Би сакал да истакнам уште едно својство на вистинската љубов, a тоа е подготвеноста на саможртвување или пожртвуваност.
Вистинската љубов е незамислива без пожртвуваност.
Меѓутоа, што е тоа?
За почеток одговорете ми најпрвин на прашањето дали одземањето на сопствениот живот е самопожртвување? На пример, човек изјавил некому љубов и бил одбиен. Животот изгубил смисла. Човекот си го дава животот за љубовта.
Самопожртвување ли е тоа? Кој мисли дека одговорот е „да” нека крене рака.
А сега оние што мислат дека одговорот е „не”.
Гледам дека повеќето од вас не се согласуваат co тоа дека одземањето на својот живот е самопожртвување. Навистина, самопожртвуваност е кога човек ќе се одрече од нешто свое, понекогаш дури и од својот живот, но тоа задолжително го прави заради друга личност.
Кога пак некој ќе изврши самоубиство заради, на пример, невозвратена љубов, присутно е нешто друго:
„На сите ќе им покажам колку страдам!”
Во чинот на одземањето на сопствениот живот нема грижа за другиот, од тоа на другите никогаш не им е подобро, тоа на сите ближни им донесува само страдање.
Тој чин човекот го извршува заради себе.
Сега ќе наведам неколку илустрации поврзани co темата самопожртвување, за да ви покажам какво е тоа.
Понекогаш самопожтрвувањето претставува голем, одлучувачки чекор.
На пример, мојата сопруга заврши училиште за диригенти (таа е диригент – раководител на црковниот хор). Неколку години се подготвуваше да стане диригент, долго време се школуваше, беше полна co планови за тоа како ќе основа хор, како ќе ги воспитува децата на парохијаните за идни пејачи во хорот на возрасните, итн.
Кога го започнавме служењето во Талдом сите планови постепено почнаа да се остваруваат. Меѓутоа, животот оди понатаму. Ни се роди првото дете, па второто, а потоа и третото.
И овде веќе силно се поставува прашањето: што да се прави?
Најважните служби, кога co хорот треба да управува најискусниот човек, се извршуваат во сабота и во недела. Дури и кога би сакале децата да ги носиме во градинка, пак ништо немаше да решиме, бидејќи во овие денови градинките не работат.
Немавме баби кои постојано би живееле co нас, Попадијата мораше да одбере: или на неколку години да го напушти хорот, или да бара други решенија, кои најверојатно би биле на штета на децата.
Секако, таа го напушти хорот, но зад тоа „секако” стои многу нешто. Да си кажеш себеси:
„Од денес ти веќе нема да бидеш диригент, ти си сега мајка и да се потисне во втор план она што многу години било во прв, не е воопшто лесно.
He му е лесно на човек да види како друг го зазема неговото место, да ги гледа неговите грешки, а нема можности да ги исправи. Секако, уште потешко е при тоа да не негодува во себе.
Меѓутоа, тоа е пример на видливо самопожртвување – одрекување од својата професија. Животот пo правило се состои од ситни искажувања на нашето самопожртвување.
Таткото во семејството цел ден стоел пред стругот. Размислувал само за тоа како
кога ќе си дојде дома ќе се одмори пред телевизорот, гледајќи го финалето во фудбал во кое игра неговиот омилен клуб.
Доаѓа дома, ја отвора вратата и… Миличок, те молам оди купи леб додека да го испечам пилето, потоа фрли го ѓубрето, кантата веќе е преполна и доведи ја Елена од градинка”.
Сите овие работи успева да ги заврши пет минути пред крајот на натпреварот. Да се стегне срцето и да се пропушти скоро целиот натпревар за да се направи сѐ што е потребно за семејството, исто така е самопожртвување.
Од вакви секојдневни „ситници” се состои семејниот живот.
Пренесено од книгата “Света тајна брак” Поуки на Православната црква за бракот и семејството
Подготви М. Даниловска