Дома Свети Отци Него фарисеите Го сметале за никој и ништо!“ Свети Макариј Велики

Него фарисеите Го сметале за никој и ништо!“ Свети Макариј Велики

0
611

Свети Макариј Велики

Состојбата на оние што ја почувствувале примената благодат

Освен овие напади, доаѓаат и други – однадвор. Заедно со пројавувањето на Божјата благодат во срцето на подвижникот, почнуваат непријателските напади и од страна на луѓето.

Непријателот, избркан одвнатре, се вооружува однадвор. Ова е неизбежен услов за христијанинот, кој води кон усовршувањето на духот.

245. Божјите луѓе треба да се подготвуваат за борба и за подвиг.

Како што храбриот младич бива истраен во борбите, ги претрпува ударите што му ги нанесуваат и на тие удари одговара со удари, така и христијаните треба да ги поднесуваат ударите во внатрешните и надворешните борби – да ги претрпуваат и да победуваат преку трпеливоста.

Таков е патот на хистијнството. Таму каде што е Светиот Дух, таму како сенка следат гонењата и борбите.

Не гледаш ли дека и пророците, иако во нив дејствувал Светиот Дух, секогаш биле прогонувани од своите сонародници?

И нашиот Господ и Спасител Исус Христос, Кој бил и пат, вистина и живот – бил гонет и тоа не од некој друг народ, туку од своите луѓе. Неговиот народ – Израилците – Го гонеле и Го распнале.

Истото било и со светите апостоли: по крсните страдања, по воскресението и по вознесението на Господа, на нив слегнал Светиот Дух, Утешителот, и се вселил и во нив и во сите христијани, па потоа апостолите и христијаните почнале да биваат гонети и измачувани.

За тоа и тие не треба ни најмалку да се чудат, зашто вистината треба да биде гонета.

246. Не е едноставно и она што е напишано за многустрадалниот Јов: како сатаната Го молел Бога да му го предаде, зашто тој не можел да му направи ништо, ако Бог не му дозволил. Што му рекол ѓаволот на Господа?

Му рекол:

“Ти ги благослови делата на рацете негови, стадата негови се шират по земјата; но пружи ја раката Своја и допри се до сѐ што е негово, ќе Те благослови ли тогаш?“ (Јов 1, 10-11)

Така е и сега. И Јов е истиот, и Бог е Истиот, и ѓаволот е истиот.

Тогаш кога ја гледал Јов Божјата помош, тој бил ревносен и Божјата благодат горела во Него. Ѓаволот Му се молел на Бога и го барал Јова, велејќи:

„Ако му помагаш и ако го заштитуваш, тој ќе Ти служи. А остави ми го, предај ми го, па ќе видиш каков ќе биде, ќе видиш дали ќе Те благословува?

Па така, откако душата бива подолго време крепена и утешувана со Божјата благодат, таа отстапува од него и душата им бива предавана на искушенијата.

Тогаш доаѓа ѓаволот и ѝ нанесува илјадници маки, ја опсипува со очајание, лукави помисли и удари, за да ја ослабне и да ја оддалечи од надежта во Бога.

А благоразумната душа не ја губи својата надеж во Бога ни во несреќите, ниту во страдањата, туку го запазува она што ѝ било дадено; што и да ѝ биде направено, таа претрпува сѐ, и кога се наоѓа во илјада искушенија таа говори:

„И да умрам, нема да Го оставам Господа!“

247. Сите праведници оделе по стрмниот и тесен пат и до крајот Му угодувале на Бога. Авраам бил богат во Бога, а инаку се нарекувал земја и пепел (1. Мој. 18, 27).

И псалмопеачот Давид говорел за себе си. Сите што ме гледаа, ми се подбиваа, нишајќи ги главите, велеа:

„Тој се надеваше на Господа; нека го избави, нека го спаси, ако Му е угоден“ (Псал. 21, 7-8). И сите апостоли и пророци страдале и биле прекорувани.

И Самиот Господ, Кој е пат и Бог, Кој дошол на земјава не заради Себе си, туку за тебе, Кој станал за тебе образец за сѐ што е добро, – гледај, во каква понижност паднал; Бог, Божјиот Син, Царот и Царевиот Син доброволно прифатил да биде слуга;

Он дава лекарства што лекуваат, ги лекува ранетите, а и Он Самиот е како еден од ранетите.

248. Но, не занемарувај ја Божјата величественост кога ќе Го видиш надворешно понижен и сличен на нас; заради нас, а не заради Себе Си – Он се јавил таков.

Размисли: зар не бил Он понижен повеќе од сите во оној час кога сите викале:

„Распни Го!“ (Марко 15, 13) и кога народот се собирал од сите страни околу Него. Како што бива во овој свет кога некој владетел осудува злочинец, тогаш целиот народ се гнаси од него и го понижува, така и нашиот Господ и Спасител бил осуден на смрт и бил распнат – како човек бил осуден да умре.

Него фарисеите Го сметале за никој и ништо. И тогаш кога Го плукале в лице, кога Му ставале трнов венец на главата, кога Го удирале по образите, – сето ова ја надминало секоја мерка на унижување?

Зашто е напишано: „Грбот Свој го подметнав на оние што Ме бијеа, и образите Свои на оние што Ме удираа“ (Иса. 50, 6).

Па кога Господ примил толку подбивања, страдања и понижувања, колку повеќе треба да се смируваш ти, кој си по природа тиња и смртен и нема да направиш ништо слично на она што го направил твојот Господ.

Заради тебе Бог се смирил Себе Си, а ти не се смируваш заради себе си, туку се гордееш и се вознесуваш. Он дошол заради тебе да се подложи на тешкотии и слабости – за да ти даде тебе спокој, а ти не сакаш да се потрудиш и да пострадаш, за твоите рани да бидат залечени преку тоа. Нека е слава на страданието и долготрпеливоста Негова во веки!

249. Ако Бог одел на земјата, одел по тој пат, тогаш и ти треба да се угледаш на Него. По тој и таков пат оделе и апостолите и пророците.

И ние, ако сакаме да бидеме изградени врз темелот на Господа и апостолите, треба нив да ги подражаваме.

Зашто и апостолот говори со Светиот Дух:

„Ве молам, подражавајте ме мене, како што јас – Христа“ (1. Кор. 4, 16).

Ако ја сакаш славата од луѓето, ако сакаш да ти се клањаат, ако бараш да бидеш спокоен, тогаш ќе се оддалечиш од Божјиот пат. Ти треба да се сораспнуваш со Распнатиот, да страдаш со најголемиот Страдалник, за да се прославиш со Прославениот.

Апостолот вели: „Ако сме, пак, чеда, ние сме и наследници Христови, но само ако со Него страдаме, та со Него и да се прославиме“ (Рим. 8, 17). Зашто потребно е: да пострадаме заедно со Младоженецот и преку тоа да станеме соучесници и сонаследници Христови.

На никого не му е дозволено без страдања и по широк и лесен пат да влезе во градот на светиите – да се радува и да царува со Царот на бескрајните векови.

250. Дали на сатаната му бива допуштено само до извесна граница или тој може да нѐ искушува и да нѐ напаѓа колку што сака? Тој се устремува не само против христијаните, туку против идолопоклониците и против целиот свет.

Затоа, ако му е дозволено да напаѓа колку што сака, тој би ги уништил сите.

А зошто? Затоа што тоа е негова работа и тоа тој го сака. Како што казанџијата, кога ги става садовите на оган, ги загрева до извесна мерка, а не премногу, за да не останат недоправени или сосема да не бидат уништени, исто така, и оној што прави златни и сребрени работи, и тој го разгорува огнот толку, колку што е потребно, зашто ако го засили огнот премногу, тогаш златото и среброто ќе се стопат и ќе пропаднат.

И човековиот ум знае колку кој од неговиот добиток може да носи или да влечеː знае колку може да носи камилата и некое друго животно, и не ги претоварува.

И Бог ја знае човековата сила. Затоа во различна мерка им дозволува на непријателските сили да дејствуваат.

Изворː ДОБРОТОЉУБИЕ, Том I.

Пренесе Светланка Трајчева