СВЕТИ 40 МАЧЕНИЦИ ВО СЕВАСТИЈА
ВЕЧЕРНА
На Господи, повикав, стихири самогласни. Глас 2. (Од монах Јован).
Трпејќи ги храбро сегашниве маки, радувајќи им се на очекуваните добра, светите маченици еден на друг си велеаː Зар ние не го отфрламе стариот човек кога ја соблекуваме облеката? Зимата е лута, но сладок е рајот. Ледот предизвикува болки, но слатка е наградата.
Затоа, воини, да не потклекнеме! Малку да претрпиме, за да се украсиме со победнички венци од Христа Бога, и Спасителот на душите наши.
Фрлајќи ја сета облека, влегувајќи без страв во езерото, светите маченици еден на друг си велеаː
Заради рајот што го загубивме, денес да не ја штедиме гнилежната облека! Ако некогаш бевме облечени во неа поради кобната змија, сега да ја соблечеме заради општото воскресение.
Да го пренебрегнеме ледот што се растопува, и телото да го замразиме, за да се украсиме со победнички венци од Христа Бога, и Спасителот на душите наши. (2-пати)
Гледајќи ги маките како наслада, трчајќи кон студеното езеро како кон топла бања, светите маченици говореаː
Да не се уплашиме од студеното време, за да го избегнеме пеколниот оган. Ногата нека биде изгорена, за вечно да ликува! Нека се одземе раката, за да се крева кон Господа! И да не ја штедиме смртната природа, кон смртта да одиме, за да се украсиме со победнички венци од Христа Бога, и Спасителот на душите наши.
Слава, глас исти, првата стихира.
Трпејќи ги храбро сегашнива макиː
И сега, богородиченː
Помина сенката на законот, кога дојде благодатта. Оти, како што запалената капина не согоруваше, така и ти, како девојка си родила и пак девојка си останала; наместо огнениот столб, Сонце праведно засветли; наместо Мојсеја – Христос, спасение на душите наши.
Вход. Прокимен. И читања на денот, и 3 на светите.
Од книгата Исаија (43, 9-14), читањеː
Вака вели Господː
Нека се соберат сите народи заедно, нека се соединат племињата. Кој од нив го претскажал тоа?
Нека соопштат што било во почетокот; нека доведат сведоци од себеси и да се оправдаат, за да може да се чуе и да се каже: „вистина е.”
А Мои сведоци, вели Господ, сте вие и Мојот слуга, што го избрав, за да знаете и да Ми верувате, да разберете дека сум тоа Јас: пред Мене немаше Бог, и по Мене нема да има. Јас, Јас сум Господ, и нема Спасител освен Мене.
Јас предреков и спасив, однапред претскажав а друг немате, вие сте Мои сведоци, оти Јас сум Бог – вели Господ; од почетокот на дните Јас сум ист, никој нема да се спаси од раката Моја; Јас ќе направам, и кој ќе го измени тоа? Така вели Господ, вашиот Искупител, Светецот Израилев.
Од книгата Мудрост Соломонова (3, 1-9), читањеː
А душите на праведниците се во Божја рака; до нив нема да се допре никаква мака. Во очите на нерзумните, тие се како умрени, а нивниот крај се сметаше за пропаст; и тоа што тие заминуваат од нас – како уништување, но тие живеат во мир.
Зашто иако во очите на луѓето е да се накажуваат, надежта нивна полна е со бесмртност. Бидејќи малку казнети, тие ќе добијат големи блага, зашто Господ ги испитал и ги нашол достојни за Себеси.
Он ги проверил како злато во печка и ги примил како најсовршена жртва.
Во времето на воскреснувањето, тие ќе светкаат како искри меѓу гранки. На племиња ќе им судат, над народи ќе владеат, а над нив Господ ќе царува довека. Оние што се надеваат на Него, ќе ја познаат вистината, а кои Му се верни во љубовта – ќе живеат во Него, зашто Он има милост и милосрдност за Своите светии и промисла – за Своите избраници.
Од книгата Мудрост Соломонова (5, 15-23; 6, 1-3), читањеː
А праведниците живеат довека; нивната награда е во Господа, за нив се грижи Севишниот. Затоа тие ќе го добијат царството на славата и венецот на убавината од раката Господова;
Он ќе ги закрили со Својата десница и со Својата мишка ќе ги заштити. Он ќе ја земе Својата ревност и како силно оружје, ќе ги вооружи сите созданија за одмазда против непријателите.
Како оклоп ќе ја облече правдата, а како шлем ќе го стави – нелицемерниот суд; светоста ќе ја земе како штит непобедив; гневот Свој строг ќе го изостри како меч, и сиот свет ќе појде со Него во бој против безумните.
Тогаш ќе полетаат добро вперените стрели, и од облаците, како од силно затегнат лак, ќе ја погодуваат целта; и како од бојна направа за фрлање камења – ќе се исипе град; морската вода ќе беснее врз нив и реките без милост ќе ги издават.
Духот на силата ќе стане против нив и како виор ќе ги разнесе. Затоа, слушајте цареви и разберете, поучете се судии од краиштата на земјата. Внимавајте вие што владеете со множествата и кои се фалите пред народите! Господ е Оној, Кој ви ја подари власта; силата е од Севишниот, Он ги иследува вашите дела и ги испитува вашите намери.
Во продолжение, Литургија на предосветените дарови.
Ако не се служи Литургија на предосветените дарови, на стиховни пееме стихири од Триод, самогласен на денот, двапати, и маченичен.
Слава, на светите, глас 6.
Со песни да ги прославиме, верни, четириесетте страдалци маченици, и кон нив слаткопојно да повикаме, говорејќи: Радувајте се, страдалци Христови, Исихие, Мелитоне, Ираклие, Смарагде и Домне, Евнике, Валенсе и Вивијане, Клавдие и Приске. радувајте се, Теодуле, Евтихије и Јоване, Ксантие, Илијане, Сисиние, Кирие, Агие, Аецие и Флавие. Радувајте се, Акакие, Екдикие, Лисимахе, Александре, Илие и Горгоние,Теофиле, Дометијане и божествен Гае, и Горгоние. Радувајте се, Евтихие, и Атанасие,Кириле и Сакердоне, Николае и Валерие, Филоктиме, Северијане и Худие!
Како оние што имаат смелост пред Христа нашиот Бог, сечесни маченици, Него прилежно молете Го, да ги спаси оние што го слават вашиот сечесен спомен со вера.
И сегаː Богородице, ти си вистинска лоза која ни Го израсна Плодот на животот. Тебе ти се молимеː Моли се, Владичице, со светите апостоли, да ги помилува душите наши.
По Сега го отпушташː
Тропар, глас 1.
Со болките што светите ги претрпеа за Тебе, биди замолен, Господи, и сите наши болки исцели ги, Човекољупче.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Втор том, февруари-август /(препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008