Не мене да ме љубат, туку јас даимам љубов за сите!
Господи, дај ми мирно да го примам она што денешниов ден ми го носи и целосно да и се предадам на Твојата света волја.
Упати ме и помогни ми во секој час од денов.
Било каков глас да добијам, научи ме мирно да го примам и со цврста вера дека се е по Твојата света волја.
Управувај со моите мисли, со моите сетила и со сите мои дела и зборови. Не допуштај во непредвиден случај да заборавам, дека се од Тебе доаѓа.
Научи ме добро да се однесувам кон родителите и кон ближните, никого да не разгневам или оскрбам.
Господи, дај ми сили да ја поднесам тежината на денешниов ден и се што во него ќе ми се случи. Управувај со мојата волја и научи ме да се молам, да верувам, да се надевам, да поднесувам, да проштевам и да љубам.
Господи, дај ми да бидам орудие на Твојот мир, та таму каде што има омраза – да сеам љубов, каде што има осуда – проштевање, каде што има раздор – слога, каде што има очај – надеж, каде што има темнина – светлост, каде што има жалост – радост.
О, Божествен Учителу, нека не бидам утешуван, туку јас други да тешам. Нека не ме трпат мене,
туку јас да имам трпение за сите. Не мене да ме љубат, туку јас сите да ги љубам.
Зашто кога проштеваме, тогаш и нам ни се проштева; кога даваме, тогаш добиваме; а кога умираме, тогаш се раѓаме за вечен живот.
Свет Духу, помошник биди ми денешниов ден да Му Го посветам на мојот Господ и Спасител.
Господи Исусе, Сине Божји, поарно е да не се живее, отколку да се живее без Тебе и против Тебе. Ти благодарам Боже, за дарот на овој ден, и за секое добро кое ќе ми помогнеш денес да го сторам.
Избави ме, милостив Боже, од желбата за самоугодување и удостој ме во секој миг да бидам подготвен, заради Тебе и заради ближниот свој, да се откажам од себеси, зашто за таа служба и си ми го дал животот.
Помогни ми од себе да го отфрлам сето она што не е Твое, а она што е Твое да го примам во длабока вера, надеж и љубов.
Дај ми ревност со која постојано ќе Ти служам; да ја поставам правдата над користа, да го поставам чинењето на благочестиви дела над минливите задоволства, да ги поставам другите над себеси, за да ја исполнам Твојата заповед на љубовта.
Стори светлоста на Твојата убавина, добрина и љубов да заблескаат во мојава душа.