БОГОЈАВЛЕНИЕ

Во денешното евангелие, на службата од Водокрст, читаме дека свети Јован Го крштева Христос.

Истото го гледаме и на иконата на Богојавление. И сѐ е тоа точно и побожно.

Но, што уште можеме да видиме и сфатиме покрај или позади тоа што го гледаме и читаме?

Прво да си одговориме на ова прашање:

Како Богочовекот Христос со Своето крштевање би ги осветил водите, ако Он не е Истиот и што осветува; а ако Он осветува што ќе Му е крштевање?

Да, Он е Тој што осветува и Нему не Му треба никакво осветување, а сѐ прави за наше спасение – Он е Тој што прв нѐ возљуби.

Затоа, Он се крсти од свети Јован во водите на реката Јордан, а на самиот Јован Крстител и на сите нас ни овозможи да се крстиме со вода и со Светиот Дух, Кој само и единствено заради нас слезе.

Он се крсти во водата, а водата и сѐ создадено, сета твар, се освети и возобнови – повторно стана погоден материјал за совршување на Светите Тајни.

Нему Му се отворија небесата, а на нашето срце му се овозможи да стане влез и седиште на Царството Небесно.

Гласот на Отецот од небесата за Него сведочи: „Тој е Мојот возљубен Син и на Него е Мојата милост“, а на сите нас восиновување ни благовести.

Да, Бог се јави како Света Троица, а вистински Човек ни се покажа – како Црква.

Митрополит Струмички Наум

На Богојавление 2014 г.

Претходна статијаНема да имаме време за Бога!
Следна статијаБог ни се јави – радувајте се! (Отец Гаврил)