Искушенијата, кои ги снаоѓаат луѓето по Божјо допуштање, кои се превознесуваат пред Божјата добрина и кои во својата гордост Го навредуваат Бога, се следнивеː

одземање на силата на мудроста, која ја имаат луѓето,

блудната помисла, која не дава спокој и која Бог ја допушта на нив за да ги смири во нивната гордост,

брзото раздразнување, желбата да биде сѐ според нивната волја,

расправањето со зборови, правењето забелешки,

срце кое омаловажува сѐ, потполна заблуда на умот,

хулата на Божјото име, безумните и достојни за потсмев мисли,

омаловажувањето на луѓето, неценењето на нивната чест,

нанесувањето на срам и подбивање од бесовите и,

на крајот, желбата да се близу до светот и да општат со него, непрестајно да говорат и да изговарааат неразумни зборови, секогаш да шират новости, па дури и лажни пророштва, како и да ветуваат повеќе отколку што можат да направат.

И ова се духовни искушенија.

Во бројот на телесните искушенија спаѓаатː болникави, многусложни, продолжителни и тешко излечиви слабости, постојани среќавања со лоши и безбожни луѓе, паѓање во раце на подбивачи, ненадејни препнувања и опасни паѓања, како и разорни случаи за нив и за нивните блиски.

Сето ова што го изложивме овде припаѓа во бројот на искушенијата поради гордост. Почетокот на овие се пројавува во човекот кога тој ќе почне во своите сопствени очи да се смета за мудар.

Сите овие тешкотии ги минува сообразно со усвојувањето на ваквите горди помисли. Колку имаш повеќе вакви искушенија, тоа покажува колку гордоста проникнала длабоко во тебе.

250. Има и еден друг вид искушенија. Тоа се искушенијата поради малодушност и недостиг на трпеливост.

Секоја тешка положба и секоја жалост, ако немаме трпеливост, водат кон двојно измачување, бидејќи трпеливоста во човекот ги одбива страдањата, а малодушноста е мајка на измачувањето.

Трпеливоста е мајка на утехата и сила која му дава широчина на срцето. Тешко може да најде човек ваква сила во своите страдања, без Божјата дарбина, која се придобива со постојана молитва и проливање на солзи.

Кога на Бога Му е угодно да го стави човекот во големи страдања, тогаш тој допушта човекот да падне во рацете на малодушноста. И тој ја раѓа силата на очајанието, кое ја победува неговата сила.

Тој тогаш чувствува дека неговата душа бива задушувана; ова е вкусување на пеколот, зашто од него потекнуваат илјада искушенијаː збрканост, раздразнетост, хула, жалење на својата сопствена судба, лоши мисли, преселување од една земја во друга и друго слично на ова.

Причината за сето ова е твојата мрзливост. Ти самиот не си се погрижил да се излекуваш од ова. Лекарството од сето ова е смиреното срце.

Без него никој не може да ја урне преградата на овие зла.

Сообразно со смиреноста се дава трпеливоста во страданијата;

сообразно со трпеливоста се олеснува тежината на жалоста и се дава утеха;

сообразно со утехата се зголемува љубовта спрема Бога;

а сообразно со љубовта, се зголемува радоста во Светиот Дух.

 

Бог не ги одзема искушенијата од своите слуги, туку им дава трпеливост во искушенијата, заради нивната вера и преданоста на Божјата волја.

Свети Исак Сирин

Претходна статијаЈас лично не поседувам свои пари. Тие ми се даваат…..! (свети Јован Кронштадски)
Следна статијаЗА ПОВЕЌЕ ДУХОВНА ХРАНА, ДА ДАДЕМЕ ПРИДОНЕС ЗАЕДНО!