Спомен на преподобен и рамноапостолен отец наш Кирил учител Солунски

УТРЕНА

Тропар, глас 4.

Откако за своја сестра ја зеде премудроста, прилежно, уште од пелени, богогласен (Кириле), и ја приведе како пресветла чиста девица, со неа си ја украсил својата душа, како со златни ѓердани, на Црквата ѝ се најде како втор Кирил, по име и по знаење, премудри.

Канон на рамноапостолниот Кирил, глас 4.

Песна 1.

Ирмосː Ќе ја отворам устата моја, и со Дух ќе се исполни, и збор ќе ѝ кажам на Мајката Царица, и ќе се покажам светло торжествувајќи и, радувајќи се, ќе ги воспеам нејзините чудеса, ќе го воспеам нејзиното успение.

Откако твојата уста ја допре чашата на Божјата премудрост, се насити со спасителната напивка; со разумот светејќи, пред незнабожците се покажа како секира која ги сече сите лаги ѓаволски.

Дарителот на светлина Христос Господ, откако те запали како светило, те испрати за учител во целиот свет, да ги учиш мрачните западни незнабожци, со книгите на божествениот закон.

Светиот Дух, со помош на Божјото Слово, те извлече од бездната како некој друг бисер, за да го упатиш целиот свет во правата вера, мудар (Кириле), и со книгите на законот Божји ги просветли незнабожците.

Богородиченː Твојот духовен храм, Дево Чиста, беше повозвишен од красните небесни сили, бидејќи во утробата си Го носела нашиот Бог, Горо Пресвета!

Песна 3.

Ирмосː Од висините си слегол на земјата доброволно, и смирената човечка природа од подземниот ад си ја вознел повисоко од секое начало и власти, зашто никој не е посвет од Тебе, Човекољупче.

Од срце, со збор и со јазикот проповедајќи Го Христа Синот Божји, воплотената премудрост и сила и Слово, со параболични реки си ги удавил тријазичниците.

Навистина се покажа како света и параболична лира, блажен Кириле, по гласот спасителна, која со духовното ѕвечкање красно ѕвони и душевниот сон го прогонува.

О уме, светол како оган! О трубо, доброгласна! О краснопоен славеју! О ластовице златоглаголива! О јазику, посладок и од мед, премудар Кириле, за сите нас спомни си!

Богородиченː По совет на Отецот, а со осенување од Светиот Дух, беспочетниот Син се всели во твојата утроба, како Слово, Богородице, и по тело се роди од тебе, спасувајќи ги луѓето.

Седален, глас 8.

Откако ја просветли сета земја како светол зрак, ги прогонуваш еретиците на исток и запад, север и југ. Ги исправаш тријазичниците, проповедајќи во земјите со разбирливи зборови и давајќи им книги. Кога дојде во Рим и таму го положи своето тело, твојата душа си ја предал во рацете на твојот Господ. Преподобен и блажен Кириле, учителу на правата вера, моли Го Христа Бога, да им дарува прошка на гревовите, на оние што со љубов го слават твојот свет спомен.

Кондак, глас 2.

Со цврстиот ум и со боговдахновеното учење си го обиколил светот просветлувајќи ја вселената со пресветлите зраци, Кириле блажени, сеејќи го пресветлото слово Божјо на север, запад и југ. Но имајќи смелост пред Христа, моли се за нас непрестајно.

Икосː Откако светлиот живот го возљуби, и просветлен со зраците на трисолнечното божество, како молња си ја минал вселената и си ја просветлил северната и јужната земја. Затоа, протерај го и од нас гревовниот мрак, откако испроси благодат одозгора и, имајќи смелост пред Христа, моли се за нас непрестајно.

Песна 8.

Ирмосː Набожните момчиња во печката ги спаси Рожбата на Богородица. Она што некогаш беше само предобраз, сега станува реалност, и сета вселена ја поткрева да ти пееː Пејте Го дела, Господа, и превозносете Го во сите векови.

Откако ѝ се предаде на Светлината, и самиот се покажа како светлина, даруван од Бога, Философе, и со добродетелите се најде како друг Павле. Откако ги обиколи сите страни, меѓу незнабожците сјаеш посветло од сонцето, со словото на учењето.

Како што во северните градови си го растурил еврејскиот собор со острината на твоите зборови, така и кај Хазарите ти пријде мноштвото тебе, кој го пресече безбожието меѓу паганите, како Давид Голијата.

Земјата Панонска, од тебе со книги научена, крепко ги порази еретичките заблуди на тријазичниците. Затоа, спомнувајќи те тебе, мудриот учител, секогаш Го славиме Христа.

Богородиченː Со поучните книги на светите пророци, верно те проповедаме за Богородица, Дево, зашто си Го родила Стариот по денови, како нов Човек, затоа, Света, те воспеваме и те превозносиме.

Песна 9.

Ирмосː Ева, поради болеста на непослушноста ја всели клетвата; а ти, Богородице Дево, со процутувањето на плодот во твојата утроба, на светот благослов му процвета. Затоа сите ние те величаме.

Христос те вложи како драгоцено светило во црковниот венец, за да светлиш до краиштата (на земјата), заради Кого си се подвизавал до смртта, светителу, умножувајќи го воспитувањето на верните со знаење и постење.

Како ученик на апостол Павле, следејќи ги неговите добродетели, си дошол до крајот на западните земји, сеејќи го словото меѓу незнабожците, и во Рим својот дух си Му го предал на Бога.

Како сонце си огреал на земјата, учителу, просветлувајќи ги насекаде со параболи, како со богосветли зраци, оние што те воспеваат верно и стојат пред гробот на твоето тело. Спомни ги, блажени, твоите ученици.

Богородиченː Со зраците на твојата светлина, Пречиста, просветли ја сега мојата душа, која лежи во гробот на погибелта. Скрши ги непријателите кои ме мачат постојано, и кон грев ме туркаат.

Светилен, глас 2.

Својот живот си го завршил пред Бога, светителу, пазејќи ги книгите со желба за мудроста и, со нив просветлувајќи ја душата своја, си се покажал исполнет со богопознание, учителу словенски, многуславен Кириле.

Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Втор том, Февруари – август (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.

Упокоение на Свети Кирил Солунски

Подготви Светланка Трајчева

Претходна статијаДЕЦАТА И ЦРКВАТА!
Следна статијаНЕДЕЛА СИРОПУСНА Евангелие од Матеј (6, 14-21)