Во наше време жнее ѓаволот
СО ГРЕВОТ ИМ ЈА ОТВОРАМЕ ВРАТАТА НА ИСКУШЕНИЈАТА
Денес во светот има многу луѓе опседнати од ѓаволот. Ѓаволот жнее затоа што денешните луѓе му дале право на тоа и затоа страдаат од страшно демонско влијание. Некој точно рекол:
„Некогаш ѓаволот вртел околу луѓето, денес не врти! Добро ги насочил, па сега вели: ‘Среќен пат’, и луѓето сами одат!” Тоа е страшно!
Видете, демоните во земјата гадаринска /Лк. 8,26-33/ барале дозвола од Христа за да влезат во свињите, зашто свињите не им дозволувале и тие не можеле да влезат во нив. Христос им дозволил да влезат за да ги казни Израелците, на кои им било забрането да јадат свинско месо.
Старче, има и такви кои велат дека ѓаволот не постои.
Да, и мене некој ми рече: „Од францускиот превод на книгата Свети Арсениј Кападокиски исфрли ги оние делови што се однесуваат на ѓаволот, зашто европејците нема да го разберат тоа.
Тие не веруваат дека постои ѓаволот!” Гледаш, се’ објаснуваат со помош на психологијата. Кога би ги однесле демонизираните од Евангелието кај психијатри, тие насила би ги приклучиле на електрошок! Христос му ги одзел правата на ѓаволот да прави зло. Само кога човекот му дава права, тој може да прави зло. Кога некој не учествува во светите тајни на Црквата, им ја отвора вратата на искушенијата и станува подложен на демонското влијание.
Старче, како „се даваат права”?
Логиката (рационализмот), противречењето, тврдоглавоста, самоволието, непослушноста, дрскоста, тие се својства на ѓаволот. Сразмерно на тоа колку човекот ги има нив, прима макар и едно надворешно влијание. Кога ќе се очисти душата, во човекот престојува Светиот Дух и тој се облагодатува. Но, кога ќе се зарази со смртниот грев, во него престојува нечистиот дух. Кога, пак, не е смртно заразен, се наоѓа под влијание на лошиот дух.
Во наше време, за жал, луѓето не сакаат да ги отсечат своите страсти, својата волја, не примаат совети. Затоа и зборуваат дрско и ја бркаат Божјата благодат. После, каде и да биде, човекот не може да напредува, затоа што е под влијание на демонот. Веќе е надвор од себе затоа што ѓаволот управува со него. Не е внатре, – Бог да чува! – но дури и однадвор може да управува.
Кога благодатта ќе го напушти човекот, тој станува полош и од ѓаволот. Всушност, некои работи не ги прави ѓаволот, туку остава да ги прават луѓето. На пример, не прави злосторства, туку остава да ги прави човекот. Така луѓето се демонизираат.
ИСПОВЕДТА МУ ГИ ОДЗЕМА ПРАВАТА НА ЃАВОЛОТ
Барем луѓето да одат кај духовниците да се исповедаат за да отстапи демонското влијание, па да можат малку и да мислат. Сега не можат правилно да мислат поради демонското влијание. Покајанието, исповедта му ги одземаат правата на ѓаволот. Не пред многу време (во јуни 1985 год.), на Света Гора дојде еден бајач и го загради, со колчиња и мрежа, целиот пат во околината на ќелијата.
Ако тука поминеше некој неисповедан, ќе му се случеше некое зло и немаше ни да сфати зошто му се случило тоа. Штом ги забележав тие мрежи, се прекрстив и влегов во нив; ги уништив. После бајачот дојде во мојата ќелија, ми ги откри своите планови и ги запали своите книги.
Ѓаволот нема никаква власт и никаква сила над човекот верник кој оди в црква, кој се исповеда и причестува. Само лае – „ав, ав” како некое штрбаво куче. Но над неверниот човек, кој му дава права, ѓаволот има голема власт. Може да го уништи; со заби ќе го растргне. Согласно правата што му ги дава душата, толкава е и власта што ја има ѓаволот над него.
Дури и кога некој ќе умре духовно „среден”, времето додека душата влегува на небото е како воз што брза, а некои кучиња трчаат отстрана и лаат “ав, ав…”, а други однапред и повторно лаат “ав, ав…”, а понекогаш по некое куче и му го пресекува патот. Но, ако не бил духовно „среден”, тогаш како да се наоѓа во воз кој не може да се движи брзо затоа што му се расипани тркалата и вратите му се отворени и влегуваат внатре и касаат.
Кога ѓаволот има големи права над човекот и кога го окружил од сите страни, тогаш треба да се најде причината за да може да му се одземат правата. Инаку, колку и да се молат други, ѓаволот не отстапува; го малтретира човекот.
Свештениците се’ повеќе и повеќе читаат егзорцизми, а на крајот тоа го плаќа човекот, бидејќи ѓаволот уште повеќе го мачи. Потребно е покајание, исповед, да му се одземат правата што му се дадени, а потоа ѓаволот ќе замине; инаку, човекот само ќе се измачува. Ден, два, недели, месеци, години читаат егзорцизми; кога ѓаволот има права, не отстапува.
ЃАВОЛОТ НЕ МУ СЕ ПРИБЛИЖУВА НА ЧИСТОТО БОЖЈО СОЗДАНИЕ
Старче, зошто сум поробена од страстите?
Ако човекот им ја отвори вратата на искушенијата, страстите го поробуваат. Она што го сака Бог, а што е корисно за тебе, тоа е да ги фрлиш сите свои страсти во лицето на ѓаволот. Односно, против него да ги насочиш гневот, тврдоглавоста…
Или уште подобро, продај му ги страстите на ѓаволот, па со добиените пари купи камења и каменувај го за да не ти се приближи. Обично, ние луѓето, даваме повод или поради невнимание или поради горди мисли, дозволувајќи му на непријателот да ни прави зло. Дури и една помисла или еден збор ѓаволот може да ги искористи.
Се сеќавам на едно семејство во кое владееше љубов. Одеднаш, мажот почнал да и’ вели на жената: „Ќе те оставам”. И жената му велела на мажот: „Ќе те оставам”. Тие си го велеле тоа на шега. Но, подоцна тоа го искористил искушувачот, создавајки некоја мала тешкотија и биле подготвени да се разведат; не мислеле ни на своите деца, ниту на нешто друго. За среќа, се нашол еден духовник, па разговарал со нив. „Зар поради овие глупости ќе се разведете?” – им рекол. И така се освестиле.
Ако човекот скршне од вистинскиот пат, од Божјите заповеди, страстите почнуваатда го напаѓаат. И ако некој им дозволи на страстите да го напаѓаат, ѓаволот нема потреба да го напаѓа. И демоните имаат „своја специјалност”. Го удираат човекот за да откријат од која болест, од која слабост боледува, за да го нападнат.
Треба да внимаваме да им ги затвориме вратите и прозорците на чувствата, да не им создаваме простор на искушенијата, па оттаму да влезе непријателот. Тоа се чувствителните места. Ако оставиш макар една гребнатинка, може да влезе и да ти направи штета. Ѓаволот влегува во човекот кога во неговото срце има кал. Не му се приближува на чистото Божјо создание.
Ако срцето се очисти од калта, непријателот заминува и повторно доаѓа Христос. Како што заминува свињата што нема да најде кал, така и ѓаволот не му се приближува на срцето во кое нема нечистотија. Што би правел во чистото и смирено срце? Значи, ако забележиме дека нашата куќа – нашето срце – почнува да се распаѓа и дека во неа престојува непријателот, треба веднаш да ја урнеме за да избега и нашиот лош потстанар, т.е. ѓаволчето. Зашто кога гревот престојува некое време во човекот, ѓаволот, се разбира, стекнува повеќе права.
Старче, кога човекот ќе им ја отвори вратата на искушенијата, живеејќи невнимателно, а сака да се доведе во ред, да почне да внимава на себе, дали ќе го напаѓа ѓаволот?
Кога ќе започне со пресврт, од Бога добива сила, просветување и божествена утеха за да може да почне. Но, штом ќе почне борбата, непријателот започнува против него жестока војна. Тогаш е потребно малку истрајност.
Инаку, како би се искорениле страстите? Како би се отфрлил стариот човек? Како би исчезнала гордоста?
Така човекот сфаќа дека сам не може ништо да направи, па смирено бара Божја милост и така стекнува смирение. Истото се случува и кога некој се обидува да отфрли некоја лоша навика, на пример цигари, дрога. Во почетокот чувствува радост и ги отфрла. Подоцна гледа други како пушат или нешто слично на тоа, па има жестока борба. Ако го надмине тоа, го свртува грбот без тешкотии. Треба малку да се потрудиме. Ѓаволот ја извршува својата работа. Зар и ние не треба да ја извршуваме својата работа?’
НЕ ТРЕБА ДА ЗАПОЧНУВАМЕ РАЗГОВОР СО ЃАВОЛОТ
Сите ние имаме наследени страсти, но, тие не ни нанесуваат штета. Тоа е исто како некој кога ќе се роди со црна бемка на лицето. Таа му дава убавина, но ако се чепка, од неа може да настане рак. Не би требало да му дозволуваме на ѓаволот даја чепка нашата слабост затоа што ќе настане „рак”.
Треба да сме духовно храбри, да го презираме ѓаволот и сите негови злобни телеграми – помисли и не треба да започнуваме разговор со него – кога би се собрале сите адвокати, не би излегле накрај ниту со едно единствено ѓаволче.
За да ги прекинеме врските со ѓаволот и за да ги избегнеме искушенијата, многу помага прекинувањето на разговорите со него /ѓаволот/. Ни се случило ли нешто? Ни направија неправда? Не’ нагрдија? Да се испитаме себеси дали сме згрешиле во нешто. Ако не, тогаш сме добиле плата.
Не треба да одиме понатака. На оној што го продолжува разговорот со ѓаволот, тој после му „плете чипки” и го вознемирува. Го наведува човекот да ги испитува работите според ѓаволскиот закон и прави се повеќе да подивува.
Се сеќавам, Италијанците, кога се повлекоа, во шаторите оставија многурачни бомби и цела планина барут. Луѓето доаѓаа и ги земаа шаторите. Децата си играа со рачните бомби и, колку од нив, кутрите, на тој начин настрадаа. Да си играат со рачни бомби!
Зар сакаме на ист начин да си играме и со ѓаволот?
ќе продолжи…
Подготви М. Даниловска