СВЕТО ПРЕОБРАЖЕНИЕ НА ГОСПОД БОГ И СПАСИТЕЛ НАШ ИСУС ХРИСТОС

УТРЕНА

Тропар, глас 7.

Си се преобразил на Гората, Христе Боже, Ти Кој на учениците им ја покажа Твојата слава, колку што поднесуваа. Да ни засветли и нам, грешните, Твојата вечна светлина, по молитвите на Богородица, Подателу на светлина, слава Ти.

Седален, глас 4.

Покажувајќи ја измената што ќе ја претрпат луѓето со Твојата слава, при Второто и страшно пришествие, Спасителу, си се преобразил на Таворската Гора. Илија и Мојсеј говореа со Тебе, а тројцата од Тебе повикани ученици, кои ја видоа Твојата слава, Владико, му се восхитија на Твоето блескање. Како што нив ги осветли, така просветли ги и душите наши.

Седален, глас 4.

На Таворската Гора си се преобразил, Исусе, и светол облак, што како шатор се протегаше, апостолите ги покри со слава. Затоа и со лицето паѓаа кон земјата, не можејќи да ја поднесат непристапната светлина на Твоето лице, беспочетен Спасителу, Христе Боже. Како што тогаш ги осветли нив, така просветли ги и душите наши.

Величание: Те величаме, животодавче Христе, и го почитуваме преславното преображение на Твоето пречисто тело.

Избран псалм:

Голем е Господ и многу фален во градот на нашиот Бог, на Својата света гора. Господ ги подигна понижените, смирените ги вознесува.

Кој може да излезе на гората Господова и кој ќе застане на неговото свето место? Господи, кој може да престојува во Твоето живеалиште?

Кој може да се всели на Твојата света гора?

Испрати ја Твојата светлина и Твојата вистина. Посветол си од светлината, повеличествен од древните гори!

Вселената и она што ја исполнува Ти си ја основал. Тавор и Ермон за Твоето име се радуваат.

Тие одат во светлината на Твоето лице, Господи. За Твоето име се радуваат цел ден.

И благоволението на нашиот Господ Бог нека биде со вас, од сега и довека. Слава, и сега: Алилуја (3-пати).

Седален, глас 4.

Кога се искачи на Гората со учениците, и кога болсна во славата на Отецот, Мојсеј и Илија стоеја крај Тебе, бидејќи Законот и пророците Ти служат Тебе како на Бога.

А Отецот, признавајќи го Твоето синовство по природа, Те именуваше Негов возљубен Син. Со Тебе, Го воспеваме и Него, заедно со (Светиот) Дух.

Слава, и сега, глас 8.

Скриената молња под телото на Твојата природа, и божествената убавина, Христе, си ја покажал на Гората света, Добротвору, кога ги осветли апостолите што беа со Тебе; и, кога ја разбраа Твојата неподнослива слава, повикаа: Ти си свет, бидејќи, иако си непристапен, во светот си виден во тело, единствен Човекољупче.

Стихира самогласна, глас 6.

Откако на оние што се искачија на Гората со Тебе им откри само мал зрак од Твоето божество, Спасителе, ги направи љубители на Твојата небесна слава.

Затоа восхитено викаа: Добро ни е да бидеме овде. Со нив и ние Те воспеваме Тебе, Спасителот Христос Кој се преобрази, во вековите.

Кондак, глас 7.

На гората си се преобразил, Христе Боже, и Твоите ученици ја видоа Твојата слава колку што поднесуваа; та, кога ќе Те видат како се распнуваш, да разберат дека Твоето страдање е доброволно, и на светот да му проповедаат дека си Ти, навистина, светлината на Отецот.

Икос:

Станете, мрзливи, кои секогаш лежите на земјата, кренете се и издигнете се кон висините на Божјото вознесување; заедно со Петра и со синовите Заведееви да се искачиме на Таворската Гора, славата на нашиот Бог со нив да ја видиме, да го слушнеме гласот што тие го слушнаа од небото, и на светот му ја проповедаа Светлината на Отецот.

Песна 9.

Припев: Величај Го, душо моја, Господа, Кој на Тавор се преобрази.

Ирмос: Твоето рождество се покажа нетлено: Бог помина низ твојата утроба, како носител на тело се јави на земјата и со луѓето поживеа. Затоа, Богородице, сите ние те величаме.

Учениците, од страв обземени пред новата светлина што ги озари, восхитени еден друг се гледаа и, на земјата паднати, Тебе, Господарот на сите, Ти се поклонија.

Потврдувајќи го чудото, од облакот се слушна гласот на Бога, Отецот на светлините, Кој на апостолите им викаше: Овој е Мојот возљубен Син, Него послушајте Го.

Кога на Тавор го видоа ова ново и необично чудо, и го слушнаа гласот на Отецот, слугите на Словото викаа: Овој е нашиот Спасител, сликата на првобитната убавина.

Неизменлива слико на Оној Кој Е, неподвижен, непроменлив печату, Сине, Слово, мудрост и моќ, десницо, на Севишниот – сило, со Отецот и со Духот Те воспеваме.

Вториот канон.

Ирмос: Секое уво беше обземено од чудење пред неискажливото Божјо понижување, зашто Вишниот доброволно слезе дури и во тело, кога стана човек од девствената утроба; затоа, ние, верните, Пречистата Богородица ја величаме.

За да ни покажеш јасно како ќе биде Твоето страшно Второ пришествие, Севишни Боже, и дека ги надминуваш сите богови, Ти неискажливо засветли на Тавор меѓу апостолите, Мојсеј и Илија. Затоа Христе, сите ние Те величаме

Дојдете, народи, и следете ме; да се искачиме на Гората света наднебесна, духовно да застанеме во градот на Живиот Бог, и мисловно да Го созерцаваме нематеријалното божество на Отецот и Духот, Кој во Единородниот Син засветли.

Ти ме привлече со љубовта, Спасителе, и ме преобрази со божествениот копнеж за Тебе. Но, со нематеријалниот оган, согори ги моите гревови, и удостој ме да се наситам со Твојата храна, та радосно да ги величам, Благи, Твоите величија.

Светилен.

Светлино неизменлива, Слове, на неродениот Отец Светлина, во Твојата светлина, денес на Тавор покажана, ја видовме и Светлината на Отецот, и Светлината на Духот, Кој во светлина го води сето создание.

 

Подготви – `ПОкајание`

С.Т.

Претходна статијаПастир, овци и кучиња!
Следна статијаИМЕТО НА ПРЕСВЕТА БОГОРОДИЦА ГИ ИЗГОНУВА СИТЕ ДУХОВИ (За ползата од Богородичната молитва)