Христијанска беда – 2017
Постои едно суптилно тежнеење (свесно или неосвестено) внатре во нас, почнувајќи од себе и од нашето најтесно семејство, па сѐ до најшироката заедница, да создадеме некакво „Земно царство“ во кое ќе ги задоволиме сите наши страсти – за славољубие, среброљубие и сластољубие, не гледајќи дека со тоа се откажуваме од Царството Небесно.
Со други зборови, сакаме да имаме личен мир, секогаш да се чувствуваме добро, сите наши потреби да се задоволени, а да не ни се случува никакво страдање или недостаток кој сето тоа ќе го поремети;
но забораваме дека поради нашата душевна оболеност, тоа не е можно, и дека секое зло што ни се случува е само отсуство на благодатта Божја од која сами сме се одрекле.
Не забележуваме ли дека колку повеќе се трудиме да го оствариме, толку повеќе тоа „Земно царство“ е сѐ подалеку и подалеку од нас, и толку повеќе таквото тежнеење духовно нѐ разнебитува?
Зарем не гледаме што се случува околу нас?
Целиот свет е во криза на сите нивоа, почнувајќи од личното – од самите себе. Барајќи го „Земното царство“, ние остануваме без благодатта на Небесното.
На кој начин се одрекуваме од Царството Небесно и истовремено од Богочовекот Христос, а се определуваме за „Земното царство“?
Секогаш кога нашата безбедност, односно задоволувањето на животните потреби ги темелиме на нешто што е надвор од Бог, а не на Него.
На пример, кога нашата сигурност ја темелиме на државата, нацијата, партијата, на семејството или на некои други видови само човечко, овосветско групирање, како и кога се чувствуваме безбедни и задоволни само поради човечката власт, имотот и парите што ги поседуваме.
Секое такво втемелување на нашата обезбеденост, како што сум рекол, е одрекување од Крстот Христов, а истовремено и последователно, и од Царството Небесно.
Уште еднаш повторувам: немаме многу страни, или ќе бидеме со Христос или со другата страна (со овој свет), во која, патем речено, разликуваме две еднакво опасни групи
– онаа, фарисејската, што Го предаде на чело со Јуда, и онаа што Го осуди и распна.
Нашата (христијанска) забуна е што барајќи ја сигурноста во овој свет, најчесто се определуваме за онаа група од втората опција, маскираната во побожен лик, која, всушност, Го предаде; затоа што сме потполно исти како нив.
Атеистите најчесто за другата – која Го осуди и распна.
На која од овие две световни страни и да сме, со Христос не сме – да не се лажеме себеси!
Кој има уши да чуе – нека чуе.
Време е да си признаеме дека од оваа страст страдаме сите – кој помалку, кој повеќе, а поради непросветленоста на нашиот ум.
Ги изневеривме сопственото предназначение и заветите од Светото Крштение, си ги продадовме душите на како и да се нарече оваа световна врева околу нас и на ѓаволот.
Личните профили и профилите на разните фејсбук групи и страни се полни со тежнеења кон „Земното царство“ (тоа лесно се забележува) и заземање погрешна страна – световната.
Затоа и вриштат од непокајание и меѓусебна поделба.
Ако и ние, христијаните, не сме веќе никаков пример за покајание, љубов и единство, тогаш кој?
И ако навистина го бараме Царството Небесно, тогаш зошто веќе го немаме откриено во нашето срце, преку умно-срдечната молитва, и по толку години „христијански“ живот?
Јасно ли е сега, зошто истите луѓе што Го внесуваат и дочекуваат во слава Богочовекот Христос во Ерусалим (види: Матеј 21, 1–11), по само неколку дена на најразлични начини се одрекуваат од Него? (види: Лука 23, 1–25).
Од истата причина како и ние денес – поради тежнеењето кон „Земното царство“; со таа разлика што за нив има некакво оправдување – тие чекале овоземен цар, и затоа ќе добијат втора шанса, а за нас, православните христијани, нема никакво оправдување – ние треба да го очекуваме и посакуваме доаѓањето на Царството Небесно со воскреснатиот Богочовек Исус Христос, во слава.
За нас, псевдо-христијаните, втора шанса нема.
Пресвета Богородице, спаси нас!
Митрополит Струмички Наум