Св. Ефрем Сирин – ЗА ПОСТОТ

Вoзљуби ја сиромаштијата Христова, за духовно да се збогатиш преку неа. Постот е колесница, која води кон небото.

Постот ги раѓа пророцитe и ги умртвува законодавците.
Постот е добра заштита на душата и надежен сожител на телото. Тој е оружје за доблесните и училиште за подвижниците.

Постот ги отстранува искушенијата и поттикнува на подвиг во благочестието. Тој е сожител на трезвеноста и виновник за целомудрието.

Постот е доблест во борбата. Тој згаснувал огнена сила, ја затворал устата на лавовите.

Постот ја воздига молитвата кон небото. Тој е мајка на здравјето, наставник на младоста, украс на староста и добар сопатник на оние кои патуваат.

Тие што постат, имаат чесно тело и скапоцена душа.

Постот го успокоил Лазар во пазувите на Авраама и затоа и ние да го возљубиме, за тој да не’ прими во Авраамовото крило!

Да го избегнуваме раскошот и да не бидеме робови на пијанството. Тие се извори на блудството. Пијанството не го прима Господа, туку Го отстранува Светиот Дух од нас.

Постот е благоустројство за градот, благочестие за пазарот, мир за домовите. Постот е чувар и закрилник на девственоста.

Постот е пат кон покајанието и виновник за солзите – тој не го љуби светот и она што е во него!

Да не паѓаме во униние кога постиме, затоа што во секоја црква ангелите ги запишуваат имињата на оние кои постат.

Постот е туѓ на злопамтењето – оние кои ги помнат огорченијата и злото кое им било нанесено, макар и навидум да постат и да се молат,

наликуваат на луѓе кои црпат вода и ја наливаат во продупчена бочва!

Бог не ги прима молитвите на човек кој го помни злото на брата си.

Нека биде славата и силата на Господа, сега и во веки веков.

Амин.

Претходна статијаАРХАНГЕЛИ ! (Кои се?)
Следна статија„Врви по Мене.“ (Светиот апостол и евангелист Матеј – Православен календар)