СЕДМА НЕДЕЛА ПО ПАСХА НА СВЕТИТЕ 318 БОГОНОСНИ ОТЦИ ВО НИКЕЈА
Тропар, глас 8:
Препрославен си, Христе Боже наш, Кој на земјата ги постави нашите Отци како светила, и преку нив нѐ упати сите нас кон вистинската вера. Многумилостив (Господи), слава Ти!
Кондак, глас 8:
Проповедта на Апостолите, и догматите на Отците, ја запечатија единствената вера на Црквата; носејќи ја облеката на вистината, исткаена од небесното богословие, таа ја утврдува и слави големата тајна на верата.
Икос: Да ја слушнеме Црквата која вика со врвна проповед: Кој е жеден, нека дојде при Мене и нека пие од чашата што ја држам; тоа е чашата на премудроста, од која го црпам словото на вистината, водата која излева согласност, а не раздори. Пиејќи од неа, сегашниот Израил Го гледа Бога Кој говори:
Погледнете, и видете дека Јас сум Истиот, и не се менувам; Јас сум Бог во почетокот, и по времето, и нема друг освен Мене.
Оние што се причестуваат ќе се наситат, и ќе ја фалат големата тајна на верата.
Седален, глас 4.
Светилници пресветли на Христовата вистина на Земјата се покажавте, навистина најблажени и богогласни отци, кои ја исушивте брбливоста на богохулните ереси, и ги изгаснавте огнените немири на безбожните.
Затоа, како Христови светители, молете се, да се спасиме.
Седален, глас 4.
Светлиот град Никеја, денес ги повика во себе, од сета земја, триста и осумнаесетте Свештеноначалници, против Арија кој говореше хула, и кој го намалуваше Едниот од Троица – Синот и Словото Божјо. Откако го осудија Арија, верата ја утврдија.
Слава, глас 8.
Хорот на Светите Отци, кои се собраа од краиштата на вселената, учеа за едната суштина и едната природа на Отецот и Синот и Светиот Дух, и тајната на богословието јасно ѝ ја предадоа на Црквата. Затоа, славејќи ги со вера, да ги наречеме блажени, велејќи:
О божествена гардо на Господа, многусветли ѕвезди на духовното небо, несоборливи столбови на таинствениот Сион, мирисливи рајски цветови, сезлатни усти на Словото, никејска пофалбо, украсу на вселената, прилежно молете се, за душите наши.
Свето евангелие според светиот апостол Јован
17:1-13
Молитвата на Исуса како првосвештеник за Себеси, за Своите ученици и за Својата заедница.
1 Ова го кажа Исус, па ги подигна очите Свои кон небото и рече: »Оче, дојде часот: прослави Го Својот Син, за да Те прослави и Синот Твој,
2 како што си Му дал власт над секое тело, та преку сѐ што си Му дал, да им даде живот вечен.
3 А животот вечен е тоа, да Те познаат Тебе Единиот вистински Бог, и испратениот од Тебе Исуса Христа.
4 Јас Те прославив на Земјата; го извршив делото, што си Ми го дал да го извршам.
5 И сега, прослави Ме Ти, Оче, во Тебе Самиот, со славата што ја имав во Тебе, уште светот пред да настане.
6 Го јавив името Твое на луѓето, што си Ми ги дал од светот; тие беа Твои, и Ти Ми ги даде, и го запазија Твоето слово.
7 Сега разбраа дека сѐ, што си Ми дал, е од Тебе;
8 зашто зборовите, што си Ми ги дал, им ги предадов, и тие ги примија и разбраа навистина, оти од Тебе сум излегол, и поверуваа дека Ти си Ме пратил.
9 Јас за нив се молам; не се молам за сиот свет, туку за оние што си Ми ги дал, зашто се Твои.
10 И сѐ Мое е Твое, и Твоето – Мое, и се прославив во нив.
11 Веќе не сум во светот, но тие се во светот, а Јас идам при Тебе. Оче Свети, запази ги во Твоето име оние, што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние.
12 Додека бев со нив во светот, Јас ги пазев во Твоето име; оние, што си Ми ги дал, ги зачував, и никој од нив не погина, освен погибелниот син, за да се исполни Писмото.
13 А сега идам при Тебе, и ова му го кажувам на светот, за да ја имаат во себе Мојата радост полна.
С.Т. – Покајание