ДЕЦАТА ВО ЦРКВАТА
Веднаш штом ќе почне да се буди детската свест, секоја христијанска мајка, за една од своите примарни должности ја има да го научи детето на молитва, молитва која што е едноставна и лесна за разбирање за детето.
Неговата душа мора да биде навикната на топлото и побожно искуство на молитва во домот, во неговата колевка, за неговите соседи, за неговото семејство.
Вечерната молитва на детето ја скротува неговата душа, ја искусува сладоста на молитвата со неговото малечко срце и го прима првиот мирис на светите чувства.
За детето е потешко да ја прифати атмосферата која што преовладува во црквата. Во почетокот тоа само набљудува. Гледа луѓе кои се концентрираат и се молат и тоа сеуште не разбира и слуша неразбирливи зборови.
Но, самата свеченост и празничната атмосфера во црквата имаат инспирирачки ефект на него.
Кога двегодишно дете сака да оди во црква, да пее, зборува или да се поклонува – тогаш ние можеме да ја видиме неговата подигната свест и состојба на душата, со која тоа и не сакајќи е зафатено. Ова можеме да го кажеме од едноставно набљудување.
Но, исто така, има и нешто повозвишено од нашите сетилни перцепции. Исус Христос е невидливо присутен во црквата и Он го гледа детето, го благословува, и го прима во атмосферата на благодат од Светиот Дух.
Благодатта го опколува него, како што топлиот ветар дува низ тревата во полето, помагајќи да расте полека и постепено, да фати корен и да се развива и расте.
Така и мајката, брза да го приближи своето дете до Христа, до Неговата благодат, без разлика дали тоа воопштго го разбира овој контакт со дарот на благодатта.
Ова особено се однесува на Евхаристијата, најблиското соединување со Бог. Мајката го принесува своето дете до оваа тајна, додека тоа сеуште е бебе и лежи на нејзините раце.
Дали мајката е во право?
„Пострадаа малите деца за да дојдат при Мене, зашто такво е царството набеско.”
Дали, навистина, со сигурност можеме да речеме дека тогаш и таму, во полињата на Палестина, децата веќе го беа разбрале учењето на Христос, седеле до нозете на Учителот и го слушале неговото проповедање?
Не велете го ова, зашто и самиот Евангелист забележува дека „тие му носеа Нему исто така деца, за да ги допре: но кога Неговите ученици го видоа тоа, ги укорија.”
Носејќи ги своите малечки, целта на мајките била, еднставно, Неговите раце да ги допрат децата, а не Он да ги учи нив на божественото знаење.
Дозволувањето на децата да имаат контакт со духовната благодат е една од првите должности на секој христијанин, кој мисли на своите деца, и тоа е задача на Христијанското општество, кое се грижи за својата младина.
Ова е вратата за правилно Православно Христијанско воспитување. Просветлување, покајание и радост, кои што се будат во свеста на детето, се надворешен индикатор на фактот дека малиот христијанин чувствува топлина од божествениот извор во себеси.
И дури и ако не чувствува, невидливото влијание на Божјата благодат не престанува; само ние не го гледаме, како што не го гледаме веднаш и одеднаш влијанието на сонцето врз нашето здравје.
Во руската литература имаме такви експлицитни примери за расположението на детските души за време на подготовката за исповед и причест, како и по исповедта и причесната со Светите тајни.
Сепак, многу често се заборава дека овде лежи клучот за организирање религиозно образование. Колку често, сфаќајќи ја неадекватноста на религиозното образование, ние одбираме програми и ги преработуваме, ја фрламе вината на учебниците и учителите, а забораваме за важноста на црквата и влијанието на богослужбите.
Сигурно секогаш не си го поставуваме себеси прашањето: „Но дали децата одат во црква?”
Како што детето расте, тоа треба подлабоко да навлегува во животот на Црквата. Умот на детето, духот на младината мора да биде просветлен со црковните богослужби, да учи од нив, да се воплоти во нив; црквата треба да му даде сознанија за Бог.
Оваа проблематика е покомплексна. Целта на религиозното образование ќе биде исполнета само доколку ги учиме децата да ја сакаат црквата.
Кога ние возрасаните организираме црковни богослужби, правиме подготовки за истите, го скусуваме или продолжуваме траењето на службите и слично, ние се прилагодуваме на нашите концепти и потреби, или едноставно како што ни одговара, разбрано од аспект на возрасни.
Но досега, концептите, потребите и духовните стремежи на децата не се земени во предвид. Околностите често не се целисходни за децата да ја засакаат црквата.
Ова, секако е еден од најважните начини на религиозно образование: дозволете им на децата да ја засакаат црквата, така да можат тие да ја посетуваат црквата со пријатно чувство, а и да најдат духовна храна во неа.
Бидејќи родителите често не можат овде да помогнат, зашто и тие ретко се религиозни, често сме наклонети, кога мислиме на православните деца, да ја оставиме оваа работа во рацете на заедницата, во рацете на училиштата, во рацете на Црквата.
Како што не се плашиме од влијанието на учењето и книгите, или љубовта кон националната литература и историја, со тоа што ги насочуваме нашите деца да трчаат на час само штом ќе заѕвони ѕвончето, да седат в клупа и да се вклопат во атмосферата на строга дисциплина и принуда, некој би помислил дека нема потреба да се плашиме, доколку употребиме малку принуда по прашањето за посета на црквата,
дали тоа би било дел од школскиот распоред или израз на самодосциплина од страна на младинските организации и оние што се поврзани со училиштата, и оние што не се.
Но, секако, доколку ова остане само принуда, и тоа во толкава мера што ќе создаде одбивност кај младите луѓе, тоа е знак дека целта не е постигната, дека методот се покажал неадекватен, а принудата залудна.
Треба детето, кое дошло таму по наша волја, да изрази желба да остане по сопствена волја. Тогаш сме ја оправдале нашата принуда.
И повторно ќе речеме: не е битен само природниот и психолошки ефект што се случува во душата на детето в црква, туку битен е и дејството на благодатта.
Нашата единствена грижа треба да биде душата на бебето, детето или младиот човек да не биде затворена за светите впечатоци, туку да биде слободно отворена: и тогаш повеќе нема да биде потребен напор, сила или било кој друг вид на принуда; тогаш душата ќе се храни слободно, лесно и со радост.
Едно нешто не треба да се заборава: човечката природа изискува барем минимален степен на активно учество. Во црква ова може да има форма на читање, пеење, или во украсување и чистење на црквата,
или некоја друга активност, дури и ако е индиректно поврзана со службата.
Неоспорната важност на црквата и црковните богослужби за религиозно образование на децата претставува еден од аргументите во корист на православното сфаќање на тајната на крштението: или поинаку кажано, аргумент во корист на крштавање на децата на многу мала возраст, како што тоа го правиме во Православната Црква.
Крштението е вратата преку која се влегува во Црквата Христова. Оној, кој што не е крстен, што значи дека не е член не Христовото семејство, нема право да учествува во животот на ова семејство, во духовните собири и на неговата трпеза – Божјата трпеза.
На тој начин нашите деца ќе бидат скратени од правото да бидат со нас в црква, да добијат благослов во името на Света Троица, да се причестат со Телото и Крвта Христови.
И како и да влијаеме на нив во нашето семејство, дома, колку и да ги учиме на Писмото, ние ќе ги лишиме од директното дејство на небесната благодат, и во најдобар случај ќе разбудиме кај нив жед за вера, но сеуште ќе ги држиме далеку од небесната светлина и топлина, која паѓа врз нас, без оглед на човечките напори, далеку од тајните на сите богослужби, на светите молитви.
Колку многу грешат оние религии кои го признаваат само крштението на возрасен човек!
Светите слугинки Вера, Надеж и Љубов, и светата млада невеста Перпетуа, кои станале маченички, се сведоци дека адолесценцијата е возраст која што е подготвена дури и за активно учество од највисок вид и форма во Црквата Христова.
Бебето во рацете на мајката, кое во црквата извикало:
„Амвросие за епископ!”, и со неговиот извик го утврдило изборот на славниот Амвросиј Милански за епископска служба, ете, тоа бебе е бранител на детските права за активно учество во Црквата Христова.
И затоа да се потрудиме околу нашите деца: како прво, да им дадеме шанса за поактивно учество во црквата – во поширока и во повозвишена форма од само подавање на кадилникот на свештеникот;
и како второ, да се прилагодиме малку на нивото на децата кога се молиме заедно со нив.
Децата нека бидат свесни дека се дел од Христовото семејство!
Децата нека ја засакаат Црквата!
протоереј Михаил Помазански
+++
Превод од англиски јазик: Димовска Светлана
Наслов на оригиналот:
“Children in church” – By Protopresbyter Michael Pomazanski
statija objavena vo spiasanieto “Word of the church” br.6-7, 2001
Премин Портал
Извор:
“Вистина” списание на Преспанско-Пелагониска Епархија.