СОБОР НА СВЕТИОТ АРХИСТРАТИГ МИХАИЛ И НА ДРУГИТЕ БЕСПЛОТНИ СИЛИ
УТРЕНА
Тропар, глас 4.
Архистратизи на небесните воинства, ние недостојните постојано ве молимеː со вашите молитви заштитете нѐ, под кровот на крилјата на вашата слава невештествена, пазејќи нѐ нас кои прилежно пред вас се поклонуваме, и кои викамеː Од неволи избавете нѐ, како началници на вишните сили.
Канон на бесплотните сили, творба на монах Јован, чиј акростих еː
Да торжествуваме, богомудри, похвала на соборот на бесплотните. Глас 8.
Песна 1.
Ирмосː Песна да Му запееме на чудниот наш Бог, Кој од ропство го ослободи Израилот, песна победна пеејќи и викајќиː Тебе, единствениот Владика, да Ти пееме.
Сите верни, да Ја воспееме Незаодната Троица, Која ги управува сите невештествени чиноначалства на горните хорови, викајќиː Свет, Свет, Свет си, Боже Седржителу.
На почетокот од Твоите дела, Создателу, ти си ја ставил бестелесната природа на ангелите, за да го окружува Твојот Божествен престол и да Ти пееː Свет, Свет, Свет си, Боже Седржителу.
Радувај се, Гаврииле, тајновидецу на Божјото воплотување, и Михаиле – началнику на невештествените чинови, непрестајно викајќиː Свет, Свет, Свет си, Боже Седржителу.
Богородиченː Треперам пред тајната на Твоето снисходење, Христе, оти, како Бог по природа, си прифатил да се родиш како човек од Дева, за да го спасиш светот од ропството на непријателот.
Друг канон, творба на истиот Јован монах. Истиот гласː
Песна 1.
Ирмосː Фараонот, кој беше на чело на борбените коли, Мојсеевиот жезол, во она време, на чудесен начин го потопи, кога (Мојсеј) со него напарави крст и ја раздели водата, а го спаси Израилот кој одеше пеш и на Бога песна Му пееше.
Дојдете, со песни соборно да ги прославиме духовните хорови на бесплотните чинови, како служители Божји, кои непрестајно се молат за наше спасение, и се радуваат на нашето покајание.
Предизбраните и светли водачи и началници на ангелите, денес ги побудуваат бесплотните умови да го прослават празникот на нивниот светол спомен; а со нив се радуваат и луѓето, принесувајќи ѝ песна на (Света) Троица.
Ние, луѓето, духовно да се развеселиме денес со ангелите, бидејќи Гавриил, и сега на Црквите им благовести единство, и пораз на сите противни ереси, во спомен на архистратизите.
Богородиченː Ти Го раѓаш Оној што ја надминува природата, Пречиста, Словото Очево, Кој се всели во тебе преку Духот Свети, Кој има две природи и две волји, а во една ипостас неизменливо, чиј лик ние Го целиваме.
Катавасијаː Ќе ја отворам устата моја, и со Дух ќе се исполни, и збор ќе ѝ кажам на Мајката Царица, и ќе се покажам светло торжествувајќи и, радувајќи се, ќе ги воспеам нејзините чудеса.
Песна 3.
Ирмосː Стравот Твој, Господи, всади го во срцата на Твоите слуги, и биди ни тврдина нам, кои вистински Те призиваме.
Бесмртен (Господи), Ти си ги поставил силните, кои секогаш стојат пред Тебе во висините, со крепост да ја извршуваат Твојата сесвета волја.
Од ангелите, кои го благовестија Твоето воплотување и чесно воскресение, Христе, прими го нивното за нас молење.
Како милостив, Христе, Ти си ги поставил ангелите да бидат пазители на луѓето, и си ги покажал служители на спасението на Твоите угодници.
Богородиченː Неискажливо си Го зачнала Господа и Спасителот, Богоневесто, Кој ги избавува од опасности оние што вистински те призиваат.
Друг канон.
Ирмосː Ти си тврдина на оние што приоѓаат кон Тебе, Господи, Ти си Светлина на помрачените и духот мој Те воспева.
Нам, кои верно те славиме, Михаиле началниче, ти ни се покажа како прв меѓу ангелите, и втора светлина на (Света) Троица.
Со зракот на божествената благодат, Гавриил верно ја исполни сета земја, откако го благовести Божјото пришествие во тело.
Верните, што го славиме вашиот спомен, божествено просветлете нѐ, вие двајца светлозарни невештествени (архангели), и покажете нѐ достојни за нашите песни.
Богородиченː Исаија го воспева твоето надумно раѓање, Пречиста! И јас го воспевам, за да примам очистување како него.
Седален, глас 8.
Михаиле и Гавриле, архистратизи на божествената слава, водачи на небесните, високопрестолни и страшни началници на ангелите, со сите бесплотни сили!
O, служители на Господа! За светот непрестајно молејќи се, испросете ослободување од нашите прегрешенија, и да најдеме милост и благодат во судниот ден.
Слава, и сега, богородиченː Богоблагодатна чиста благословена, поради милосрдието и штедроста на Оној што се роди од тебе, со вишните бесплотни сили и архангели, непрестајно моли Го, пред крајот, милостиво да ни даде прошка на гревовите и поправка на животот, и да нѐ помилува.
Песна 4.
Ирмосː Ти си седнал на коњи – апостолите Твои, Господи, и со Твоите раце си ги фатил уздите нивни, и Твоето јавање стана спасение за оние што верно Ти пеатː Слава на силата Твоја, Господи.
Си седнал на ангелите како на коњи, Човекољупче, и со Твојата рака си ги фатил нивните оглавници, и Твоето јавање стана спасение за оние што викаатː Слава на силата Твоја, Господи.
Твојата добродетел ги покрива ангелите, Човекољупче, и со Твојата беспочетна слава ги исполнува краиштата на земјата, кои со нив Ти викаатː Слава на силата Твоја, Господи.
Си дошол, Штедри, за спасение на Твоите луѓе; а Твоите сили, Христе, ги викаш пријатели, и Твоето пришествие стана веселие за оние што верно Ти пеатː Слава на силата Твоја, Господи.
Богородиченː Натприродно се покажа Дева и Мајка, Сечиста, зашто Го роди Христа, Кој е Бог и човек истовремено. Нему ангелските чинови со страв Му викаатː Слава на силата Твоја, Господи.
Друг канон.
Ирмосː Ти си моја крепост, Господи, Ти си моја и сила. Ти си мој Бог и радост моја. Без да ги оставиш прегратките на Отецот, ја посети нашата сиромаштија. Затоа со пророк Авакум Ти викамː Слава ѝ на Твојата сила, Човекољупче!
Победник на силата во Ерихон се покажа, на прво место, големиот архистратиг Михаил, водачот на ангелите, кој му се јави на Исус Навин кога тој се бореше; примајќи сила од него, слугата на Господа го освои градот и ги заплени непријателите.
Некогаш началникот на бесплотните сили, великиот Гаврил и вистински божествен архангел, му се јави на првосвештеникот Захарија, носејќи му ја радосната вест за едно дете; а гласот на Словото, Јован, кога се роди, на својот татко му го врати говорот.
Денес радосно се веселат сите краишта на земјата, празнувајќи го чесниот спомен на Твоите архангели, Боже, – божествениот Михаил и богомудриот Гавриил; со нив се радуваат и сите ангелски чинови, зашто светот се запазува со нивната заштита.
Богородиченː Единствена чиста си останала и по раѓањето, и се покажа единствена немажена, Богородице Дево, која со млеко Го хранеше вистинското Слово на Отецот, Кое го прими нашиот облик на слуга, преку Светиот Дух. Почитувајќи го Неговиот видлив изглед, ние го почитуваме ликот на Невидливиот.
Песна 5.
Ирмосː Мене, кој постојано блудам по патот каде што се губат душите, од ноќта на незнаењето, врати ме на патот на Твоите заповеди, Господи, преку светлината на Твоето Богопознание.
Ангелските сили непрестајно Те слават, Христе, носени постојано од незадржлива желба кон височината – кон Тебе, Кој си крајната желба на сите.
Со Твојата благодат, Христе, духовните песнословци на Твоето Величество ги направи нераспадливи по природа, откако ангелите ги создаде по Твој образ, недостижен (Господи).
Бидејќи се близу до Тебе, Христе, Твоите слуги си ги запазил да не клонат кон злото, зашто Ти си Изворот на благоста, и со неа ги исполнуваш оние што Ти служат достојно.
Богородиченː Умртвената моја душа од страсти одвратни оживи ја, Сенепорочна, која Го роди пазителот на Животот, и кон вечната патека и блажен живот насочи ја.
Друг канон.
Ирмосː Зошто ме отфрли од Твоето лице, Светлино незаодна, и мене бедниот ме покри необична темнина! Но, се молам, обрати ме и, кон светлината на Твоите заповеди, патиштата мои насочи ги.
Кога вражалецот Валаам не сакаше да се покори на неискажливите и божествени чудеса, ангелот се јави на неговата магарица на патот и страшно го укориː животното, кое по природа е бесловесно, го покжа разумно, а неговата разумна природа стана бесловесна.
Кога Петар беше фатен и беше во затворот, се јави ангел Божји и го избави од рацете Иродови, и од веригите и од смртта. Затоа дојдете сите, да ги прославиме мудрите ангели, како божествени пазители на душите.
Ангели и архангели, божествени сили Божји, со вашите присни молитви кон Бога, прекратете ги војните и делбите, црковните ереси и сите соблазни, и нас во мир запазете нѐ.
Богородиченː Ние Те знаеме како еден Бог во две природи, со две дејства и волји, кои се неслиени; Син Божји, Кој прими тело од жена, и Чиј лик го почитуваме на иконите.
Песна 6.
Ирмосː Ти Самиот го всели Јона во китот, Господи! И мене, врзаниот во мрежите непријателски, како него, од гибелта спаси ме.
Со Твојот Збор, Господи, од небитие си ја привел во битие природата на небесните бесмртни воинства, правејќи ги слични на Твојата светлина.
Бесплотни (сили), вие станавте тајници на Божјата слава, вистински граѓани на небото и на божествената скинија, на Творецот достојно служејќи Му.
Хоровите на бестелесните духови, непрестајно Те фалат Тебе, Сине Божји, и Те слават како Творец и Создател на вселената.
Богородиченː Оној што во висините беспочетно седи со Отецот, Пречиста, се удостои да легне во Твоите прегратки; Он нека нѐ помилува нас, твоите слуги.
Друг канон.
Ирмосː Очисти ме, Спасе, од многуте мои беззаконија и, се молам, од бездната на злото изведи ме. Кон Тебе повикав, и услиши ме, Боже на моето спасение.
Со страв да ги издигнеме нашите души над материјалната распадливост, со валкани усни, со песни да ги прославиме нематеријалните ангели, како оган и пламен, и светлина.
Умртвете ги страсните бури, архангели, и со нив смирете ги бранувањата против верата, свети архангели огновидни на (Света) Троица.
Архангели Божји, началници на бесплотните, запазете нѐ од секаква ерес со вашето застапништво, начлнику Михаиле, и Гаврииле – архистратизи.
Богородиченː Ти се покажа доброволно воплотен од утробата на Немажената, иако си бесплотен како Бог, Христе, и стана носител на тело како човек. Тој лик ние верните го почитуваме.
Кондак, глас 2. Самогласен.
Архистратизи Божји, служители на божествената слава, на ангелите началници, и на луѓето наставници, просете го за нас она што е полезно, и милост голема, како бесплотни архистратизи.
Икосː Бесмртен Човекољупче, Ти си рекол во Твоето Свето Писмо дека мноштво ангели се радува на небесата кога еден човек се кае. Затоа, Единствен Безгрешен, Кој ги знаеш срцата, се осмелуваме секогаш да Те молиме, како Милостив, да нѐ помилуваш, и нам, недостојните, да ни дадеш смирение и прошка, зашто Тебе Ти се молат, за сите нас, бесплотните архистратизи.
Песна 7.
Ирмосː Еврејските момчиња во печката пламенот смело го изгаснаа и огнот во роса го претворија, викајќиː Благословен си, Господи Боже, во вековите.
Нематеријалната природа на Твоите ангели, Штедре, си ја покажал светла, непрестајно исполнувани со неискажлива светлина, кои викаатː Благословен си, Боже, во вековите.
Илјадници ангели, не можејќи да Го гледаат лицето на Оној, пред Когошто стојат непрестајно и Му служат, викаатː Благословен си, Господи Боже, во вековите.
Со Твоето ипостасно Слово си ја создал ангелската природа; откако си ја осветил со Божествениот Дух, си ја научил да Го благословува Бог – Троица, во вековите.
Троиченː Созерцавајќи ги Трите Ипостаси, го славиме неописаното суштество на Отецот, Словото и Духот, викајќиː Благословен си, Господи Боже, во вековите.
Друг канон.
Ирмосː Младите момчиња, од Јудеја во Вавилон некогаш дојдени, со вера во Света Троица, пламенот во печката го изгаснаа, пеејќиː Боже на татковците, благословен си.
Со хоровите на бесплотните, дојдете и сите луѓе, да се поклониме во овој празничен ден, славејќи го споменот на мудрите архангели Христови, пеејќиː Свет, Свет, Свет си, Боже на нашите татковци.
Авраам, кој Го видел Бога, и славниот Лот, во она време угостија ангели и со нив разговараа, викајќиː Свет, Свет, Свет си, Боже на нашите татковци.
На доблесниот Маној, и на премудриот Товит, им се јавија ангели, како награда за нивното достојно живеење; во она време ангел им се јави и на младите момчиња во огнената печка и го изгасна пламенот.
Богородиченː Според (Светите) Отци, ние исповедаме, Исусе, дека Ти си ја примил од Дева целата наша природа без променаː со две природи, но со една ипостас, чиј лик, изобразен на иконите, ние верно го почитуваме.
Песна 8.
Ирмосː Господа, Кој се прослави на гората света, и со огнот во капината на Мојсеј му ја откри тајната на Приснодева, пејте Го и превознесувајте Го во сите векови.
Да го подражаваме животот на ангелите, и мислите да ги впериме кон висините, и со нив духовно да Го прославиме Господа, пеејќи Му и превозносејќи Го во сите векови.
Членовите на небесните хорови, окружувајќи го престолот на славата, секогаш се свртени кон Богаː Нему ангелите Му пеат, и Го превозносат во сите векови.
Се поклонуваме на (Света) Троица – која ветровите ги прави весници, и слугите свои пламен огнен, кои непрестајно служат во висините – и Ја славиме во сите векови.
Богородиченː Оној пред Кого на небесата, со треперење, стојат илјадници ангели и архангели, Него си се удостоила да Го носиш во своите прегратки, Богородицеː Моли се да се спасат оние што Го слават Него во сите векови.
Друг канон.
Ирмосː Халдејскиот мачител, седумпати повеќе од обично, ја разгоре печката за благочестивите момчиња, но кога ги виде спасени од некоја повисока сила, на Творецот и Избавител Му викашеː Благословен си, Господи Боже, во вековите.
Архангелот Михаил е началник на ангелите, но со него посветло се слави тајникот на благодатта – Гавриил, чесниот заложник за Дева, војвоодата на бесплотните, кој достојно им ја објави радосната вест на оние што викаатː Луѓе, превозносете Го Христа, во сите векови.
Откако ги види ангелските чинови во различен облик, Езекил веќе ги опишувашеː меѓу нив се наоѓаат шестокрилните серафими и ги окружуваа многуоките херувими; меѓу нив ги гледаше и светлите архангели, кои Го славеа Христа во сите векови.
Откривајќи го Твоето страшно доаѓање при Твоето второ пришествие, Даниил пророкувашеː како беа поставени престоли и Стариот (по денови) седеше; потоа воведе илјадници ангели, кои со страв стојеа пред Него, и со непрестајни гласови ѝ пееја на Троица во сите векови.
Богородиченː Словото, едносушно со Отецот и со Духот, раѓајќи се доброволно од Дева, благоволи да се покаже со истата природа како и нашата, без да ги меша еден со друг елементите на ова чудесно единство, бидејќи Он се покажа една личност во две природи, на чиј лик ние сега се поклонуваме.
Песна 9.
Ирмосː Ти си ги надминала законите на природата, кога Го зачна Создателот и Господа, и за светот стана врата на спасениетоː затоа, Богородице, непрестајно те величаме.
Тебе, Христе, Кој неискажливо ги соедини земните, и направи една Црква од ангелите и од луѓето, непрестајно Те величаме.
Ангели и архангели, престоли, власти и господства, начала и сили, херувими и серафими, со Богородица, за светот молете се.
Михаиле и Гавриле, кои се покажувате застапници за сите, посетете ги оние што од љубов го почитуваат вашиот сепразничен спомен, и кои верно пеаатː Спасувајте нѐ од секакви опасности.
Богородиченː Радувај се, света Богоневесто! Радувај се, бедему и покрову на сите нас, и Бога, како добротвор, за сите нас непрестајно моли Го.
Друг канон.
Ирмос. Ние, спасените преку тебе, Дево Чиста, навистина те исповедаме за Богородица, со бесплотните хорови величајќи те.
Михаиле и Гавриле, први меѓу бесплотните се покажавте како борци за спасение на болните, патниците на море, и оние што се во опасности.
Како водач ангелски и тајник Божји, Гаврииле, кој ликуваш заедно со божествените сили и престоли, на Спасителот за нас моли му се.
Како чувари на светот и на Црквата, и чиноначалници на вишните сили, Спасителот за нас помолете Го.
Богородиченː Еднодушно те славиме, Богородице, бидејќи нѐ спасуваш од неволи и страсти, и ги исполнуваш нашите молитви, кога се работи за наше добро.
Светилен.
Архистратиже на огнените слуги, Михаиле, од Отецот си примил да бидеш застапник на светлините. Затоа го имаш и сјајот на Неговата слава, престојувајќи околу пречистиот престол, како прв меѓу нематеријалните чинови.
Славаː
Божествен архистратиже и преславен Михаиле, постојан началнику пред Бога на невештествените сили, архангели и ангели, господства, престоли и начала, кој стоиш близу до престолот на Бога; заштити, сочувај, запази и спаси ги сите кои те почитуват со вера, тебе застапникот за светот.
И сега, богородиченː
Ти си почесна од славните херувими, Сепеана, и неспоредливо пославна од страшните серафими, и посвета од сите ангели, Пречиста; зашто неискажливо Го роди по тело Создателот на сите, Богородице! Него моли Го, на твоите слуги да им дарува разрешување на гревовите.
Изворː ИЗБОР на месечни и празнични богослужби. Прв том, Септември – јануари (препев и превод од црковнословенски јазик протојереј – ставрофор Јован Таковски).
– Битолаː Преспанско-пелагониска епархија, 2008.
Подготви: Светланка Трајчева