ЦРКВАТА И МЛАДИТЕ

ДЕЦАТА ПОМЕЃУ ЦРКВАТА И РОДИТЕЛИТЕ

Бројот на младите кои доаѓаат во Црквата денес сѐ повеќе се зголемува. Повеќето од децата и младината доаѓаат во Црква искрено да Му се помолат На Бога и да помогнат во многубројните црковни активности.

Сето тоа би било убаво, некои од нас да немаат проблеми со своите родители затоа што сакаат да одат во Црква.

Во семејствата каде што родителите се атеисти, детето трпи вистинска тортура поради своето одење во Црква. За таквите родители детето „застранило, е лудо, претерува… наместо да ужива во својот живот“.

Повеќето од родителите сметаат дека Бог постои, („дека има некоја виша сила“ – како што често умеат да кажат), притоа не обидувајќи се искрено да се приближат кон верата. Родителите од ваквите семејства главно не влијаат на тоа дали детето ќе оди во Црква или не.

Но, исто така се плашат, детето во својата вера „да не оди толку далеку“, односно да „застрани“ или да оди во некој манастир да се посвети на верата и Бога. Добро е што сè уште постојат и семејства во кои се живее христијански. Но, такви семејства, за жал, се многу малку.

Честопати имавме можност да прочитаме кај Светите Отци дека дошло време децата да ги учат на верата своите родители. Без желба да прекоруваме било кој од родителите, зашто по петтата Божја заповед, која гласи:

„Почитувај го својот татко и својата мајка, ако сакаш да ти биде добро и да поживееш долго на земјата“, ние неизмерно ги љубиме и почитуваме, но сакаме некои од нив да ги потсетиме на нивните изреки, дела и зборови, со коишто нас нѐ воспитувале и учеле и во надеж дека ќе сфатат.

Што е за дома, во Црква не се дава“, е една реченица во којашто нема ама речиси ништо христијански, знаејќи дека Господ Исус Христос рече:

„Царството Небесно прилега уште и на драгоценост, сокриена во нива, која ја нашол човек и прикрил, па, од радост за него, отишол и продал сѐ што има, и ја купил таа нива“. Уште и: „Царството Небесно прилега и на трговец, кој бара убави бисери; па, штом најде едно зрно скапоцен бисер, оди и продава сѐ што има и го купува“ (Мт. 13, 44-46).

Колкумина има млади коишто од своите родители ја слушнале изреката:

„Што е за во домот, во Црква не се дава“ и кои поради неа целиот свој живот ќе итаат кон богатство, нема да им помагаат на болните, нема да даваат милостина… Само оваа изрека повлекува уште низа гревови, кои човекот го спуштаат на ниво на животно.

За жал, родителите мислат дека вака ќе му обезбедат на своето дете материјална сигурност, не мислејќи притоа на неговата духовна страна.

„Не собирајте богатства на земјата, каде што ги јаде молецот и ‘рѓата, и каде што крадците ги поткопуваат и крадат; но собирајте си богатства на небото, каде што ниту молец, ниту ‘рѓа ги јаде, и каде што крадци не ги поткопуваат, ниту крадат“ (Мт. 6, 19-20).

Што се мачиш секоја недела и стануваш за да одиш во Црква?

Одмори се малку“ – честопати е прашање упатено кон детето.

Родителите честопати сами пресудуваат дека на детето му е измачување неделното станување за Света Литургија. Проблемот е во тоа, што некои родители имаат многу површно сфаќање на нашата вера.

Имено, ако некој верува во Бога, тогаш тој треба да се труди својот живот што повеќе да го сврти кон Бога.

Честопати велат: „Ние не сме ни попови, ни монаси. Ние сме обични луѓе, зошто претеруваш во верувањето?“

Па видете, драги наши родители – не само поповите, не само свештениците и монасите се должни да веруваат во Бога и да одат во Црква. Секој од нас треба да се стреми кон сопствениот пат, кон тесните врати, на патот кон Бога, кон своето спасение.

Дали знаете колку е за нас штетно што нѐ имате, а не сте венчани во црква? Ние во Црквата се молиме и за вас. Зар не е еден вид лицемерие кога родителите ја слават својата куќна слава, а на детето му бранат да оди некаде во манастир за да се исповеда и да се причести?

На родителите честопати им е страв за детето, случајно да не им „застрани“ многу ако оди во манастир. Во манастир, драги наши родители, се оди по Божја промисла, кога ќе се почувствува толку љубов кон Бога, што човекот може од сѐ да се одрече и да појде по тој пат, а не поради разочарување во луѓето, во љубовта, во државата…

Само сакаме во своите животи да поставиме граница помеѓу она што е вредно и она што не е, а сѐ за ваша и наша придобивка и за идните поколенија.

„Зошто ти се тие икони во собата, не ти е ова Црква?“

Секој од нас треба да има своја мала Црква и во своето семејство. Иконите служат за пред нив да се молиме, а истовремено нѐ потсетуваат на тоа дека Бог постои и создаваат во нас страв Божји, за да правиме само добро. На некои родители не им пречи тоа, што децата на ѕидот од својата соба закачуваат постери со човечки костури и со секакви сатанистички слики, а им пречат иконите.

„Многу претеруваш во постот! Зошто го постиш целиот пост? Тоа ти штети на здравјето!

Заборавате понекогаш дека Бог ни го дал здравјето и дека многу лесно можеме да го изгубиме. Човекот кој не е здрав, може околу постот да се посоветува со свештеникот, па ако свештеникот благослови некој да пости, не според правилото, туку олеснето, тогаш тој така може и да се причести.

Голем проблем се и пцостите и хулите на Бога, кои детето мора да ги слуша во младоста. Што друго ќе прави детето, на кое во свеста му е всадено пцуењето на Бога од своите родители, што ќе прави, ако не и тоа да го продолжи истото.

Се чини дека никогаш како досега, пцуењето на Бога и светителите не достигнало поголеми размери. Размислете колку пати вие денеска ќе слушнете дека вашите пријатели хулат на Бога и на светителите.

Сетете се секогаш на третата Божја заповед: „Не го спомнувај залудно името на Господа својот Бог!“ Ретко некаде ќе слушнете некој да го пцуе сатаната. На крајот, христијанинот никогаш не пцуе.

Кога ќе им кажеме на некои родители да дојдат во Црква, честопати умеат да одговорат:

„Кога јас одев во Црква немаше никој, а сега не можам да влезам од бившите комунисти и крадци“.

Запомнете, драги родители, дека првиот жител на рајот, после Господ Исус Христос, беше покајаниот разбојник на крстот. Ве потсетуваме и на зборовите на нашиот Господ Исус Христос:

„Не судете, за да не бидете судени; зашто со каков суд судите, со таков ќе бидете судени; со каква мерка мерите, со таква ќе ви се мери“ (Мт. 7, 1-2)

Треба на сите да ни биде мило, што и тие поранешни грешници почнале да се враќаат кон верата. И тие, исто како и вие, па и ние, сме жртви на еден систем кој во себе содржеше сѐ, освен Бога.

Еден од Светите Отци рече: „Повеќе ги љубам оние кои грешеле, па се покајале, отколку оние кои не грешеле, па се гордеат со тоа“.

Да ги примиме тие браќа и сестри помеѓу нас, како што тоа им доликува на вистинските христијани. Треба да ги љубиме и да се молиме и за нашите непријатели – „Зашто, ако ги љубите оние што вас ве љубат, каква ќе ви биде наградата? Зар не го прават тоа и цариниците?“ (Мт. 5, 46).

Повеќето од родителите велат дека не одат во црква, затоа што свештениците направиле нешто што ним не им се допаднало или велат дека свештениците се вакви или онакви.

Третата црковна заповед вели: „Свештените лица треба да ги почитуваме“.

Свештениците се луѓе како и сите ние, тие исто така можат да згрешат. Секој свештеник кој прави грев, исто така мора да одговара за него на страшниот Суд Христов. Стигнавме дури дотаму, што може да се види дека на некои луѓе им е помило да видат како свештеникот греши, отколку тие самите да направат некое добро дело.

Каде сето ова нѐ води?

Бројот на болни деца секојдневно се зголемува, народниот морал секојдневно опаѓа.

Дали некој се прашува зошто е тоа така?

Не е виновна само власта, оти некој од Светите Отци рече: „Каков народ, таква власт.“ Можеби подобра и не заслужуваме.

Драги наши мајки: „Си легнала сосема уморна, но никако не можеш да заспиеш. Те загрижува необичниот изглед и однесувањето на детето веќе подолго време. Се присетуваш редовно да му купуваш работи коишто тоа ќе ги посака – кукли, слатки… но сепак нешто не е во ред.

Забораваш, мајко, дека неговата душа стасува за практикување на духовен живот.

Дали некогаш си се запрашала дали детето те гледа тебе како во молитва разговараш со Бога?

Не доцни, почни да го воведуваш во драгите вистини на верата. Твоја должност е да му ја вратиш насмевката заради твојата и неговата иднина. Врати му ја веселоста, зашто Бог така сака.

Ти, мајко, си златна нишка помеѓу Бога и твоето дете.

Драги наши татковци:

„Знаеме дека сте горди поради улогата која Бог ви ја дал. Ги разбираме и вашите грижи кои светот ви ги наметнува. Вие сте наши хранители и старатели. Вие и во сигурно и во несигурно време расудливо одлучувате за светот и животот и бдеете над телесното и духовното растење на своите деца.

Внимателни сте, не ги пуштате децата во живот без совет и поука, но трудете се да го изберете најмудрото и најпостојаното.

Не заборавајте: Сите мудрости и сета наука за човекот се времени. Само Господовата наука е вечна. Ваше е, не на децата да им го замените Бога, туку со своите животи да им Го откриете и да им Го посведочите Бога. Ако на своите деца не им го оставите дарот на верата, со ништо нема да можете тоа да им го надокнадите, за разлика од материјалното“.

Секогаш да се сетиме на зборовите на нашиот Господ Исус Христос:

„Кој љуби татко или мајка повеќе од Мене, не е достоен за Мене“ и „Кој љуби син или ќерка повеќе од Мене, не е достоен за Мене!“

Со голема почит и љубов кон вас, ви препорачуваме своите деца да ги учите и советувате со мудроста Соломонова: „Синко мој, не ја отфрлај науката Господова.“

Превод: Сестринството на Метохот
Св. Спиридон Чудотворец

ИЗВОРМанастир Св. Гаврил Лесновски
Претходна статијаНЕДЕЛА НА МИТАРОТ И ФАРИСЕЈОТ
Следна статијаСПОМЕН НА СВЕТАТА И БЛАЖЕНА КСЕНИЈА, БЕЗДОМНАТА ТУЃИНКА НА ПЕТРОГРАД