Распетие – икона од 5. векСвети Силуан Атонски – ЗА МАЈКАТА БОЖЈА

„ Кога душата е во љубовта Божја, о, колку е тогаш сè добро, колку е сè мило и весело. Но, и при љубовта Божја постои тага.

И колку е поголема љубовта, толку е поголема и тагата.

Божјата Мајка никогаш не згреши ниту со една помисла, и никогаш не ја губеше благодатта. Но, и Таа многу тагуваше.

А кога стоеше под Крстот, Нејзината тага беше безмерна како океан и маките на Нејзината душа беа неспоредливо поголеми од маките на Адам по изгонувањето од рајот, затоа што и Нејзината љубов беше неспоредливо поголема, отколку љубовта на Адам во рајот.

И тоа што Таа остана жива, е само заради тоа што ја крепеше силата Господова. Оти Господ сакаше Таа да го види Неговото Воскресение и по Неговото Вознесение да остане на земјата за утеха и радост на Апостолите и на новиот христијански народ.

Ние не можеме да ја достигнеме полнотата на љубовта на Божјата Мајка, и затоа не можеме во полнота да ја разбереме Нејзината тага.

Нејзината љубов беше совршена!

Таа безмерно Го љубеше Бога и Својот Син. Но Таа ги љубеше и луѓето со голема љубов.

И што ли преживуваше Таа, кога тие луѓе, што многу ги љубеше, и чиешто спасение до крај го сакаше, Го распнуваа Нејзиниот Возљубен Син?

Ние не можеме да го разбереме тоа, затоа што во нас има малку љубов спрема Бога и спрема луѓето.

Колку што љубовта на Мајката Божја беше безмерна и непостижна, толку и Нејзината тага беше безмерна и непостижна

О, Пречиста Дево Богородице, кажи ни нам, на Твоите деца, како живеејќи на земјата Го љубеше Својот Син и Бог, како се веселеше Твојот дух во Бога, Спасителот Твој?

Како го гледаше Неговото прекрасно лице и како помислуваше дека тоа е Оној, на Кого со страв и љубов Му служат сите небесни сили?

Кажи ми, што чувствуваше Твојата душа, кога во Своите раце Го држеше прекрасниот Младенец?

Како Го воспитуваше?

Колку Те болеше душата кога заедно со Јосиф три дена Го бараше во Ерусалим?

Какви ли маки преживуваше Ти кога Господ беше предаден на распнување и умираше на Крстот?

Кажи ни колкава беше Твојата радост заради Воскресението, или како тагуваше Твојата душа по Вознесението Господово?

Нашите души копнеат да знаат каков беше Твојот живот со Господа на земјата.

Но Ти не посака тоа да се запише, туку со молчание ја покри Својата тајна…..“

Претходна статијаПОСЛУШАНИЕТО Е НАД ПОСТОТ И МОЛИТВАТА
Следна статијаДали смртта е крај на светот? Не е, верувај; таа е почеток на се`!