ЗА СМИРЕНОМУДРИЕТО – Свети Јован Лествичник – Лествица
„…Оној кој со обичен јазик би сакал, на сосема соодветен начин, да го објасни чувството и дејството на љубовта Господова, на смиренољубието – онака како што тоа му доликува на смиренољубието;
на блажената чистота – вистинито;
божественото озарение – сосема јасно;
стравот Божји – очигледно, и кој мисли единствено со зборување да ги просвети оние коишто и самите не вкусиле од наведените добродетели – прави нешто слично на човекот кој би сакал со зборови и примери да им објасни што е сласта на медот на оние кои мед
никогаш ниту не пробале.
И како што некој друг залудно држи предавање
(да не кажам – млати празна слама), така и првиот ни самиот не го познава она за што говори или пак трпи жестоко исмевање од суета.
Оваа поука става пред вас ризница, направена во земјени садови или подобро – во телата, која по својот квалитет останува тајна за секој разум.
Еден единствен натпис има оваа ризница, натпис непојмлив, кој одозгора доаѓа.
Оние кои се грижат да го протолкуваат со зборови – преземаат на себе труд на големо и бесконечно испитување.
Тој натпис е: СВЕТО СМИРЕНИЕ!
Оние коишто Духот Божји ги води нека влезат со нас во ова мислено и семудро собориште, носејќи во мислените раце богопишани таблички на Богопознанието.
И се собравме и заедно ја истраживме и ја испитавме силата на овој чесен натпис.
Еден кажа дека смиреноста е потполн заборав на своите добродетели;
вториот – да се сметаш себеси за последен и погрешен од сите;
третиот – познавање на сопствените слабости и немоќи;
четвртиот – да го спречиш ближниот во случај да се налути и прв да ја прекинеш караницата;
петтиот, пак – сознание на Божјата благодат и сомилост;
шестиот – чувство на скрушена душа и одрекување на сопствената волја.
Бидејќи сето ова го чув, го разгледав и грижливо го испитав во себе, јас сепак не бев во состојба да почувствувам што е блажена смиреност.
И затоа, последен од сите, собирајќи ги како куче трошките кои паѓаа од масата на мудрите и блажените отци, се обидов да ја одредам смиреноста на овој начин:
Смиреноумието е безимена благодат на душата.
Нејзиното име им е познато само на оние кои ја запознале на сопственото искуство. Тоа е неискажливо богатство.
Божји назив и Божји дар.
Научете се, вели, не од ангелите, не од човекот, не од книгите, туку од мене , т.е. од моето вселување, озарување и делување меѓу вас, затоа што јас сум кроток и смирен во срцето и умот и разумот и ќе најдете покој на душите свои од војната и олеснување во борбата со помислите (Мт.11 29)…“
Превод Мина Даниловска
…(Поука ХХV- О УПРОПАСТИТЕЉУ СТРАСТИ, УЗВИШЕНОМ СМИРЕНОУМЉУ, КОЈЕ СЕ РАЗВИЈА У НЕВИДЉИВОМ ОСЕЋАЊУ)