На Страшниот суд (10.02.2018 10:16)

 

Деца, забележувате ли дека прашањата на кои ќе треба да одговориме на Страшниот суд воопшто не се однесуваат на верата и Црквата на кои припаѓаме, ниту на државата, нацијата и партијата, ниту на нашите лични гревови, туку на конкретните лични дела на милосрдие:

дали кога Господ Христос беше гладен Му дадовме да јаде; дали кога Господ беше жеден Му дадовме да пие; дали кога Господ беше странец Го примивме; дали кога Господ беше необлечен Го облековме; дали кога Господ беше болен Го посетивме; дали кога Господ беше во затвор дојдовме при Него? (види: Матеј 25, 31–46).

Ова е минимумот што секој христијанин кој живее во светот треба да го исполни со надеж за спасение.

Зошто велам минимум? Според Светите Отци, од две причини. Прва – затоа што, на пример, Господ не бара од христијаните да ги исцелат болните или да ги ослободат заробените, туку да ги посетат и утешат.

Што полесно од тоа? И втора – затоа што не го става Господ како критериум за спасение нечинењето на злото, туку чинењето на доброто.

Што полесно и од ова?

Од аскетско-исихастички аспект, местото каде што ние Го бараме Богочовекот Христос е нашето срце, заробено и извалкано од страстите. А бидејќи нашиот ум не може да влезе во затвореното срце и да допре до Синот Човечки, Христос престојува таму осамен, гладен, жеден, странец, необлечен, во затвор…

Затоа, за да допреме до Христос и да Му послужиме, најнапред треба да го очистиме своето срце од страстите, да го осознаеме местото на срцето, да го откриеме влезот на Царството Небесно внатре во себе, и со својот ум смирено да застанеме пред Царот на славата, Кој страда заради нас и наше спасение.

Интересно е и полезно да знаете што значат зборовите „Господи, кога Те видовме…“ на оние што Страшниот суд ги затекнува на секој од степените на духовниот развој, поодделно:

Оние што Страшниот суд ги затекна на степенот на чистење на срцето од страстите, ги велат гореспоменатите зборови затоа што и покрај подвигот да ги исполнат Христовите заповеди во пракса, живеејќи во грижите на светот, не Го видоа Господ во своето срце преку дарот на умно-срдечната молитва.

Оние што Страшниот суд ги затекна на степенот на просветлување на умот, ги велат гореспоменатите зборови затоа што и покрај подвигот на умно-срдечната молитва и на љубовта кон непријателите, најчесто поради пастирски обврски во светот, не Го видоа Господ во своето срце и надвор околу себе преку дарот на гледање на несоздадената светлина.

Оние што Страшниот суд ги затекна на степенот на обожение, ги велат гореспоменатите зборови затоа што и покрај подвигот на непрестајната молитва и на плачот за целиот свет, поради злоупотребата на слободата од страна на оние што самите себе се ставија на левата страна, не Го видоа Господ и во нив. Господи, помилуј!

Што се случува со оние кои Страшниот суд ги затекнува во грев и пад?

Тоа што Богочовекот Христос воопшто стапува во дијалог со нив, колку и да звучи тоа страшно („одете од Мене, проклети“), не е ништо друго освен давање на уште една можност за покајание.

И наместо да признаат дека ја заслужиле казната и да побараат прошка и милост од Семилостивиот Христос и да се спасат во последен момент, тие се самооправдуваат и Го обвинуваат Господ и на самиот Страшен суд: „Господи, кога Те видовме…“

Со еден збор, сите оние што во текот на целиот свој живот се самооправдуваа и ги обвинуваа другите, што друго знаат освен и пред Христос на Страшниот суд истото тоа да го повторат.

Пресвета Богородице, спаси нѐ!

Митрополит Струмички Наум

 

Претходна статијаПАШТЕТА ОД СОНЧОГЛЕД И СЕМКИ ОД ТИКВА (Посни манастирски рецепти)
Следна статијаЗАДУШНИЦА – корисни упатства и совети во врска со починатите за кои малку знаеме