Некои луѓе стварно имаат проблем со својот разум. Нивниот разум не е духовен. И, тоа е очигледно. Патем, едно е духовен, а сосем друго интелектуален разум; самите ќе разберете понатаму. Како настанува проблемот со разумот?
Во денешното евангелие читаме: „Оттогаш почна Исус да проповеда и да говори: ’Покајте се, зашто се приближи Царството Небесно!‘“ (Матеј 4, 12–17).
Покајанието, во суштина, е преумување; кога нашиот ум од горд, расеан и затемнет, во содејство со Божјата несоздадена благодат, се преобразува во смирен, собран и просветлен; како и кога се здобиваме со духовен разум.
Рековме дека умот има една енергија со која врши две функции: примарна и секундарна. При примарната функција, умот ја насочува својата енергија кон Бог, а при секундарната функција ја носочува својата енергија кон созданието.
Примарната функција на умот, човекот ја користи за комуникација – за однос и заедница со Бог. Секундарната, човекот ја користи за комуникација со тварта, со созданиjата. Секундарната функција на умот се нарекува разум.
Секундарната функција на умот – разумот, функционира правилно само доколку правилно функционира и примарната функција, т.е. доколку Божјата обожителна енергија и светлина се соедини со кон неа насочената човeчка енергија, при вршењето на примарната функција на умот, и кога при тоа енергетско соединување човечката енергија биде преобразена и просветлена.
Ова е состојба на просветлување на умот и крај на дуализмот во човекот; крај на внатрешната подвоеност и на чувството на отцепеност од овој свет; и крај на пресудното влијание на светот врз енергијата на нашиот ум (разум).
Со прости зборови, само просветлен ум (разум), преку умно-срдечната молитва, во Црквата, може правилно да расудува и во комуникацијата со Бог и со овој свет и неговите појави. За ова сум пишувал повеќепати.
Сега, разумот кој не е духовен, т.е. кој не е просветлен, ја следи состојбата на својот ум – тој е затемнет, расеан и горд; шизофреничен и параноичен.
Гордиот разум не се потпира на Бог и на верата и довербата во Бог, туку се потпира на многуте информации, на себе и на своето размислување. Гордиот разум е надвор од послушание и затоа е постојано гладен за нови информации.
Од друга страна, гордиот, расеан и затемнет разум нема просветленост преку која би ја препознавал вистинитоста или лажноста на информациите, и затоа уште повеќе се збркува и затемнува, а човекот страда во параноја.
За греота се луѓето со непросветлен разум – какви што се религиозните социопати, посебно во времиња – како нашево; ем самите страдаат, ем други побркуваат. Наместо еднаш, таквите ја преживуваат апокалипсата секој ден.