ЛАГА
Во минатата беседа говоревме како демонот го користи нашиот личен внатрешен расцеп, нашата нецеловитост, нашата неисцеленост, односно го користи расцепот меѓу примарната функција на нашиот непросветлен ум и неговата секундарна функција – прехранетиот разум, и преку овој внатрешен умен расцеп успева кој било дел од целината на нашиот живот да ни го прикаже како целина, а истовремено успева да направи целината да ја превидиме.
И, нормално, превидот е секогаш во согласност со нашите страсти.
Со други зборови, користејќи ја нашата внатрешна гревовна умствена поделба и расцепеност, демонот успева да направи и надворешните работи да ги гледаме поделени и спротивставени, да заземаме страна и да дејствуваме во насока на уште поголеми поделби и оддалечувања во секоја област од нашиот живот, како и, најстрашно, успева да направи поделби и меѓу нас самите.
Минатиот пат посебно ги спомeнавме поделбите во Црквата и црковното учење, и поделбата на луѓето преку политичките партии.
Не велиме дека не постојат различности; напротив, постојат и тие ја прават убавината на целината на нашиот живот.
Но, демонот, преку расцепениот ум, различностите ни ги претставува како поделби, а поделбите ни ги претставува како закана, која предизвикува страв, а потоа и параноја.
Различниот, по која било основа, не е дел од нас, тој е закана за нас, и затоа против него треба да преземеме и соодветни мерки на превенција.
Ваквото демонско размислување и постапување е изворот на сите проблеми.
Но, што не знаат луѓето, а за чудо, забораваат и т.н. христијани, кои постапуваат на погоренаведениот начин?
Ги забораваат Христовите зборови:
Вашиот татко е ѓаволот; и вие сакате да ги исполнувате желбите на својот татко; тој е човекоубиец од почетокот и не стои во вистината, зашто во него нема вистина. Кога зборува лага, говори од себе, зашто е лажец и татко на лагата (Јован 8, 44).
Лагата е отсуство на Благодатта Божја и темнина во умот, додека вистината е присуство на Благодатта Божја и просветленост на умот.
Како што видовме, поделбите и непријателствата се дело на нашата умствена поделба и расцепеност, и на дејствувањето на демонот внатре во нас, кој е татко на лагата и човекоубиец од почетокот.
Со други зборови, поделбите и непријателствата се лага, и кој се наоѓа во оваа состојба, излажан е од демонот и е негов слуга, а истовремено, свесно или несвесно, и Божји непријател.
Затоа и реков:
„А некои од нас, иако се мислат христијани, уште и острастено учествуваат во поделбите наместо да го вршат делото на Црквата – да ги исцелуваат поделбите.
Затоа, и кога мислат дека се причестуваат – не се причестуваат, оти Христос е сѐ, Христос е целина, а не дел“.
Дали забележувате дека севкупниот модел на модерниот начин на живот успева да нѐ подели меѓусебно и да нѐ држи во некаква навивачка состојба, па дури и да нѐ прави меѓусебни непријатели врз основа на таа поделеност и навивачка состојба во којашто се наоѓаме – дури и за најситните работи од нашиот живот (да не ги наведувам).
Луѓето се подготвени да се повредат со мисла, збор или на дело само затоа што навиваат за различни спортски клубови, а да не зборуваме за поделбите и навивањето кога се во прашање поголеми лични интереси – поделба и интерес какви што, на пример, станаа политичките партии.
Кога еден човек ја прифаќа демонската лага наместо вистината, тој го прифаќа почетокот на својата смрт – духовна и физичка.
Исто и еден народ. Таму каде што настапуваат лагата и поделбата, полека, но сигурно, отстапува и благодатта Божја, отстапуваат вистината и вистинската вера, отстапуваат љубовта и надежта, храброста, отстапува светлината и настапува темнината.
Тогаш луѓето се губат самите себе, го губат својот пород, го губат своето семејство и на крајот ја губат и својата земја на којашто живеат.
И зошто?
Поради една ситна лага, која ја прифатиле како вистина, а која преку соодветна лична суета и интерес прераснала во голема лага.
Пресвета Богородице, просветли ја нашата темнина и спаси нѐ!
Митрополит Наум