Преподобен Григориј Синаит
Наречен Синаит зашто беше замонашен на гората Синај.
Во времето на царот Андроник Палеолог, околу 1330 година, дојде на Света Гора да ги посети манастирите и да дознае нешто за умствената молитва и созерцанието.
Но овие духовни дејанија меѓу светогорците во она време беа безмалку непознати. Единствен кој знаеше за ова и до совршенство го практикуваше беше Свети Максим Капсокаливит.
Григориј го распростре своето учење за умствената молитва по келиите и манастирите на Света Гора.
Прочуен меѓу неговите ученици беше Калист, патријарх Цариградски, кој и го напиша неговото житие.
Потоа Григориј премина во Македонија и по други места на Балканот и основа обители во коишто монасите се вежбаа во Исусовата молитва со умот.
Така им помогна на многумина да се вдлабочат во молитвата и да се спасат. Неговите списи за умствената молитва и за подвижништвото се наоѓаат во Добротољубието.
Меѓу другото го напиша и припевот кон Пресвета Троица „Достоино ест“, кој се пее на воскресната полуношница.
Спаѓа меѓу најзначајните подвижници и духовни учители на Балканот.
Се упокои мирно.
Подготви: Светланка Трајчева