанието на Богочовекот Христос ќе се потсетиме на зборовите од светиот апостол Павле:

„Не е Јудеец оној кој е таков по надворешност, ниту по обрезанието кое е надворешно врз плотта, туку оној кој е внатрешно таков; и она обрезание коешто е во срцето, по Дух, а не по буква: него ќе го пофалуваат не луѓето, а Бог“ (Рим. 2, 28–29).

Природниот начин на живот е точно тоа внатрешно обрезание на срцето – по Дух, на кое нѐ поучува и на кое нѐ повикува светиот апостол Павле.

Телесното обрезание е надминато, во Христос, а самото Свето Крштение ќе ни биде на осуда ако останеме само формално крстени, ако не ја активираме несоздадената благодат на Крштението од нашето срце, преку православниот духовен живот.

Природниот начин на живот го сочинуваат:

пројава на благодатта на Крштението од отвореното срце, ум (привлечен од пројавената Божја благодат) симнат молитвено во срцето – во подвиг на плач и покајание, односно преумување, во процес на постојано просветлување и преобразување;

онака како што бил создаден Адам, онака како што треба да се родиме одозгора по сериозно подготвено Крштение или како што треба да достигнеме, по правилно духовно раководство, при замонашувањето.

„А Младенецот растеше и крепнеше со духот [во потполна анонимност], исполнувајќи се со премудрост [т.е. постепено пројавувајќи го тоа што од почетокот го имаше во Себе]; и благодатта Божја беше врз Него“ (Лука 2, 40).

На триесетгодишна возраст – според Законот, ја започна Својата јавна мисија и проповед и на сите нас ни покажа што точно значи да се восогласи начинот на животот и подвигот со степенот на духовниот развој на кој се наоѓаме, но исто многу важно, ако не и поважно, со официјалното место и улогата што ги имаме во Црквата и општеството; како и што точно значи обрезание коешто е во срцето, по Дух.”

Претходна статијаГЛЕДАШ, НИ ЗАБИ ВО УСТАТА НЕМАМ, А ТИ ШТО ПОМИСЛИ ИМАШ? (Серафим Саровски)
Следна статијаСРЕТЕНИЕТО ГОСПОДОВО ВО ХРАМОТ…