За бракот меѓу маж и жена е напишано:
Коментар на денешното евангелско четиво:
“Во Црквата постои „икономија“ – кога Епископот, или од него одредениот духовен отец, снисходи и ни овозможува црковните правила да ги исполнуваме според нашите моментални можности и сили, а не точно како што е пропишано; и постои „акривија“ – кога црковните правила ги исполнуваме точно како што се пропишани.
За Епископот или духовниот отец да знае дали ќе употреби „икономија“ или „акривија“ во одреден случај потребна му е просветленост на умот.
Во таков случај, „икономијата“ испаѓа „акривија“, затоа што оној што е правилно духовно раководен може непречено духовно да расте од образ кон подобие Божјо и од просечност кон совршенство.
За бракот меѓу маж и жена е напишано: „Во почетокот на светот, пак, Бог ги создаде маж и жена. Затоа човек ќе го остави татка си и мајка си, и ќе се прилепи до жената своја, и обата ќе бидат едно тело; и така, тие веќе не се двајца, а едно тело. А Бог што составил, човек да не разделува“.
Што се однесува до бракот, како Света Тајна, меѓу маж и жена, тука Црквата не може да прави никакви отстапки, додека пак, по мое мислење, секоја „икономија“ која Црквата ја одобрила за лаиците – не и за свештенството, во делот на втор брак, најсигурно би било, на крајот, да се покрие со монашки живот, со посветување на Бог.
Затоа што е напишано и ова:
„Кој ќе ја напушти својата жена и се ожени со друга, тој прељубодејствува спрема неа; а и жена, ако го напушти својот маж и се омажи за друг, прељубодејствува“.
А ова се тешки зборови…
По мое мислење, и секој презвитер со својата жена, откако ќе ги оспособат и постават своите деца на сопствени нозе, би било убаво својот живот да го посветат на Бог и да се замонашат, како потврда и сведоштво.
Да не објаснувам многу – голема е оваа Тајна.”