Отец, ме интересира кое е мислењето на црквата за јадењето месо.
Иако во Библијата се наговестени некои нешта околу тоа што е храната наша, сепак тоа е спис кој без излеана божја благодат тешко да некој умее да го интерпретира без да го извитопери.
Односно, и самиот како човек кој поради сочувство кон животните (исто така творби Божји) долго време не јаде месо, често се соочувам како веганите (луѓе што не конзумираат ништо животинско) често го користат како аргумент делот од Битие “и тогаш Бог ги создаде растенијата за да за храна на човекот му бидат”.
Од друга страна ме изненадува тоа што мноштвото вегани се невцрковени, односно движејќи се подолго во нивен круг увидов дека повеќето се атеисти, дел се насочени кон јогите и спиритизмите (будизам и хиндуизам и разни секти) и само мал дел агностици, искрено православец немам сретнато (која контрадикција е творба да почитуваш, а Творец да негираш и исмеваш).
Или друга противречност: голем дел од веганите гореспоменати, иако ниту јајца не јадат ипак се залагаат за абортус, што е невидена контрадикција.
А ете бидејќи доба на пост е најмалку имам некој проблем околу храната, потешкото ми е околу искушенијата други, но на Бога му се молам да ги надминам, а постов со храна го споменав во насока на тоа дека благопријатно делува на душата на човека.
Следствено се прашувам – зошто постот со храна да не ни е постојан?
Дали може нејадењето месо да возгордее (гледајќи ги веганите погоре споменати кои тонат во гордост и гнев кон она различно од нив, односно иако животни не јадат на големо луѓе “јадат”) и без благослов од отец да може да доведе до цели на сатаната подобни?
Од друга страна познати се и свети отци како св. Климент Анкирски кој ништо животинско не конзумирал, како старец Клеопа кој советувал да не јадеме месо, како нашиот епископ Гаврил Светогорец кој забранувал внес на месо во манастирот итн.
Како православен христијанин и како вцрковен (иако од неодамна) ме интересира ставот околу ова, со оглед што не јадам месо од сочувство кон животинките, а знам дека христијанството и тоа како е религија на сочувството и љубовта.
Благодарам, и простете што вака на подолго имав потреба да се изразам.
Редовен читател: Климент Арнаудов
ОДГОВОР НА ОТЕЦ ГОРАН СТОЈЧЕВСКИ
Точно е монасите во манастирите не јадат месо, такво е манстирското уредување.
Што се однесува до веганите, не се ништо ново, вакви слични гносеолошки (зналачки, прости малку србизам) секти имало и во првите векови, обично погрешно толкуваат само извадок од Светото Писмо и тоа она што им одговара, типично за секта.
Човекот се хранел со растенија во рајот, но тоа било пред гревопадот, по гревопадот како што човекот се оттуѓува од Бога принесува жртви сепаленици како образ на Христовата жртва (Христос е последната жртва за сиот свет и за сето човештво, по Него нема жртви веќе, а се причестуваме со Него, под вид на леб и вино кои со слегувањето ма Св. Дух се вистински Тело и Крв Христови), и од сепаленците јаде.
Тука нема ништо нечисто, како од она видение со платното во кое имало секакви животни и Бог на св.ап. Петар му вели, да земе и да јаде (Дела Апостолски), дека она што Бог очистил, човекот не треба да го смета за нечисто и може да јаде.
Монасите се ангелски образ и по подвигот се разликуваат со мирјаните. Денес заради општата масовна продукција не се внимава на квалитетот на месото и секако и СЗО предупредува колку што е можно месото да се избегнува или заменува со риба.
Тоа можеме заради своето здравје да го прифатиме или отфрлиме, но не од тоа да правиме идол, дека сме откриле рецепт за подолг живот, па уште и да бараме цитати за тоа.
Најдобро е да се почитуваат постите што ги определила Православната црква низ многувековно искуство . И второ умереноста во јадењето е секако многу поефикасен начин дури и од здравствен аспект, кога знаеме веќе дека прејадувањето е грев на алчност.
Но, сепак јадење/нејадење не се цел, туку целосна хармонија на човек пред Бог телесно со пост, духовно со пост и молитва.
Што би рекол еден свет отец подобро е да јадеш месо отколку да се фалиш со постот.
Постот нека биде утврден согласно силите на верникот секако во согласност со она што ни го благословил духовниот отец на исповедта.
Прекрсти се, благодари на Бога и јади, и пак благодари и пак прекрсти се, и така кога е пост јади посно, кога е мрсно ако сакаш јади месо.
А, вегани, вегетаријанци и што ли не… Ако нема внатрешна духовна преобразба низ смирение, џабе им е учењето дури и со цитати од Библијата.