Свето евангелие според светиот апостол Матеј 22:1-14
1. И одговарајќи, Исус пак им говореше во параболи и рече:
2. Царството небесно прилега на човек цар, кој направи свадба на сина си,
3. и ги испрати своите слуги да ги повикаат поканетите на свадба; а тие нејќеа да дојдат.
4. Потоа испрати други слуги и им рече:
кажете им на поканетите: »Ете, приготвив јадење; јунците мои и сe што е угоено се заклани, и сe е готово; дојдете на свадба!«
5. Но тие не сакаа да знаат за тоа, а си отидоа: кој на нива, кој по трговија;
6. а некои, пак, ги фатија неговите слуги, ги исмеаја и ги убија.
7. Штом чу за тоа царот, се налути, испрати своја војска и ги погуби убијците и им го изгоре нивниот град.
8. Тогаш им рече на слугите свои: »Свадбата е готова, но поканетите не беа достојни.
9. Затоа одете по раскрсниците и, колку души ќе најдете, поканете ги на свадба!« 10. И како излегоа слугите на раскрсниците, ги собраа сите што ги најдоа – и лоши и добри; и се наполни свадбениот дом со гости.
11. Кога влезе, пак, царот да ги види гостите, забележа еден необлечен во свадбени алишта.
12. Па му рече: »Пријателе, како влезе овде, необлечен во свадбена руба?« А тој молчеше.
13. Тогаш царот им рече на слугите: »Врзете му ги рацете и нозете, земете го и фрлете го во крајната темнина; таму ќе биде плач и крцкање со заби;
14. зашто, мнозина се повикани, а малцина избрани«.”
`Свадбата – тоа е Царството Небесно, чиј предвкус е даруван во Црквата Христова за оние што ќе ја прифатат поканата, за оние што се подготвени, за оние што имаат свадбена облека.
При аскетско-исихастичкото толкување на денешното евангелие (види: Матеј 22, 1–14) се издвојуваат неколку моменти:
Прво, однесувањето на повиканите согласно нивните страсти.
Едните од нив го одбиваат повикот затоа што одат на нива.
Тие се олицетворение на страста сластољубие.
Ним им е поважно тоа со коешто времено ќе ги наполнат своите стомаци, отколку грижата и љубовта кои Бог ги покажува кон нив, канејќи ги на непропадливата трпеза на свадбата на Својот Син во Царството Небесно.
Другите што не се одѕиваат на повикот се оние што одат по трговија. Очигледно, таквите Го одбиваат Бог заробени од среброљубието и претставуваат олицетворение на таа страст.
Нивниот бог се материјалното богатство и парите.
А, третите од оние што биле повикани, ги исмеале и ги убиле слугите на Царот.
Таквите се олицетворение на страста славољубие.
Како што знаеме од Евангелието, тоа се старозаветните свештеници, книжниците и фарисеите кои Го предаваат Господ Исус Христос на смрт (но и новозаветните – кои Го убиваат Христос во душите на луѓето), плашеjќи се за својата човечка слава, која со Неговото присуство била крајно засенета.
(„Ете, цел народ тргна по Него…“ – види: Јован 12, 19.)…`