Недела на слепиот –
Тогаш повторно го повикаа човекот што беше порано слеп и му рекоа:
„Прослави Го Бог; ние знаеме дека Оној Човек е грешен”.
А тој одговори и рече:
„Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам”.
Пак му рекоа: „Што ти направи? Како ти ги отвори очите?”
Тој им одговори: „Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете?
Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?”
А тие го укорија и му рекоа:
„Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. Ние знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е”.
Одговори човекот и им рече:
„Тоа и е за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите. Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бог и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. И ако Он не беше од Бог, не можеше да направи ништо”.
Одговорија и му рекоа: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нè учиш?” И го испадија надвор.
Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече:
„Веруваш ли ти во Синот Божји?”
Тој одговори и рече: „А кој е, Господи, па да поверувам во Него?” Исус му рече: „И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е”.
тој рече: „Верувам, Господи!” И Му се поклони (Јован 9, 1-38).
Се случија две средби помеѓу човекот и Христос: првата додека уште беше слеп и додека со благодарност и смиреност го носеше својот Крст; и втората, кога веќе беше прогледал и откако Го правдаше Христос пред фарисеите.
И фарисеите двапати се сретнаа со човекот: првиот, кога не поверуваа дека бил слеп; и вториот, кога сакаа да го омаловажат делото Христово и Самиот Христос.
И додека фарисеите паѓаа од грев во грев затоа што прво му згрешија на човекот, а потоа и на Самиот Господ, за тоа време човекот напредуваше од сила во сила, прво просветлувајќи се, а потоа восовршувајќи се.
Ова евангелие опишува само уште еден школски пример, од многуте во Новиот Завет, на судирот помеѓу оние што се држат до словото на Законот, кое убива, и оние што го почитуваат Духот на Законот, Кој оживува;
помеѓу оние кои на сè што не одговара на нивното самољубие се спротивставуваат со празни зборови и оние што на празните зборови им се спротивставуваат со дела;
помеѓу оние што се служат со лични дисквалификации и оние кои што се личности;
помеѓу оние што се грижат само за својата надворешност и оние што се грижат пред сè за својата внатрешност;
помеѓу оние што самодоволно престојуваат во темнината на својот ум и оние кои постојано го просветлуваат својот; помеѓу оние кои се кријат позади авторитетот на институцијата и оние кои се носители на харизмата, на дарот на Светиот Дух.
Гледајте колку празните зборови и личните дисквалификации се немоќни пред добрите дела:
„Прослави Го Бог; ние знаеме дека Оној Човек е грешен. А тој одговори и рече:
Дали е грешен, не знам; но знам дека бев слеп, а сега гледам”.
И што да одговорат на проверениот и потврден факт дека човекот беше слеп, а сега гледа? Со која човечка мудрост и домисла би му се спротивставиле на овој факт на сите познат? Со кои зборови би му се спротивставиле на кое било добро по Бог дело, а камоли на Лично Божјото…
Но, дали после ова следи покајание или уште едно промашување? Фарисеите се обидуваат да го дознаат рецептот за успехот, како да е тоа некое тајно знаење што може само со разумот лесно да се достигне и научи, како да е тоа некоја независна безлична моќ, како да е тоа нешто што се продава и купува:
„Што ти направи? Како ти ги отвори очите?”
Кога не би знаел дека човекот, односно Господ преку него, најдобронамерно ги потсетува на растењето во личниот однос како пат до таа моќ, би си помислил дека човекот се шегува со нив:
„Јас ви реков веќе и не чувте, што сакате пак да чуете? Да не сакате можеби и вие да Му станете ученици?”
Но, дали и после ова следи покајание на фарисеите или уште едно промашување? Еве како луѓето без авторитет се кријат позади авторитетот на институцијата што ја претставуваат, а со која очигледно немаат никаква врска:
„Ти си Негов ученик, а ние сме Мојсееви ученици. Ние знаеме дека со Мојсеј говорел Бог; а Овој не знаеме од каде е”.
Кога не би знаел дека човекот, односно Господ преку него, најдобронамерно ги потсетува на духовниот закон на послушанието, повторно би си помислил дека човекот се шегува со нив:
„Тоа и е за чудење, што вие не знаете од каде е, а мене, сепак, ми ги отвори очите.
Знаеме дека Бог не слуша грешници: но оној што Го почитува Бог и ја исполнува Неговата волја, него го слуша. Откако е веков, не се чуло некој да отворил очи на слепороден. И ако Он не беше од Бог, не можеше да направи ништо”.
Кога ќе видиме дека во животот нешто не ни оди како што сме замислиле, да не ги обвинуваме другите за тоа, туку самите себе; тоа е сигурно затоа што и ние не Го слушаме нашиот Отец небесен и не ја исполнуваме волјата Негова.
Но, дали и после ова следи покајание на фарисеите или уште едно промашување? Просудете сами: „Сиот си во гревови роден, па зар ти нас ќе нè учиш?” И како што во продолжеток вели евангелието: тие го испадија надвор. Тоа е сведоштво на немоќта, за покајание.
Но кога фарисеите ќе ве отфрлат од себе, не плашете се туку радувајте се, тоа е само сведоштво дека Самиот Христос ве пронашол и прифатил и дека Самиот Христос ве води и внесува во сета Вистина.
Исус чу дека го истерале, па како го најде, му рече:
„Веруваш ли ти во Синот Божји?”
Тој одговори и рече:
„А Кој е, Господи, па да поверувам во Него?”
Исус му рече: „И си Го видел, и Кој зборува со тебе, Он е”.
А тој рече: „Верувам, Господи!” И Му се поклони.
А кога Богочовекот Исус Христос нè води, тогаш телесниот подвиг преминува во аскетска љубов кон непријателите, па и во мачеништво заради Него; тогаш умната молитва преминува во умносрдечна, па и во непрестајна; тогаш гледањето на првата светлина преминува во просветленост, па и во несоздадена светлина Божја; тогаш верата преминува во знаење, па и во предзнаење.
Митрополит Струмички Наум