Петок од Светла седмица
Синаксар на живоносниот извор на Пресвета Владичица
Богородица.
Во петокот од Светлата седмица го празнуваме обновувањето на храмот на Пресвета Владичица наша Богородица, наречен Живоносен Извор (источник).
Си спомнуваме и за извонредните и натприродни чудеса што се случиле во тој храм на Божјата Мајка.
Овој храм најнапред беше основан од царот Лав Велики.
Бидејќи беше добар и смирен човек, поради неговите добри и милостиви намери, пред да стане цар, наоѓајќи се на тоа место, најде еден слеп човек кој не гледаше каде да оди.
Тој го фати за рака и го водеше. Кога двајцата пристигнаа на местото каде што беше изворот, слепиот ожеднел и го молеше Лава да го пороси.
Тој (Лав) влезе во шумата, полна со разни дрвја и растенија, и бараше вода. Не наоѓајќи го изворот, тој се врати незадоволен.
Но слушна глас одозгора, кој говорешеː О Лаве, не губи надеж, бидејќи водата што ја бараш е близу до тебе; врати се, и најди ја.
Лав се врати и, по долго барање, не ја најде.
Но пак го слушна истиот глас кој му речеː
Цару Лаве, влези во внатрешниот дел од оваа густа шума и земи од оваа матна вода, и згасни ја жедта на слепиот; помажи ги неговите слепи очи, и веднаш ќе дознаеш која сум и дека подолго време живеам на ова место.
Лав направи како што му рече гласот и слепиот веднаш прогледа. И, како што претскажа Божјата Мајка, за кратко време Лав стана цар и со своите набожни раце над изворот изгради храм што може да се види и денес.
Таму се случуваат бројни чуда секојдневно и, по многу години, великиот цар византиски Јустиниан, кој страдаше од тешко мокрење (дизурија), таму го најде своето исцеление.
Од благодарност кон Мајката Божја, тој го обнови првиот храм и го направи поголем и поубав од првиот.
Оштетуван и уриван од многу земјотреси, најпосле беше обновен од царот македонски Василиј и од неговиот син Лав Мудри. Во нивно време овој извор направи бројни чудеса.
Тој лекуваше чиреви, дизурија, и илјадници други болестиː рак, долгогодишно крвотечение, од кои страдаа царици и други жени; различни трески и други болки, неизлечливи рани и неплодност кај жени.
И царицата Зоја, која беше неплодна, прими дар од овој извор, – синот Константин Порфирогенит. Тој воскресна и мртовец кој умре на патот, доаѓајќи да се поклони на изворот.
Кога беше на умирање, тој му заповеди на морнарот да го однесе во црквата над изворот, да сипе врз него три кофи вода од него, и тогаш да го погребе.
Така и направија. Но, додека тие сипаа вода врз мртвиот, тој воскресна.
По многу години, кога големиот храм се закануваше да падне, се јави Богородица и го држеше, додека излезе надвор мноштвото народ, и никој не беше повреден.
Истата оваа вода, пиена, исцели многу бесни и ослободи од оковите многу затвореници. Таа го излекува и царот Лав (Мудриот) од каменот од којшто страдаше, и ја згаснал треската (високата температура) на неговата жена Теофана.
И неговиот брат Стефан (патријарх) го ослободи од туберкулоза.
Му дарува слух и на Јован, патријархот ерусалимски.
Таа вода ја исцели и силната треска на патрицијот Тарасиј и неговата мајка Магистриса, и синот на Стилијан го исцели од дизурија (тешко мокрење).
И некоја жена, по име Схизина, ја ослободи од цревна болест.
Царот Роман и неговата жена ги исцели од отворање и затворање на цревата.
Во Халдеја, повикувањето на Мајката Божја (Сесвета) го излекува монахот Пиперин и неговиот ученик.
Исто така, и монасите Матеј и Мелетиј, кои беа наклеветани кај царот, ги ослободи од неговиот гнев. И кој би можел да ги наброи чудата што ги направи во полза на патриции, протопсалти и мнозина други…
Не е праведно да не се спомне и исцелението Исихово, ниту некој јазик може да ги искаже колку чуда направи таа вода, а и до ден денешен ги прави, кои се побројни од дождовните капки, од ѕвездите небесни и од мноштвото лисја, што ги видовме во наше време.
Таа исцели и други смртоносни болести, лепри, чиреви, рак кај жените и многу душевни болести, како и различни очни болести.
Таа го исцели и варегот Јован од хидропизија, и друг варег исцели од тешки рани; свештеномонахот Марко го излекува од мозолчиња, а монахот Захариј – од каменчињата (во бубрегот).
И многу други чудеса што ги направи и ги прави непрестајно, а кои не е можно да бидат изброени.
По молитвите на Твојата Мајка, Христе Боже наш, помилуј нѐ, амин.
+++
Кондак, глас 8.
Богоблагодатна Дево, од твојот извор кој тече непрестајно, ти ми даваш вода од твојата благодат неискажливо.
Затоа ти се молам тебе, која надумно Го роди Словото, пороси ме со благодатта, за да ти викам:
Радувај се, водо спасителна!
Икос: Неосквернета Богородице, која Го роди Словото на Отецот, Кое пред вековите се роди нераспадливо, рашири ја мојата уста, Чиста, за да можам да те славам и да му ја принесам на твојот извор оваа пофалба, викајќи:
Радувај се, извору на радост непрестајна!
Радувај се, теку на неискажлива добрина!
Радувај се, ослободување од различни болести!
Радувај се, потопување на секакви страсти!
Радувај се, водо провидна, која верните ги правиш здрави!
Радувај се, благодатен брану, кој лекуваш различни болести!
Радувај се, чашо на животочна манна!
Радувај се, од Бога излеана бањо и нектару!
Радувај се, водо на премудроста, која го отстрануваш незнаењето!
Радувај се, омекнување на срцето, кое излева храна божествена!
Радувај се, пристаниште на изнемоштените!
Радувај се, ти која го гаснеш пламенот на болните!
Радувај се, водо спасителна!
Синаксар на живоносниот извор на Пресвета Владичица
Богородица.
Изворː ЦВЕТЕН ТРИОД
Подготви Светланка Трајчева