Старче, имаат ли маѓепсниците некое известување (видение, внатрешна сигурност на срцето)?
Имаат известување од ѓаволот, а кажуваат и многу лаги.
И вие да внимавате во гостоприемницата. Треба да ја проверувате состојбата.
Да гледате какви се луѓето што доаѓаат, зашто може да дојде и некој што се занимава со магии. Не треба да ви е чудно?
На едно бдение дојдоа две лица коишто се занимаваа со магии. Им се доближуваа на луѓето и им кажуваа разни работи.
На една жена ѝ рекле: „Ти имаат направено магии; ќе дојдеме кај тебе дома да ти ги одврземе со еден крст што го имаме“.
Доаѓаат на бдение, зборуваат наводно духовни работи, а другите велат:
„Бидејќи доаѓаат на бдение значи се верници“, и им го отвораат срцето.
Колку ли само ги збунуваат луѓето со лагите што ги кажуваат! За да излаже некој една девојка ѝ рекол:
„Отец Пајсиј имал видение дека ќе се омажиш за мене; земи го ова да го носиш, без да испитуваш што е“, и ѝ дал нешто што било магиско.
Но, таа за среќа не го ставила. „Добро, отец Пајсиј со такви работи ли се занимава!“ – рекла, и веднаш седнала да ми пишува едно писмо, четири страни со збиени редови, полно со навреди.
Какво хулење! „Нема гајле“, велам, „навредувај ме“. Алал да ти е хулењето, барем не се излажа да ја ставиш сатанската амајлија!“
– Ве познаваше, Старче?
– Не, не ме познаваше. И јас не ги знаев, ниту неа, ниту него.
Демонски, магиски дејства
– Старче, што им рековте на учениците коишто дојдоа денеска и ви кажаа дека повикувале духови?
Што да им кажам? Прво добро ги искарав. Тоа што го направиле е одрекување од верата. Од моментот кога го повикуваат и го примаат ѓаволот тие се одрекуваат од Бога.
Затоа и им кажав прво да се покаат, искрено да се исповедаат, и во иднина да внимаваат; да одат во црква, да се причестуваат со благослов на духовникот и да се осветуваат.
За нив е олеснително, оти се деца и тоа го правеле како игра. Ако беа возрасни ќе им се случеше големо зло; ѓаволот ќе стекнеше голема моќ над нив. Но, да не заборавиме дека може и децата да ги потресува.
-Значи, старче, што точно направиле?
-Тоа што го прават многумина… Ставаат на една маса чаша со вода и околу ги редат буквите на азбуката А, Б, В, Г… Го ставаат потоа прстот во вода и го повикуваат духот, значи ѓаволот.
Чашата се врти, запира пред буквите и испишува зборови.
Тие го повикале духот и кога дошол го прашале: „Постои Бог“? „Не постои“, им рекол. „Постои сатана?“ „Постои“. Значи, тешки глупости! Не постои Бог, а постои сатана!
Кога повторно го прашале дали постои Бог, им рекол: „Да, постои“. Еднаш „да“, еднаш „не“, и се замислиле децата.
Така устроил Господ, за да им помогне. Една девојка од друштвото била удрена од чашата. Допуштил Бог да биде удрена, за да се соземат и другите деца. А, денес и мнозина кога сакаат да направат некакво зло на некоја личност, прибегнуваат кај маѓепсници коишто ја користат восочната кукла на вуду. Маѓепсниците ова го имаат како играчка, како хоби.
-Старче, што прават?
-Еве, какво зло прават и медиумите! Не е доволно што им ги земаат парите на луѓето, но растураат и фамилии.
Оди, на пример, некој кај медиумот и го кажува проблемот што го има.
„Гледај“, му вели тој, „една роднина којашто е малку црномуреста, малку висока итн., ти има направено магии“. И, бара тој да види која од неговиот сој ги има тие карактеристики.
Ќе најде некоја којашто ќе личи макар и малку. „А, таа е што ми направи магии“ – си вели, та го фаќа една омраза кон неа. А, таа бедната, не знае ништо – може дури и да му била добротвор, – тој, пак, е огорчен против неа, што не сака ниту да ја види!
Оди повторно кај медиумот, и тој му вели:
„Сега треба да ги одврземе магиите. А, за да ги одврземе дај нешто пари“. „Е, бидејќи откри што е, треба да го наградам“! И, давај му пари… Гледаш ѓаволот што прави?
Прави скандали. Додека еден добар човек, дури и да знае нешто конкретно за некого, никогаш нема да каже –
„Тој ти има наштетено“, но ќе се обиде да му помогне.
„Види“, ќе му каже, „не си примај помисли. Оди да се исповедаш и не плаши се“.
И, така, му помага и на едниот, и на другиот. Оти и тој што му наштетил на другиот штом гледа дека овој се однесува со добросрдечност, се замислува (во добрата смисла на зборот), та се покајува.